Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна
    
  Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image
 


Источен Петок - Балаклија
10.04.2012.

 

Sample Image

 

Sample ImageБалаклија, односно Источeн Петок е денот што духовно го обединува градот Велес и неговите жители. Овој ден се прославува како слава на градот Велес, при што центарот на празнувањето е манастирскиот комплекс „Св. Димитриј“ и околните цркви „Св. Петка“ и „Св. Никола“.

И оваа како и сите години наназад, Велешани масовно ги посетија овие три христијански храмови. На овој ден, Митрополитот Повардарски Агатангел, во манастирот „Св. Димитрија“, во сослужение со свештенството од велешкото намесништво, отслужи Света Божествена Литургија, а во предвечерјето на празникот чиноначалствуваше со Вечерната Богослужба.

 

Манастир св. вмч. Димитриј 

 

М

анастирот „Св. Вмч. Димитрија“ се наоѓа во самиот агол на реките Тополка и Вардар. Над манастирот сè уште стојат урнатините од стариот пеонски град Вила Зора. Манастирот е изграден за верските потреби на населението од Стар Велес, кој можеби тогаш служел како градска црква. Во секој случај постанокот на манастирот датира од постаро време, за кое ни сведочат извесни историски податоци, запишани од повеќе патеписци, историчари, археолози и раскажувања на постари луѓе. Но, како и да е, предност за постанокот на манастирот му се дава на средновековието. Судејќи по архитектурата на манастирот изгледа дека тој потекнува од времето кога Македонија се наоѓала под српска власт во XIV век. Се претпоставува дека во овој период манастирот бил само обновен и зголемен, а не и одново изграден. Но манастирската црква главно останала во ист стил како што бил првобитниот храм, што се гледа од еднокорабната базилика, вообличена во крст. Денешната манастирска црква спаѓа меѓу храмовите со еднокорабни постави.

Од жестоките гранатирања на турската артилерија во 1385 г., на утврдениот град Велес, манастирот „Св. вмч. Димитриј“ бил затрупан и целосно заборавен неколку векови.

Откривањето и откопувањето на манастирот било во 1855 г. и се случило на следниов начин. На околу стотина метри од манастирот на десниот брег од р. Вардар постоела воденица во која што работел дедо Петре Здравев. Тој преку ноќта кога спиел имал видение: му се јавувал св. вмч. Димитриј, кој му велел да отиде кај градските првенци и да им каже оти на сон светителот му се јавил и барал да се откопа затрупаниот манастир. Така во 1855 г. бил раскопан полуразрушениот храм а потоа доѕидан и реконструиран, а со покривот го добива својот денешен изглед.

Основата на манастирот „Св. вмч. Димитриј“ почива на четвороаголна основа со триаголна апсида. Црквата е од средна големина. Ѕидовите се дебели околу 0,75 метри. Внатрешноста е поделена на три нееднакви големини - делови. На западната страна, над главниот влез се издигнува т. е. наоѓа камбанарија која што е изградена на основа на квадрат и висока е околу 11 метри. Храмот има три влеза од кои двата се на северната страна, а третиот е на западната страна. Над северните врати се наоѓа фреска на Св. вмч. Димитриј насликана врз постара фреска на Св. Богородица. Над олтарот е триаголна асиметрична апсида со еден мал прозор на средина. Манастирската црква е многу темна. Има два мали прозори на северниот ѕид.

Оваа градба главно е ѕидана со бигор и цигли кои што наизменично се редени, а помеѓу нив има дебел слој на малтер. Јужниот ѕид е ѕидан од груб камен.

Внатрешноста на црквата е поделена на многу правоаголни полиња кои што се исполнети со фрески. Овој живопис претставува чекор назад во црковната ликовна уметност затоа што боите се едноставни, груби, со големи контрасти. Скоро на секоја фреска на нејзиното дно е напишан нејзиниот дарител. Во најгорниот дел на живописот е животот на Господ Исус Христос кој почнува со Благовештение а завршува со Воскресението. Во другите редови се наоѓаат фрески со ликовите на: светители, пророци, апостоли и маченици. Олтарот е преграден со дрвен иконостас, има две врати и тоа северната странична и царските двери. Последнава е изработена во 1872 г. и има   убав дрворез. На дрвените икони кои се распоредени на иконостасот е прилепен дебел картон на кои со мрсни бои се изработени икони. Покрај фреската на Св. Гаврил Лесновски се и ликовите на преподобниот Арсениј и Св. Стефан“.

Во дворот на манастирот има повеќе објекти со различна намена. Манастирот поседува конак. Во дворот на манастирот има чешма со питка вода која извира некаде од ридот Голик.

