Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна

 Sample Image
 

Возљубени,

Би сакале да Ве известиме дека од денес, 01. 06. 2022 година, документарно-биографскиот филм за Митрополитот Агатангел, „Печат на едно време“ можете да го гледате и на нашиот youtube канал.

  Линк до филмот: https://www.youtube.com/watch?v=TXOnztkGvT4


 


Осветување на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес
12.09.2017.

 

Sample Image

 Фото материјал следува во текот на утрешниот ден

Да се радуваме бидејќи подигнавме дом Божји

Домовите Божји, или црквите подигнати во слава на нашиот Создател, Промислител и Спасител, се голем дар и благослов Божји за луѓето кои се потрудиле и вложиле себеси да изградат живеалиште на Севишниот Господ Бог. Бог обитава во неговите свети домови, а тоа се црквите и манастирите. Но, исто така, Бог обитава и во сечие срце и душа кои се очистени, измиени и подготвени да Го примат како пријател, гостин и Спасител. Светите храмови се небесни светила поставени на земјата, кои нè осветлуваат, нè просветуваат и нè опоменуваат на каков начин треба да го живееме нашиот живот.

10 септември 2017 Лето Господово е денот кој Бог го благослови и го определи за осветување на таков дом Божји. На овој ден се освети велелепниот храм во Велес, посветен на македонските просветители и рамноапостоли, браќата Кирил и Методиј. Храм, кој се градеше 11 години, храм во кој е претставена сета Божја убавина, величие и торжественост. Овој Господов храм, несомнено ќе биде еден од најпосетуваните, централно место каде верниците ќе се радуваат на многу нови венчавки и крштевки. Радоста и гордоста се уште поголеми и позначајни бидејќи осветувањето на духовниот светилник, црквата „Св Кирил и Методиј“се случува во многу значаен момент. Ова е централниот настан со кој Повардарската епархија го одбележува големиот јубилеј годинава, 50 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Светиот чин на осветување на храмот го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Дамаскин, како и бројно свештенство и монаштво од сите епархии на Македонската православна црква. По чинот на осветувањето на со слово кон многубројниот присутен народ се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

По осветувањето на црквата, со одлука на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква Охридска Архиепископија, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ги додели следниве црковни одличија:

Орден од прв ред на Македонската православна црква за г. Кочо Анѓушев, Вице-премиер во Владата на Р. Македонија, за  големата поддршка во изградбата на овој храм;

Орден од прв ред на Македонската православна црква за Општина Велес, за исто така големата поддршка во изградбата на овој храм;

Покрај одличјата на Светиот Синод на Македонската православна црква, црковни одличија додели и Повардарската епархија, односно Митрополитот Агатангел и тоа ордени за црковни заслуги за: Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан; Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско - кичевски и администратор Австралиски и Сиднејски г. Тимотеј; Игумен Методиј Петров - манастир Валаам - Руска федерација; г-дин Кочо Анѓушев од Велес; г-дин Мите и г-ѓа Тања Јовановски; г-дин Аце Коцевски од Велес; г-дин Горан Петров од Велес; г-дин Славчо Чадиев од Велес; Зографска тајфа Св. Апостол Лукаод Скопје.

По чинот на осветувањето на храмот се отслужи и правата Божествена Литургија во него. Чинот на осветувањето на црквата молитвено го проследија многубројни вреници од Велес, но и од други градови, а не беше мал бројот на оние кои за овој чин допатуваа од други земји.   

Во предвечерјето на овој чин се отслужи Вечерна Богослужба со која чиноначалствуваше Митрполитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а присуствуваа Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Брегалнички г. Иларион. По завршувањето на вечерната богослужба со слово кон многубројниот присутен народ се обрати Митрполитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј , а во продолжение на настанот следуваше културно уметничка програма во која настапија црковните хорови на Повардарската епархија, „Св. вмч. Пантелејмон“ и „Св. Кирил и Методиј“, како и актерите Петар Темелков и Весна Димитрова-Бобевска со монолози.

Фактографија:

27. 04. 2006 година е одржан и првиот состанок на кој се потврдува и востановува иницијативниот одбор за изградба на храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес

01. 06. 2006 година Осветување на камен-темелник на Црквата

22. 02. 2009 година Осветување на камен-темелник на камбанарија

12. 08. 2009 година Осветување на камен-темелник на помошни простории

Архитектура: Проектот на храмот е дело на архитектот Тодор Паскали од Охрид, а доработката на некои  делови во црквата се изработени од тогашниот градски архитект Соња Пренџова од Велес.

