Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна
    
  Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image
 


Наречение за новоизбраниот епископ Лешочки г. Јосиф
22.10.2012.

 Sample Image

На 21. 10. 2012 година, по Божја промисла и за радост на сите македонски православни верници, а со одлука на Светиот архиерејски синод на Македонска православна црква - Охридска архиепископија во предвечерието на празникот на преподобна Пелагија во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје беше извршено Наречение на новоизбраниот епископ на МПЦ-ОА г. Јосиф (Пејовски).

На овој свечен и радосен чин присуствуваа голем број на верници и свештенослужители од сите епархии на МПЦ кои со голема духовна радост ги пречекаа, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и сите архиереи на Светиот синод.

Пред трпезата на љубовта која беше поставена на средината во храмот епископот Хераклејски г. Климент ја објави одлуката на Светиот синод со која е избран архимандритот г. Јосиф (Пејовски) за викарен епископ на Полошко-кумановската епархија со титула епископ Лешочки. Притоа новонаречениот епископ Јосиф им се придружи на останатите архиереи на трпезата на љубовта.

 По наречението се отслужи вечерна богослужба со која чиноначалствуваше  наречениот епископ Лешочки г. Јосиф во сослужение со преподобните монаси и останатите свештенослужители.

Нека Господ,  епископе Лешочки г. Јосифе, Ви  даде сила, љубов и мудрост да продолжите  да го пазите довереното Ви   од Бога  стадо.

На многаја лета !

•    текст- Константин Павлевски

•    фото- Ратислав Кардалев

 
Покров на Пресвета Богородица
15.10.2012.

 

Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 

 

На празникот Покров на Пресвета Богородица, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој празник, во велешкото село Каратманово.

Покров на Пресвета Богородица

Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите претстателски молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните. Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати. Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше Св. Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение Св. Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се ужаснувам!“ Заради ова се востанови ова празнување, за да нѐ потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја.

 
Осветување на извори на вода
12.10.2012.

 

Sample Image

 

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ОСВЕТУВАЊЕТО

На 11 октомври, денот на народното востание на македонскиот народ, Митрополитот Повардарски г. Агатангел благоволи и изврши осветување на изворите на вода на компанијата „Кожувчанка“ во областа Васов Град на планината Кожуф и во непосредна близина на селото Мрежичко каде и се наоѓа фабриката на оваа компанија. На овој свет чин присуствуваа сопствениците на оваа компанија, градоначалникот на Општина Кавадарци,г-дин Александар Панов, како и претставници од институциите од градот Кавадарци. 

 
Пожар во Согленскиот манастир
8.10.2012.

 

Sample Image
 
 Sample Image
 
 Sample Image

 

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Возљубени браќа и сестри!

 

Со огромна тага и голема болка во душата би сакале да Ве известиме дека на 7 октомври 2012 г., некаде околу 19. 30 часот, изби пожар во комплексот на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Согле, при што целосно изгоре стариот манастирски конак, кој зафаќаше површина од приближно 500 метри квадратни.

Причините за избувнувањето на пожарот сé уште не се целосно познати, но се претпоставува дека можна причина за пожарот е дотраената електрична инсталација. Од утрово, претставници од надлежните државни институции, предано почнаа да работат на утврдување на точните причини за избувнување на пожарот.

Инаку, манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Согле се наоѓа на 30 километри југозападно од Велес, поточно во месноста наречена Азот, каде припаѓаат и селата Богомила, Бистрица, Ореше, Теово итн. Манастирот е подигнат некаде кон крајот на XIV и почетокот на XV век. Во периодот од 1850 до 1855 година биле реновирани старите конаци и манастирската црква. На 25. 08. 2007 г. беше поставен камен-темелник за изградба на нови конаци, кои беа завршени, осветени и пуштени во употреба на 12. 08. 2012 г. 

Овој манастир има огромно историско значење и особено придонесувал за духовниот развој и зацврстувањето на идентитетот на македонските православни христијани од Азотскиот крај.

Во периодот на комунистичкиот режим, манастирот бил оставен на милост и немилост на разните временски стихии, сé до 2007 година, кога со благослов и огромно залагање на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел се обнови монашкиот живот во овој манастир.

Со обновата на духовниот - монашки живот, под закрила на чудотворната икона „Св. Богородица Согленска“, која е прочуена во целата наша татковина, на балканските простори, па и пошироко, каде многу наши мајки и сестри ги добиле и своите први рожби и со изградбата на нови манастирски конаци, манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ од с. Согле повторно стана духовно светилиште и училница на здравата православна духовност, како за жителите на Азотско, така и за сите оние добронамерни посетители.

