Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Кон делото на Станија Узунчева - проф. П. Златески
Кон делото на Станија Узунчева - проф. П. Златески
9.02.2011.

            „Бог препеан во Библијата и во житијата на светиите“ е насловот на ова поетско дело, чиј автор е г-ѓа Станија Узунчева.

            Секое име, според латинската сентенција „nomen est omen“ треба да ја изразува содржината и суштината на поимот. Насловот на книгава, исто така ни говори за тоа што е содржано во неа.

            Г-ѓа Станија Узунчева својата вера и љубов ги примила уше од свои најрани години и целиот свој живот го посветува во примерно, благоугодно и молитвено прославување на Бога. Исто така, и љубовта кон книгата и читањето се нејзина одлика уште од најрани години. Нејзиниот живот е уметнички, поетски и со одредена доза на музикалност, и читајќи ја оваа поетска творба ќе забележиме дека авторот во неа ужива и се претопува во поетските стихови.

            Единствено поезијата, за разлика од другите останати литературни видови и жанрови, ја има моќта, покрај влијанието врз интелектот, силно да влијае и врз чувствата на човекот.

            Како што е напишано и во самиот наслов, книгата содржи два главни дела: и тоа првиот – Бог препеан во Библијата и вториот – Бог препеан во житијата на светиите.

            Библијата од секогаш била светски бестселер! Ниту една друга книга ни од далеку не може да ѝ се приближи во однос на мудроста, поетската убавина, историската важност и исполнетите пророштва. Кога ги читаме страниците од Библијата ни изгледа дека пораките во неа како да се пишувани за нас, за нашите сопствени умови и срца, кои ја одразуваат нашата гордост, напата суета, нашите предрасуди, неуспеси, понижувања, гревови, болки и сл. Некои критичари на Библијата, кои правеле подлабоко нејзино истражување, откриле дека тоа што во некои изданија на Библијата има одредени противречности, дошло од погрешно преведување, а не дека има грешки во самата Библија. На Библијата не ѝ е потребно поправање, тоа му е потребно на човекот. Некој некогаш рекол: „Библијата не треба да се поправа и да се препишува, туку да се препрочита.“

            И затоа, кога ја читаме оваа поетска творба на г-ѓа Узунчева, можеме да откриеме уште нешто што би можело да го обогати нашето библиско знаење.

            Вистинските авторитети се почитувани и сакани. Почитта ја задобиваат со добрите дела кои ги прават,  а љубовта ја стекнуваат со нивниот однос кон другите луѓе. Таков авторитет ужива токму и авторот на ова извонредно дело на г-ѓа Станија Узунчева.

            Бог во ова дело е претставен во целиот негов сјај и со сите најпозитивни атрибути како Создател и Промислител за светот, а Неговата љубов кон човекот е круна на Неговото совршенство. На патријархот Мојсеј му се јавил и му открил дека Он е Оној Кој вечно постои, Јахве, Бог Саваот. Он е достоен за сите пофалби и прославувања од ангелите на небесата и еднакво величан, почитуван и славен од луѓето на земјата, еден и вечен Бог, Троица, Сесвета и неразделна. Он е беспочетна, сесвета светлина, семоќна и благотворна сила и безусловна љубов. Создател и Седржител на сѐ, на сите сили, сите тела и на сите созданија. Вечен владика, Промислител, Дарител и Спасител. Со разумот го утврдил царството на небесата и сѐ устроил со премудрост прекрасно и вечичествено.

            Богочовекот Исус Христос Синот Божји воскресна од мртвите и се вознесе на небесата и седи во вечната слава од десно на Отецот. Сите ангелски сили со песни Го фалат, а и на земјата луѓето торжествено Го прославуваат.

            Сјајно е опеана и Мајката Божја, која Го роди Богомладенецот Христос, Пресвета Дева Марија – извор на неизмерна Божја милост, единствената жена со најсовршена духовна и телесна чистота. Таа е наш извор на светлина, живот и вечно спасение.