Улогата на манастирот од самата негова појава, во животот на Велес била голема, без оглед дали со него раководеле монаси или пак, мирско настојателство. Во однос на економската положба на градот, манастирот „Св. вмч. Димитриј“ секогаш со своите финансиски можности му помагал на населението. Во XIX век само за издржување на градските училишта манастирот годишно донирал по 30.000 гроша, а пак на султанот му плаќал по 50 лири. Поседувал плодна земја која се обработувала. Се сееле житни култури, афион, памук. Имал лозови насади и овоштарник. Манастирот имал и свои воденици на реките Вардар, Топлока и Бабуна. Исто така манастирот поседувал и голем богат сточен фонд (овци и кози). Во XIX век во дворот на манастирот се организирал традиционален панаѓур. Денес славата на манастирот „Св. вмч. Димитриј“ е на денот на светителот на кој е посветен, а манастирот најмногу е посетен на Источен петок (Балаклија), првиот петок по Велигден, затоа што првично манастирот бил посветен на Животворниот Извор (Источник) на Пресвета Богородица. На порталната фреска, над влезот од храмот, се оставени двете фрески како две половини, една врз друга, (од св. Димитриј и од пресв. Богородица) за да се гледа дека овој манастир првично бил посветен на Пресвета Богородица, па дури подоцна е посветен на свети Димитриј. И денес на овој ден, верниците од Велес и Велешко во огромен број го посетуваат манастирот.

 

Источен Петок – Балаклија

(Се слави во првиот петок по Велигден) 

 

В

о Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор.

Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го загубил патот и не можел да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одвел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука, блиску“. Лав, вчудовиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“.

Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на царот Маркијан (391-457).

Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалезен камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица.

Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата.

Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт. Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш сè додека не се напиеш од Мојот извор“. Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано“. Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир.

Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага. Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму.

Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година.

За време на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којашто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“.

Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кој беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.

 

 
Воскресение Христово
10.04.2012.
  Sample Image

 

Sample Image

 

Најрадосната вест за православните христијански души, веста за Воскреснието на нашиот Спасител, Господ Исус Христос беше објавена точно на полноќ  во сабота спроти недела низ сите храмови ширум светот.

Милиони верни души ширум целиот свет извикуваа „Навистина Воскресна“!

Централната прослава на празникот над празниците во Повардарската епархија, беше одржана во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, каде Митрополитот Повардарски г. Агатангел ја објави најторжествената и најрадосната вест на Православието.

Во продолжение на празникот беше отслужена Велигденска Воскресна Литургија, каде многубројни верни чеда чекаа до раните утрински часови да се соединат со Господ Исус Христос, примајќи ги Неговите Свети дарови.

Во неделата утрото, се отслужи Вечерна Богослужба со читање на Евангелието на десет разни јазици.

 

 
Велики Петок
10.04.2012.

 

Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image

 

На Велики Петок утрото, кога светата Православна Црква го слави погребението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, во храмот „Св. Спас“, со почеток во 07.30 часот, Митрополитот Агатангел во сослужение со клирици од Велес, ги отслужи Царските Часови и Вечерната богослужба, на која, како што е превидено според типикот, беше изнесена плаштаницата среде храмот. Верниот народ се поклонуваше и ја целиваше плаштаницата и потоа поминуваше под неа, затоа што, за да дојдеме до воскресение, најпрво мораме да поминеме низ гробот Господов - без распетие, страдање и погребение нема воскресение.

Исто така, во храмот „Свето Вознесение Христово“, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во вечерните часови на Велики Петок, во присуство на голем број верници чиноначалствуваше со богослужбата на Оплакување  на постраданиот и погребан Спасителот Господ Исус Христос на која беа прочитани  Пофални  песни на гробот Христов, односно Статии на Велики Петок.

 
Велики Четврток
10.04.2012.

 

Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 
Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image
 
 Sample Image   Sample Image

 

Со Света Василиева Литургија на Велики Четврток во храмот „Успение на Пресвета Богородица“  во Велес, започна празнувањето на торжествените празници кои му претходат на Христовото Воскресение.  Со Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство од Велес. По завршувањето на Литургијата беше извршен општ маслосвет, кој се прави за здравје и спасение и исцелување на духовните и телесните болести на сите верници. Митрополитот  го поучи насобраниот народ зошто се осветува ова масло и кога и како да го користи ова осветено масло.

На Велики Четврток вечерта, исто во храмот Успение на Пресвета Богородица “, со почеток во 18.00 часот, Митрополитот Агатангел во сослужение со клирици од Велес, отслужи утрена богослужба на која беа прочитани 12-те страдални евангелија во кои се опишани настаните поврзани со распнувањето и страдањата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („...Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам...“, Јован 14, 13 - 14).

Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на Црквата. Денот започна со Христовите последни поуки за карактерот на љубовта што треба да ја стекнеме ако сме Негови, Неговото смирение; се памти миењето на нозете на апостолите што го направи Сам: „Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13; 14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од бројот на Дванаесеттемина најблиски Христови ученици.

 
Излезе од печат „Православна Светлина“ бр. 21
10.04.2012.

 

Sample Image

 

В

о пресрет на торжеството над сите торжества, настанот кој носи радост во секоја човечка душа, настанот кој во себе ја содржи суштината на нашата вера, суштината и основата на христијанството и на нашето спасение, Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, излезе од печат Велигденското издание на списанието „Православна Светлина“.

Овој свет без Бога престојува во мрак. Но во тој мрак свети вечната светлина и темнината не може да ја победи. Затоа на денот кога го празнуваме Воскресението носиме запалени свеќи, за симболично да ја покажеме непобедливата сила Христова, која е светлина и живот. Светлината и животот секогаш одат заедно. Каде што има сонце, таму има и живот. Животот не може да опстојува во темнина. Така е и во духовниот свет - таму каде што има духовна светлина, таму каде што Евангелската светлина свети во душата на човекот, таму има и духовен живот, бесмртност, има трајни вредности, има светлина која од Бога излегува и која нè доближува до Него.

Токму во овој извадок од една беседа на нашиот Митрополит г. Агатангел е соджана смислата на постоењето на ова списание, кое има основна цел, содржана во неговиот наслов – „Православна Светлина“, да ја донесе Божествената Светлина во нашите срца и читајќи ги редовите содржани во него да нè доближат до Престолот на Севишниот, да се обидеме да станеме подобни на Бога и да се обидеме да се подготвиме колку што можеме подостојно да вкусиме од залогот за вечноста, за да го обезбедиме нашето спасение.

И во овој број, 21 по ред, во шестата година од неговото печатење,  стандардно, како и досега, обработивме  теми од нашата православна вера и живот и се надеваме дека и овој број ќе ја збогати Воскресната радост кај сите верници кои ќе го имаат во своите раце во овие торжествени денови, кои нè очекуваат.

Списанието е бесплатно и можете да го земете за време на претстојните Велигденски служби низ храмовите во Повардарската епархија.

 

 
Цветници
9.04.2012.

 

Sample Image
 

 

На денот кога го празнуваме споменот на влегувањето на нашиот Спасител Исус Христос во Ерусалим - Цветници, во сите поголеми храмови ширум Повардарската епархија беше отслужена Света Божествена Литургија. Митрополитот Повардарски г. Агатангел на покана на Митрополитот Брегалнички г. Иларион сослужуваше на Божествената Литургија во храмот „Св. Архангел Михаил“ во Виница со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а сослужуваше и надлежниот Митрополит г. Иларион, игуменот на Лесновскиот манастир Дамаскин и други свештенослужители.

Верниот православен народ  од денешниот ден го започнува чествувањето на најтешката седмица во историјата на човештвото, седмицата на Христовите страдања која уште се нарекува и „Страстна“. 

Цветници

В

легувањето на Исус Христос во Ерусалим откако го воскресна четиридневно погребениот Лазар е мигот на најмногубројното и најрадосното препознавање во Него Господ и Спасител. Исус влегува во престолнината на осле, според старозаветното пророштво. Ова е уште еден од многубројните знаци по кои би можеле да Го препознаат, но сепак овој знак не го разбраа ниту Неговите ученици. Многуброен народ наслушна дека ќе дојде, па го дочекаа со палмови гранчиња во рацете. Значи, ги слекуваа облеките од себе постилајќи ги пред Него и во восхит возвикнуваа вдахновено: Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово, Царот Израилев! Дури и некои од дојдените Елини на поклонение за Пасха пристапија и молеа да Го видат. Единствено свештенството и фарисеите се озлобија готвејќи се да Го погубат брзо, а мислеа да го убијат и Лазар кој сведочеше за Неговата сила и за Неговото Божество. И повторно Господ се труди да им го открие Својот идентитет на насобраните и да ги подготви за најблиската иднина и за смислата на оваа мисија и нејзините искушенија. Всушност, кога им сеобраќа со словото за Крстот, тие тогаш го губат знаењето за Него како за Цар и Христос, тогаш им се затвара умот за словото и за Писмата. Цветници се празнуваат во неделата пред Воскресение. Претставуваат сигурно најдраматичниот празник меѓу Дванаесетте големи празници на Црквата. Го ознауваат почетокот на најтешката седмица во историјата на човештвото, којашто аскетското трезвеноумно познание на човековата природа ја нарекува „Страстна“.
 
Повеќе...
<< Почеток < Претходна 21 22 23 24 Следна > Крај >>

Резултати 837 - 874 од 902