28.05.2019. |
На 25. 05. 2019 година, Повардарската епархија и Украинската амбасада во Македонија, поставија спомен плоча на протоереј-ставрофор Алексеј Моргуљ и неговата протопрезвитера Текла Моргуљ во дворот на црквата „Св. вмч. Георгиј“ во село Пирава. Спомен плочата ја освети Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Оваа спомен-плоча е во слава и чест на свештеникот и професор на поранешнето Богословско Училиште во Битола, протоереј-ставрофор Алексеј Моргуљ, како и на неговата протопрезвитера Текла Моргуљ, родум од Полтава и Одеса – Украина. Принудени да ја напуштат својата татковина од виорот на Октомвриската револоција 1918 година, животното патешествие ги довело во Македонија, односно во с. Пирава, каде целосно и посветено, долги години, му служеа на Бога, го проповедаа православието и несебично го помагаа секој кој бил во невоља. Верниците од село Пирава и од Пиравската парохија, летото Господово 2019-то, а по повод 40 години од нивното упокојување, со оваа спомен плоча, им оддаваат вечна слава и почит, со надеж дека нивното добро дело на идните генерации ќе им служи како добар и корисен пример. |
|
28.05.2019. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светите македонски просветители Кирил и Методиј се отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овие светители во Велес. На Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители од градот Велес. Свети Методиј и Кирил Рамноапостолни Родени браќа родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер помина десет години меѓу Македонските Словени. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (Константин). Но кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време се вратија во Цариград, каде што ја составија словенската азбука од триесет и осум букви и почнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт - а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година - неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент како епископ, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север. |
|
20.05.2019. |
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! На 19. 05. 2019 година, во четвртата недела по Пасха, недела на раслабениот, ден кога си спомнуваме за трпението, бевме сведоци како Бог ги услиша нашите молитви и врз нас богато ја изли Својата милост. Радоста на Воскресението беше зголемена со посетата на неговото блаженство митрополитот Скопски, архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г.г. Стефан, кој за нашиот параклис поклони дел од моштите на свети Јоаникиј Ракотински. На оваа радост се надополни уште една радост. Митрополитот Брегалнички г. Иларион, донесе дел од моштите на светиот епископ Гаврил Велички, кои исто така останаа во нашиот параклис. Во оваа радост се приклучи и нашиот возљубен ректорот, митрополитот Повардарски г. Агатангел кој ни донесе честици од моштите на свети Агатангел Битолски, свети Петар Атонски и еден непознат маченик. Моштите пристигнаа како благослов од САС на МПЦ-ОА, за сите богослови кои сега се образуваат во Богословијата, но и за сите идни генерации. Голема благодарност до сите архиереи, кои ја услишаа нашата молба и ги разбраа нашите потреби. На многаја лета! Веста е преземена од фб страницата на МПБ „Св. Климент Охридски“ Драчево
|
|
14.05.2019. |
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел на 11. 05. 2019 година се освети параклисот посветен на Света Петка во село Градец. Чинот на осветување го извршија архиерејскиот намесник од Гевгелија, протоерејот Љупче Миланов, епархискиот секретар протоѓаконот Влатко Стоименов и парохискиот свештеник протоереј Драги Дончевски, во присуство на верници кои дојдоа од повеќе населени места да присуствуваат на овој свет чин. |
|
6.05.2019. |
На празникот на Светиот великомаченик Георгиј - Ѓурѓовден, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој светител во населбата Отовица, во Велес. На Литургијата сослужуваа свештеници од велешкото намесништво на епархијата. На Литургијата присуствуваа голем број верници од Отовица кои традиционално го празнуваат Ѓурѓовден и како слава на местото во коe живеат. Присутните верници се причестија со Светите Христови дарови, а по завршувањето на Литургијата беше осветен и празничен колач за здравје и спасение на верниците. Светиот великомаченик Георгиј вој славен и победоносен светител беше роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострада за Христа, а мајка му се пресели во Палестина. Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта. Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави сѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите. |
|
4.05.2019. |
Државата Македонија, без одобрение и согласност од сопствениот народ, а со огромен притисок и залагање од надворешни фактори, го промени своето вековно име, по што веднаш следуваа промени на државните меморандуми, печатите и називите на институциите. Планот беше исполнет, но дојде на ред примената и употребата на новото име во секојдневниот живот. За успех на овој план е потребно да се има соодветна маса народ, што очигледно е невозможно вештачки да се набави. Хартијата трпи сè, но она што со векови е врежано во македонските битија е неизбришливо дури и за најголемиот моќник на овој свет. Затоа и се тажни и убедливо немоќни обидите за „пелтечење“ на новото име од државните претставници, па многумина од нив ја кријат својата немоќ зад старите накарадни и комични флоскули „нашата земја“ или „нашиот народ“, кои беа омилена алатка за понижување на Македонците од страна на многубројните амбасадори и заштитници на грчките интереси во светот, за чиј отворен фашизам беа дебело потплатувани. Ноторен факт е дека целата оваа нечесна операција се изврши со помош на манипулации, уцени, закани и заробување на јавното мислење. Но повеќе од јасно е и тоа дека тешко ќе успее промената на македонската сенародна свест, која низ вековите се навикнала правилно да се постави спрема најдрскиот и најсилен окупатор. Впрочем, ова не е одлика само на Македонците. Историјата ни сведочи дека мнозина во минатото правеле и посилни обиди да ја сменат човечката свест, мнозина вешто ги користеле присилата, манипулацијата, па ако сакате и науката, но и покрај цврстите репресии, успехот бил никаков и незначителен, бидејќи свеста во еден човек е неговото сопствено јас, а тоа, освен со физичка елиминација, нема друг начин да се отстрани. Досега, за среќа, таква напредна хирургија сè уште никој нема измислено и применето. Македонија, при процесот на нејзиното обезличување, изгуби речиси сè, ги изгуби своето достоинство, својата самопочит и својот надворешен углед, а одвнатре, меѓу сопствените граѓани, беше насадена и вкоренета недовербата кон нејзините водачи, без разлика дали доаѓаат од власта или опозицијата. Па, затоа, неприкладни и бадијала се и пофалбите од странските интересенти, и приказните за Нобелови награди, и фатаморганата за регионални лидери, и фалењето на нашиот интергалактички напредок, кога ние Македонците истите ги доживуваме како една обична и лицемерна политичка бесмислица на европските дипломати и кариеристи, кои промената на македонското име ја сметаат за свое големо достигнување, па затоа и со големи букви веќе си го запишале во своите политички животописи и подоцнежни мемоари. |
Повеќе...
|
|
|