            Архангел Михаил и архангел Гаврил, заедно со останатите ангели, испеале торжествена песна на Севишниот: „Свет, свет, свет Господ Саваот! Полни се небото и земјата со Твојата слава.“ Свети архангел Гаврил, благовесникот на Божјите тајни и Неговата милост, на луѓето секогаш им носи благи вести и неизмерна среќа. На Пресвета Дева Марија ѝ се јавил со зборовите: „Радувај се благодатна, благословена си ти меѓу жените!“

            Еден голем дел од песните овде, авторот посветил и на попознати библиски личности. Господ Исус Христос за свој прв апостол го повикал апостолот Андреј, кој ревносно го проповедал Евангелието во пределите на Византија, Тракија и Русија, а дошол и кај нас во Македонија.

            Евангелистот Матеј болести лекувал, духови изгонувал и мртви воскреснувал. Мисионерел во Сирија, Мидија, Азија и кај нас во Македонија. Во неговото Евангелие се запишани Христовите зборови: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!“

            Апостолот Марко им бил помошник на апостолите Петар и Павле во Рим и е основоположник на Црквата во Египет. Во своето Евангелие тој пишува за Господ Исус Христос и за Неговите проповеди, за воскресението на мртвите, за чудесните исцеленија и за Христовите поучни беседи.

            Евангелистот Лука е роден во градот Филипи во Македонија По воскресението Господово бил на пат за Емаус, Го видел Господа и се исполнил со голема радост. По совет на апостолот Павле, Лука напишал Евангелие во кое ги опишал сите вистини за Христовиот живот, Неговите чудеса и настани. Во Делата на светите апостоли, чиј автор е исто апостолот Лука, се опишани настани за Христовото вознесение и за слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и за многу апостолски дела, чудеса, исцеленија и нивните страдања.

            Евангелистот Јован Богослов го проповедал Евангелието до крајот на својот живот, во кое сведочи за царството Божјо со сите библиски вистини. Евангелието го напишал со возвишеност и едноставност за љубов, слава, суд и живот. Тој ни посведочува дека Господ Исус Христос е Слово Божјо, Логосот, очекуваниот Месија – најавуван преку пророците и посведочен од свети Јован Крстител. Продуховен, тој основал цркви, народ покрстил и со чудеса многу луѓе исцелувал.

            Апостолот Петар како карпа бил силен со својот дух. Кога Господ Исус Христос прашал: „Што мисли народот, Кој сум?“ Петар одговорил: „Ти си Господ, Син на живиот Бог, Месија.“ Тогаш, Господ му рекол: „Ти си камен и врз тебе ќе ја подигнам Црквата. Од Царството небесно клучевите ќе ти ги дадам и сѐ што ќе биде сврзано на земјата, ќе биде сврзано и на небото.“

            Апостолот Павле, гонејќи ги христијаните, Бог го направил маченик. Тој е избран сад Господов преку кого ќе бидат спасени многу народи. Цркви основал, црковен клир избирал и поставувал, апостолите на братољубие и пожртвованост ги упатувал. Дошол и во Македонија и ја проповедал Христовата блага вест и напишал 14 посланија.

            Во книгава опеани се и други библиски личности, но за нив сега нема да говориме. Нив ќе ги оставиме да останат како предизвик за читателите, тие сами да го откријат нивното величие.

            Покрај библиските личности, во својот труд авторот, на еден многу суптилен начин, препеал и голем број светители, или поточно речено оние светители кои ги доживува како постојани застапници пред Бога. На пример: сесловенските просветители Кирил и Методиј, нашите свети Климент и Наум Охридски, свети Петки, пророкот Илија, свети Николај Чудотворец, свети Димитриј Мироточиви и други светители.

            И на крајот, последниот дел од книгава ни посведочува дека ова дело не е само една обична книжевна творба, туку дека тоа е вистинска слика на виртуелното живеење на авторот, која молитвено се обраќа на Бога и Пресвета Богородица и постојано се моли на пророците, на ангелите и светителите.

            Благодарам!

 

Доц. м-р Петко Златески

 
< Претходно   Следно >