Предговор за стрипот за пророк Илија |
15.02.2011. | |
Седмиот број од циклусот „Библиски настани“ е посветен на светиот пророк Илија. Роден е во градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин. Уште при неговото раѓање, неговиот татко видел ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Ова било предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него. Целата младост тој ја поминал во богомислие и молитва, честопати повлекувајќи се во пустината, за да може во тишина да размислува и да се моли. Во тоа време еврејското царство било разделено на два нееднакви дела: Јудиното царство опфаќало само две племиња, Јудиното и Венјаминовото, со престолнина во Ерусалим, а Израилевото царство ги вклучувало останатите десет племиња со престолнина во Самарија. Со првото царство владееле потомците на Јеровоам, слуга на Соломон. Најголем судир пророкот Илија имал со израилскиот цар Ахав и со неговата изопачена жена Језавела. Зашто тие им се поклонувале на идолите и го одвраќале народот од служењето на единствениот и жив Бог. Згора на тоа уште и Језавела, којашто била Сиријка, го наговорила мажот ì да подигне храм за сирискиот бог Ваал и да одреди свештеници за тој лажен бог. Со големи чуда Илија ја покажа силата и власта Божја: го затворил небото, па немало дожд три години и шест месеци; спуштил оган од небото и Му запали жртва на својот Бог, а жреците на Ваал тоа не можеле да го направат; симнал дожд од небото со својата молитва; чудесно ги умножил брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и го воскреснал нејзиниот умрен син; му прорекол на Ахав дека кучињата крвта ќе му ја лижат и на Језавела, дека кучињата ќе ја изедат, што и се случило; и многу други чуда извршил и настани предвестил. На Хорив разговарал со Бога и во тивкиот свеж ветрец го чул гласот Божји. Пред да се вознесе го зел Елисеј и го одредил за наследник во пророчката служба; со својата наметка го пресекол Јордан; и најпосле бил земен на небото во огнени кочии со огнени коњи. На Тавор заедно со Мојсеј Му се јавил на Господ Исус Христос. Пред крајот на светот Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот (Отк. 11). Службата на пророкот не се состои само во тоа, да претскажува идни настани, или да открива тајни нешта. И тоа е дел од овој Божји призив, но пророкот пред сè е чувар на вистинската вера, човек кој го одвраќа народот од заблудите и лагата, и го насочува кон Бога, и кон здравото учење, кон вистинската вера. Во Стариот завет се појавиле многу пророци, чија што мисија била, да ја зачуваат верата на народот неизвалкана, и да го подготват народот за доаѓањето на Месијата, Спасителот Господ Исус Христос. Неговата проповед била проследена и со многу чудеса: имал власт над природните стихии, воскреснал мртовец, ја разделил водата со својата наметка, на крајот се вознел на чудесен начин на небесата, земен на огнена кочија. И пророштвата кои ги дал додека бил жив, буквално се исполниле. Денес, за жал, народот го заборавил значењето на поимот „пророк“ и за такви ги смета многуте бајачи и гатачи, кои со своите магии, гатања, баења, лажни претскажувања го замајуваат народот, разболувајќи го душевно и телесно и погубувајќи го духовно. Таквите феномени се појавуваат онаму каде што нема здраво верување, каде што народот се оддалечил од Бога и од својата Света православна црква. Непознавајќи ја својата вера, луѓето ги мешаат верувањето и суеверието (празноверието), па како некогаш Израилот, се поклонуваат на разни божества, или култни личности и идоли. Најчесто како аргумент и поткрепа за нивната вистинитост ги земаат од нив извршените чуда, лечење на тешки болести итн. Но чудата не се секогаш аргумент. Знаеме од Стариот завет, во времето на Мојсеј (2. Мој. 7 гл.) како лажните свештеници со ѓаволска помош правеле чуда, слични на оние извршени од Мојсеја, но на крајот, пак, чудата на Мојсеј натежнувале, затоа што биле вистински. И денешниве бајачи прават чуда со помош на ѓаволот, сè со цел да ги излажат и одвратат луѓето од Црквата, и тие да им се наметнат како врховни авторитети, од кои треба да зависи нивниот живот. И така, кога еднаш ќе отидеме кај некој бајач, и тој ќе ни „помогне“, ние со тоа му ја отвораме вратата од нашата душа на ѓаволот, и автоматски стануваме негови робови, паѓаме под демонската власт на бајачот, притоа сметајќи го него за светител и наш добротвор. И секогаш, кога и да имаме некој проблем, болест, па дури и за најбанални работи, веднаш се обраќаме кај таквите демонизирани личности, кои наместо риба ќе ни дадат змија, наместо леб – камен, наместо мед – пелин. Но за да има ефикасност нивната лага, тие мораат сето тоа нивно богохулење да го завиткаат во црковна обланда, да го засладат отровот со малку мед. Па така, во нивните домови гледаме икони, кандила, крстови, и неуките и наивни луѓе, кога ќе ја видат таа глетка, која ги потсетува малку на црква, се залажуваат и им веруваат. Велат: „Тој човек работи со икони, тие му кажуваат што да прави!“ Но, тоа не е точно. Иконата, како и секој предмет си има своја правилна употреба (црковна) и злоупотреба. Иконата, заради личноста која е насликата на неа, може да биде чудотворна, и исцелителна, но може да биде и смртоносна, на пр. ако удрите некого со икона по главата. Токму за таква, ѓаволски лукава злоупотреба, се работи и во случајот со бајачите, гатачите, јасновидците, толкувачите на соништа, разните исцелители итн. Светата Црква е чувар на вистинската вера, и само во неа може да има вистински чуда, вистинско исцелување, вистински светители. Сè што ни се случува во животот е по Божја промисла и допуштање, и има длабока смисла и поука, која Бог сака да ја сфатиме во животот. Затоа, секогаш кога имаме некоја мака, болест, проблем, да се обратиме најпрво со молитва кон Бога, да Го молиме Бог да ни открие зошто ни се случува тоа, да размислиме и да го преиспитаме нашиот живот, дали живееме угодно на Бога или не; дали можеби Бог ни испратил некое искушение за да ја испита нашата вера, или за да нè укори, или за да нè вразуми, за да не станеме полоши. Да ги отфрлиме од нашиот живот сите тие погоренаведени измамници, кои, како што вели народот, „ни продаваат магла наместо волна“, и да се обратиме во Црквата кон Христос, нашиот Спасител и Бог, и да Го бараме Него, со Него да зборуваме во молитва, Нему да Му ги кажуваме нашите маки и страдања, и од Него да очекуваме помош, заштита и утеха, а Он е добар и милостив, и нè љуби нас луѓето како вистински чедољубив родител, па затоа и ќе нè слушне и ќе ни помогне. Наше е да внимаваме на своите дела, зборови и помисли, да ги насочуваме кон Бога, и, како и светите пророци да ја изучуваме и чуваме нашата Света православна вера чиста и неизвалкана. Господов благослов на сите вас Митрополит повардарски Агатангел (Станковски) |
< Претходно | Следно > |
---|