Фрескоживопис: Зографска тајфа „Св. ап. Лука“

Иконостас: Љубомир Бисинов

Проект на камбанарија: Архитект Благој Здравев

Камбани: Ливница „Грасмаер“ Австрија

 

 
Послание на Митрополитот Повардарски г. Агатангел
9.09.2017.

Sample ImageВозљубени Велешани, драги духовни чеда,

Дојде најрадосниот ден за нас. Премудроста си изгради дом и ги утврди своите столбови. Го изѕидавме нашето најсвето и највозвишено место. Во него, како во богата ризница, го положивме целиот наш дух - сето наше знаење и умеење. Со многу труд и мака го устроивме храмот на торжественото велелепие, а со искрена љубов и со спасоносна трпеливост, дел по дел, слој по слој, го брусевме и сјаевме преубавиот духовен бисер кој вечно ќе го краси и обележува нашиот возљубен град. Оваа куќа на радоста со мудрост ја изградивме, со разум ја зацврстивме и со секакви добра и скапоцености умешно ја исполнивме. Погледна Господ на делата на нашите раце, ги благослови своите градители и нивниот труд, и се зарадува заедно со нас за ова Негово вечно пребивалиште.

Драги браќа и сестри Македонци,

Домот наш, нашето вредно светилиште, на цврстиот камен Христов го втемеливме, светикирилометодиевиот и светиклиментовиот печат врз него ги врежавме, за илјадници години, за век и веков, вечен дом на љубовта изградивме. Паметник возвишен, втемелен на македонско православие и духовност устроивме и на идните наши поколенија залог за радост и пофалба им оставивме. Не сме ние дрво без корен, ниту плодови без гранка во полето и градината на светот. Напротив, од светите сејачи на доблеста, од славните апостоли насадени бевме, а од македонските свети седмочисленици наукот го совладавме. Дуваа низ вековите страшните ветришта на злото и неправдата, надоаѓаа поројните води на уништувањето, го множеа злото и лицемерноста, ја косеа чедноста и убавината, ги кршеа младите гранки и ластари во нивниот процут и зародиш, но Господ Бог и Неговата Света Мајка Богородица во закрила нé зедоа. Штитот на трпението и мечот на правдата и љубовта ни го исковаа, на злото не со зло да му враќаме нé научија, на лошиот збор со благослов да словиме нé заколнаа. Еве, вака е задоен и со ваква спасоносна храна е воспитан македонскиот православен човек и секоја идна генерација Македонци од овој извор на жива вода се напива и од оваа трпеза на љубовта се нахранува. Темелот на неговото „јас“, на неговиот духовен и национален идентитет од овде започнува и врз неговата основа самиот себе и светот околу него го гради и надоградува. Ако Господ не го гради домот, напразно се трудат ѕидарите, ако Господ не го чува градот бадијала ќе бдее стражарот (Пс. 126, 1). Овие зборови на Псалмопевецот Давид длабоко се врежани во свеста и националното битие на македонскиот православен народ. Затоа тој, низ сите времиња и епохи, со огромна љубов и благодарност му возвраќа на добрината на својот Просветител.

  Sample Image

Повеќе...
 
Призив на Светиот Дух, Богословија
4.09.2017.

 

Sample Image

 

Sample Image „Без мене не можете да направите ништо“ вели Словото Божјо, па затоа секоја година во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево на почетокот на новата учебна година на Божествена Литургија на која присуствуваат сите ученици на Богословијата, се извршува чинот призив на Светиот Дух.

Овој чин се извршува за просветување и очистување на срцата и умовите на богословите за да можат преку подвижнички живот и со Божја помош да ја совладаат науката над науките и да дојдат до Богопознание.

На Божествената Литургија во параклисот во Богословијата во Драчево чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој е воедно и ректор на Богословијата, а во сослужение на голем број на свештенослужители, меѓу кои и свештениците-професори во Богословијата.

 
Успение на Пресвета Богородица, 2017
29.08.2017.

 

Sample Image
 

 Sample ImageНа празникот на Успението на Пресвета Богородица или како што уште го нарекуваме и Второ Воскресение, македонскиот народ повторно силно ја демонстрираше својата силна православна вера, својот вистински православен христијански дух, посетувајќи ги масовно храмовите низ целата држава, поклонувајќи се и просејќи благослов од Мајката Божја за застапништво пред престолот на Севишниот Бог. Недогледната колона од луѓе пред храмот на Успението на Мајката Божја во Велес, кои смирено го чекаа својот ред за да ја целиваат плаштаницата на Пресвета Богородица, поставена во средината на храмот, големиот број на верници кои молитвено го исчекуваа принесувањето на Светите Христови дарови за да се соединат со Христос, вистинскиот Бог, велелепните и ангелски звуци на црковниот хор „Св. Вмч. Пантелејмон“ од Велес, се моментите кои, на овој торжествен празник, во целост ни ја покажуваат вистинската димензија на православната вера, како единствен извор на нашата духовност и на нашето спасение.