Би сакале да Ве известиме дека доколку сакате да помогнете, односно да учествувате во обновата на стариот конак од манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ од с. Согле истото можете да го сторите на жиро-сметката на МПЦ-Повардарска православна епархија во НЛБ Тутунска банка бр: 210040688821322, со цел на дознака: за обнова на стариот конак во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ - с. Согле, или да се обратите за информации во седиштето на МПЦ-Повардарска православна епархија на ул. „Ѓоре Органџиев“ бб - Велес или да нé контактирате на телефон 043/ 221 - 231.

 

Ви благодариме, Господ нека ги награди и благослови сите обновители и украсители на Неговите светилишта.

 

 
Хиротонија на епископот Велички г. Јосиф
8.10.2012.

 

Sample Image

 


Низ целата многувековна историја на едната наша света и соборна апостолска Црква, епископот ја носел светата должност да биде пастир на овците Христови, како што нашиот Господ Исус Христос му оставил во завет на апостол Петар, велејќи му: „Паси ги јаганцата мои!“ А за да може достојно да го исполнува ова свето послушание кон Христа и Неговата света Црква, тој треба да биде образец за божествената љубов, послушанието и смирението. Токму затоа Црквата одредила вистински расадник за нашите духовни пастири да бидат монашките обители, каде идниот епископ учи да го љуби ближниот дури и повеќе од себеси, имајќи Го во срцето Бога над сè. Во духот на ова свето предание, Бигорската монашка обител, која родила голем број монаси-преродбеници, духовни учители, меѓу кои и преподобните отци наши Анатолиј и Партениј Зографски и со тоа го дала својот бесценет удел во духовното и културно будење на нашиот славјански народ, сега одново му ја принесува на Македонската Црква својата рожба, предавајќи го на света епископска должност во служба на народот. Духовно роден низ молитвите и солзите на својот старец, архимандрит Партениј, и воспитан во светоотечкото предание, низ секојдневните подвизи и духовни борби во монашкиот живот на Бигорската света обител, нашиот отец и собрат Јосиф денес го прими на себе достоинството на епископскиот чин, заветувајќи се дека до самозаборав ќе се грижи за духовното преуспевање на своето стадо. Смирено стоејќи пред огромното мнозинство верници во преполнетата „Света Софија“ Охридска, тој нè потсети уште еднаш на големото значение што овој храм отсекогаш го имал за славната Охридска Архиепископија и со голема љубов упати благодарност до преблагиот Господ, Неговата пречиста Мајка, славниот Претеча и, секако, до својот духовен татко, како и братството и сестринството, некогашниот негов надлежен архиереј, митрополитот Тимотеј, Неговото Блаженство, г. г. Стефан и останатите архиереи на САС на МПЦ-ОА, за големото достоинство со коешто беше овенчан.

Обраќање на Неговото Блаженство, г. г. Стефан, до новоустоличениот епископ

Пристапна беседа на Неговото Преосвештенство, епископот Велички, г. Јосиф.

 

Преземено од сајтот на Бигорскиот манастир

 

 
Наречение за новоизбраниот епископ Велички г. Јосиф
8.10.2012.

 

Sample Image

 

На 6. октомври 2012 година, во Охрид во Свети Климентовиот храм на Плаошник, се изврши чинот на Наречението на архимандритот Јосиф од Бигорскиот манастир со што тој и официјално стана викарен епископ на поглаварот, г.г. Стефан во Скопската епархија.

Чинот познат во православната црква како наречение, или објавување на веста пред верниците е прв чекор пред хиротонијата или ракополагање во епископски чин. Се практикува на тој начин што во состав на вечерната литургија, сите членови на Синодот организираат заедничка вечера по примерот Тајната вечера, во која со вино и леб го примаат како свој рамноправен брат новиот член на највисокото црковно тело.

Архиепископот Стефан пред аримандритот Јосиф да седне на масата ја прочита одлуката на Синодот за неговиот избор, а тој возврати со одговор:

- Ја прифаќам и не се противам, преосвештени владико - рече Јосиф.

 

Потоа следеше заедничкa вечерна богослужба.

Архимадритот Јосиф е дванаесетиот член на Синодот. Доаѓа од Бигорскиот маснастир и ќе биде викарен епископ на скопската епархија.

 
Повеќе...
<< Почеток < Претходна 21 22 23 24 25 26 27 Следна > Крај >>

Резултати 875 - 912 од 998