13.06.2019. |
Светата Педесетница - роденденот на светата Црква - денот кога Светиот Дух во вид на огнени јазици се симна врз апостолите и ги направи носители на благодатта Божја, создавајќи од нив свет собор на сите оние кои се повикани за спасение на тој начин што со својот живот и со своите дела ќе се вградат во телото на Црквата, секоја година свечено се прославува во сите православни храмови насекаде по светот. Света Божествена Литургија се служеше и низ сите храмови во Повардарската епархија, а централното чествување на првиот ден од Педесетницата се одржа во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, каде што Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија. По причестувањето на дел од верниците Митрополитот и свештенослужителите пристапија кон служење и на Вечерната богослужба, која во овој ден се извршува веднаш по Литургијата. По големот прокимен од страна на Владиката и свештенослужителите беа прочитани трите долги молитви предвидени за овој ден. Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта. |
|
7.06.2019. |
На празникот на Светото Вознесение Христово, во храмот посветен на Вознесението во Велес беше отслужена Света Божествена Литургија. На Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе клирици на епархијата. Традиционално, молитвено присуствуваа голем број верници од градот Велес. На Литургијата со празнично слово се обрати свештеник Драги Гаштарски. На почетокот на Литургијата, Митрополитот Агатангел благоволи и го потстрижа во чин чтец, богословот Бране Николов од Велес. По завршувањето на Литургијата беше осветена вода и беа осветени и прекршени празничните колачи. Со благослов на Митрополитот Агатангел неодамна започна, а пред празнувањето на Вознесението Христово успешно се заврши обновата на фасадата на црквата. Вознесение Христово Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак Го подзема носејќи Го на небото. Последните пораки што им ги дава се подготовки за Педесетницата. Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух. А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево? И Он им одговори: Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата (Дела 1, 4 - 8). И веднаш, додека гледаа како се крева на небото, двајца мажи во бела облека, всушност ангели, благовестеа за Второто доаѓање на Христос на земјата. Наспроти упатството да не умуваат околу времињата на овие настани, кои се во Божја власт, во првите години па и векови по Вознесението, христијаните очекуваа самите да бидат очевидци на земјата на славната Парусија Господова. |
|
5.06.2019. |
На 05. 06. 2019 година, се изврши осветување на камбаните за новата црква „Св. Јован Крстител“ во Велес. Осветувањето го извршија протоереј Борислав Бобевски, свештеник Игор Пармачки и ѓакон Бобан Ѓорѓиевски. Трите ѕвона произведуваат различен тон и заедно ќе продуцираат велелепни звуци со кои се надеваме со векови ќе се одбележуваат сите големи настани во Велес, било да се христијански, општински или државни празници. |
|
4.06.2019. |
На празникот на Светиот цар Константин и Светата царица Елена, во храмот посветен на овие светии во селото Миравци, беше отслужена Света Божествена Литургија. Со Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на клирици од гевгелиското намесништво на епархијата. На Литургијата присуствуваа голем број на верници од Миравци и околните места. Светиот цар Константин и царица Елена Родители на Константин му беа царот Констанциј Флор и царицата Елена. Флор имаше уште деца и други жени, но од Елена го имаше само овој Константин. Три големи борби имаше Константин кога се зацари: една против Максенциј, тиранин во Рим, друга против Скитите на Дунав и трета против Византинците. Пред борбата со Максенциј, кога Константин имаше голема грижа и се сомневаше во својот успех, му се јави сред бел ден блескав крст на небото, сиот закитен со ѕвезди, а на крстот стоеше напишано: „Со ова победувај!“ Восхитен царот нареди да му исковаат голем крст, сличен на тој што му се јави и да го носат пред војската. Со силата на Крстот тој стекна славна победа над бројно надмоќниот непријател. Максенциј се удави во реката Тибар. Веднаш потоа Константин го издаде прочуениот Едикт, во Милано, 313 година, за престанок на гонењата на христијаните. Откако ги победи Византинците, тој изгради прекрасна престолнина на Босфор, којашто оттогаш се нарече Константинопол. Но пред ова Константин западна во тешка проказна болест (лепра). Жреците и лекарите го советуваа да се бања во крв од заклани деца, но тој тоа го одби. Тогаш му се јавија Светите апостоли Петар и Павле и му рекоа да го побара епископот Силвестер, којшто ќе го излечи од страшната болест. Епископот го поучи во христијанската вера и го крсти и проказата исчезна од телото на царот. Кога во Црквата настана раздор заради смутливиот еретик Ариј, царот го свика Првиот Вселенски Собор во Никеја, во 325 година. Овде се осуди ереста, а се утврди Православието. Благочестивата мајка на царот, Света Елена, ревнуваше усрдно за верата Христова. Таа го посети Ерусалим и го пронајде Чесниот Крст Господов и на Голгота ја изгради црквата на Воскресението и уште многу други цркви по Светата Земја. Во својата осумдесетта година оваа света жена се престави кај Господ, во 327 година. А царот Константин ја надживеа мајка му за десет години и се упокои во својата шеесет и петта година, во 337 година, во градот Никомидија. Неговото тело беше погребано во црквата на Светите апостоли во Цариград. |
|
4.06.2019. |
Во Неделата на слепиот, и на денот кога Светата православна црква го чествува споменот на Светиот маченик Талалеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ваташа. Светиот маченик Талалеј Родум од Ливан, од татко Верукиј и мајка Ромилија; осумнаесетгодишно момче со прекрасен изглед, со коса црвеножолта. Лекар по занимање. Пострада за Христа за време на царувањето на Нумеријан. Кога храбро ја исповеда својата вера во Господ Христос пред мачителот, овој им нареди на двајцата џелати Александар и Астериј со сврдел да му ги дупчат колената, да му провлечат јаже низ издупчените коски и да го обесат за едно дрво. Но на џелатите како една невидлива сила да им го зеде видот и наместо Талалеј тие издупчија една штица и ја обесија на дрвото. Кога дозна за ова мачителот помисли дека тоа го направиле намерно и нареди да ги бијат. Тогаш Александар и Астериј повикаа: „Жив Господ, отсега и ние сме христијани, веруваме во Христа и страдаме за Него!“ Кога го чу ова, мачителот нареди и ги убија со меч. Тогаш самиот мачител зеде сврдел за да му ги дупчи колената на Талалеј, но рацете му премалеа, па мораше да го моли Талалеј да го спаси, а овој тоа и го стори со молитва. Потоа го фрлија во вода, но тој жив му се јави на мачителот. (Зашто Талалеј во себе Го молеше Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките.) Кога го фрлија на ѕверовите, тие се умилкуваа околу него и му ги лижеа нозете. Најпосле беше убиен со меч и се пресели во Царството Небесно, во 284 година. |
|
29.05.2019. |
Чествување на Св. Гаврил Епископ Велички Светогорец во Лесновската обител На 28. 05. 2019 година, на денот на канонизацијата на Св. Гаврил Епископ Велички Светогорец, св. Ахил Преспански, преп. Пахомиј Велики, Неговото Блаженство, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужение на Архимандритот на Лесновскиот манастир отец Дамаскин со браќата од манастирот, Игуменот Агатон и свештеници од МПЦ - ОА, отслужи Света Архиерејска Литургија. Со празнична беседа се обрати Неговото Блаженство г. г. Стефан, по што го освети новиот фрескоживопис во припратата на манастирот и го благослови празничниот леб. Информацијата е преземена од сајтот на Брегалничката епархија.
|
|
|