15.05.2020. |
На денот на кој Светата православна црква го чествува Светиот Атанасиј Велики, архиепископ Александриски, се отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој светител во Неготино, град чии жители го слават Светиот Атанасиј како свој патрон и заштитник, па затоа и масовно ја посетуваат црквата на овој ден, молитвено просејќи го застапништвото од светителот. На Литургијата сослужуваа свештенослужители од кавадаречкото намесништво. Повеќе верници застанаа пред Светиот Путир, примајќи ги Светите Христови дарови, а потоа беа прекршени и празничните колачи.
Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски На денешен ден се празнува преносот на неговите мошти и чудата произлезени од нив. А животот и подвигот на овој светител се опишани под 18 јануари: Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но, неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.
|
|
12.05.2020. |
Во четвртата недела по Пасха, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. На Литургијата сослужуваа повеќе свештенослужители од велешкото епархиско намесништво. |
|
7.05.2020. |
На празникот на Светиот великомаченик Георгиј - Ѓурѓовден, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. На Литургијата сослужуваа свештеници од велешкото намесништво на епархијата. Света Божествена Литургија беше отслужена и во манастирот посветен на овој светител во Неготино . Светиот великомаченик Георгиј вој славен и победоносен светител беше роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострада за Христа, а мајка му се пресели во Палестина. Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта. Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави сѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.
|
|
27.04.2020. |
Во неделата посветена на Светиот апостол Тома, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. На Литургијата сослужуваа повеќе свештенослужители од велешкото епархиско намесништво. |
|
24.04.2020. |
Балаклија, односно Источeн Петок е денот што духовно го обединува градот Велес и неговите жители. Овој ден се прославува како слава на градот Велес, при што центарот на празнувањето е манастирскиот комплекс „Св. Димитриј“ и околните цркви „Св. Петка“ и „Св. Никола“.
За жал, оваа година, поради одлука на кризниот штаб за справување со пандемијата во Велес, беше прекината вековната традиција на Велешани, кои масовно ги посетуваат овие три христијански храмови на овој ден, односно беше забранет приод кон овие светилишта. Во манастирот „Св. Димитрија“, во предвечерјето на празникот се отслужи Вечерна Богослужба, а на самиот ден се отслужи Света Божествена Литургија. |
|
22.04.2020. |
Најрадосната вест за православните христијански души, веста за Воскреснието на нашиот Спасител, Господ Исус Христос беше објавена точно на полноќ во сабота спроти недела низ сите храмови ширум светот. Милиони верни души ширум целиот свет извикуваа „Навистина Воскресна“! Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, Митрополитот Повардарски г. Агатангел ја објави најторжествената и најрадосната вест на Православието, а потоа отслужи Велигденска Воскресна Литургија. |
|
|