Sample ImageЧествувањето во Велес, започна на 27. 08. 2017 со Вечерна Богослужба, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ на која служеа свештенослужители од градот Велес. Во  средината на храмот беше изложена плаштаницата, на која е изобразено погребението на Пресвета Богородица. Централниот настан на чествувањето беше Светата Божествена Литургија следниот ден со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на бројно свештенство од градот Велес. На 26. 08. 2017 (сабота), поради големиот број на верници кој го посетуваат храмот на Успението во Велес, беше отслужен Молебен со Акатист на Пресвета Богородица.

 
Преображение, 2017
23.08.2017.

 

Sample Image

 

Sample Image На големиот христијански празник, Преображение на Господ Исус Христос, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Неготино. На крајот на Литургијата, Митрополитот заедно со свештенослужителите пристапија на средината на храмот, каде што извршија осветување и благословување на грозјето.

 

 
Св. вмч. Пантелејмон, 2017
11.08.2017.

 

Sample Image

 

Sample Image На 8 и 9 август 2017 година, Велес го чествуваше споменот на својот патрон и заштитник, светиот великомаченик Пантелејмон. Oсма година по ред, чествувањето на овој празник беше одбележано и како празник на градот Велес, откако со одлука од Советот на град Велес, празникот на Светиот вмч. Пантелејмон почна да се чествува како официјален празник на градот, и покрај тоа што жителите на градот Велес неговата закрила ја чувствуваат многу одамна, за што сведочи и изградбата на Соборниот храм на Повардарската епархија, посветен на овој светител, по чии молитви, градот бил спасен од страшната чума која се појавила во XIX век.
Празнувањето започна со Вечерна Богослужба на која голем број верници од Велес молитвено го просеа застапништвото пред Бога од светиот вмч. Пантелејмон, нивниот закрилник. Празнувањето продолжи со Духовна академија на која најпрво присутните ги поздрави заменикот на  градоначалникот на општина Велес г. Петре Саздов, а потоа со пригоден говор до присутните се обрати Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Потоа следуваше настап на црковниот хор, кој исто така го носи името на патронот на градот, а по велелепните звуци од нашите хористи беше изведена монодрама за Велес на актерката Весна Димитровска-Бобевска.

Утредента на самиот празник, како централен настан на празнувањето, беше отслужена Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Неговот Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, како и бројно свештенство од целата епархија. На Литургијата присуствуваа голем број верници од Велес, а и по нејзиното завршување, не престануваа реки од народ да се движат кон Соборниот храм  за да му се поклонат на својот закрилник, светиот Пантелејмон.

Кратко житие на Светиот великомаченик Пантелејмон

Родум од Никомидија, од мајка христијанка и татко незнабожец. Мајка му се викаше Евула, а татко му Евсторгиј. Како момче ја изучи лекарската наука. Свештеникот Ермолај го повика кај себе, го научи на верата во Христа и го крсти. Пантелејмон чудотворно излечи еден слеп когошто другите лекари залудно го лечеле: го излечи со името на Христос и го крсти. Од завист лекарите го обвинија дека е христијанин, па Пантелејмон излезе на суд пред царот Максимијан. „Со телото застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред Царот небесен“. Тој слободно изјави дека е христијанин и пред очите на царот излечи еден фатен човек од долгогодишна болест. Ова чудо ги привлече кон Христа многубројни незнабожци. Царот го подложи Пантелејмон на маки, но Господ му се јави на светителот неколкупати и го избави цел и неповреден. Тогаш пострада и Свети Ермолај заедно со Ермип и Ермократ. Кога беше осуден на смрт, Пантелејмон клекна на молитва. Во тој миг џелатот го мавна со меч по вратот, а мечот се скрши како да беше од восок. И џелатот не можеше да го погуби додека светителот не ја заврши својата молитва и самиот не рече да го заколат. Неговите мошти станаа исцелителни. Свети Пантелејмон беше заклан под некоја маслинка, којашто потоа целата се закити со плод. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Семилостивиот Бог ја прими неговата праведна душа и го прослави меѓу Своите големи светители. Овој прекрасен маченик пострада чесно за Христа во својата младост, на 27 јули 304 година. Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водоосветување и елејоосветување (осветување на масло) заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора.

 
Повеќе...
<< Почеток < Претходна 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следна > Крај >>

Резултати 571 - 608 од 1300