Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна


Ново издание од Повардарската епархија
30.10.2013.

Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Беседи за животот по животот“ од архимандрит Серафим (Алексиев). Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ од бугарски јазик го преведе протоерејот Миле Љ. Штрбевски. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

 

ПРЕДГОВОР

Да се зборува за смртта е тешко. Никој не ја сака таа тема, сите ја избегнуваат, а сепак, смртта никого не одминува. Таа е како натрапник, кој доаѓа тогаш кога не очекуваме. За неа размислувале философите, но не можеле ни да ја одгатнат, ни да ја победат, туку останувале занемени пред нејзиниот ужас. Старозаветните личности ја третирале како преселување во непостоење, како заминување во подземјето, во адот, во огненото езеро, каде што душите страдаат, како место на „мрак и смртна сенка“, како место на „распаѓање“, место на исчекување.

Со доаѓањето на Спасителот, нашиот Господ Исус Христос, ни беше објавена благата вест за спасението на сиот свет, на секој човек. Господ со Своето страдање нѐ помири со Бога, ни ги прости сите стари гревови, а Самиот Тој слезе и во пеколот каде што им проповедаше на починатите уште од вековите за Воскресението, и тогаш Он ги скрши вратите на пеколот, и со Своето Воскресение ги ослободи сите починати, кои биле врзани во пеколот и кои со векови токму Него го чекале. Смртта е победена и поразена од Спасителот, а со тоа и обестајнета и обессилена. Христос ја победи и ни покажа дека таа веќе нема сила над оние кои Него Го љубат, и кои се живи членови (органи) на Неговото тело – Светата Православна Црква. Смртта трепери пред секој кој Го носи Христа во себе, затоа што Бог не дозволува Неговите светии да одат во пеколот, ниту да видат распаѓање (Псал. 15, 10). Оние кои својот живот го насочуваат кон Христа, на кои Христос им е најголема радост, кои со својот пост, секојдневни молитви и покајничка исповед Го примаат Христа преку Светата Причест, над таквите смртта нема никаква власт. Таквите уште во овој живот го носат во себе Царството Божјо (Лука 17, 21).  

Смртта е тема за која никој не сака да зборува, мислејќи притоа дека, ако не зборуваме за неа, таа нема да нѐ стигне. Но, не можеме да ја криеме главата в земја секогаш кога ќе наидеме на тешко решливи проблеми. За смртта треба да размислуваме трезвено, и да си спомнуваме дека таа нѐ очекува, но и да се подготвуваме за неа. Оние кои не мислат на смртта, се залажуваат себеси, го трошат времето на непотребни и штетни нешта, а го занемаруваат она што е најважно – спасението на душата. Оној кој мисли на смртта, одбрал најдобар и најполезен учител во својот живот. Таквиот никогаш нема да го троши својот живот по непотребни и споредни работи, туку секогаш ќе знае што му е приоритет во животот. Во срцето не смееме да чуваме ништо материјално, ни пари, ни имот, па ни желба за слава, за власт, за сладострастие. Срцето е место резервирано само за Бог и за семејството – сѐ друго треба да си биде на своето место, но не и во срцето. Тогаш кога сме болни, кога се приближуваме кон смртта, или чувствуваме дека смртта нѐ демне и може во секој миг да дојде – токму тогаш сме најздрави духовно, доколку ги искористиме тие моменти за да се подготвиме за излегување пред Господ. Ништо не е поскапоцено од спасението на душата, и затоа Бог ни дава многу прилики во животот да се разболиме, да се приближиме до смртта, или да ја видиме смртта на некој наш ближен - за да се освестиме и да си ја спасиме душата, но ние, поради неверие или маловерие, не ги користиме доволно. 

Луѓето кои се далеку од Бога, далеку од Неговото Тело на земјата – Светата Православна Црква, сѐ уште се измачуваат со овие прашања, за смртта, за душата, за вечниот живот. Во книгава која ја имате пред себе дадени ни се одговори на сите овие прашања. Освен тоа, дадени се и детални разобличувања на разните искривени и лажни учења за смртта и за задгробниот живот. Со надеж и желба дека од оваа книга ќе научите многу, и дека ќе ни биде за освестување на сите, од срце ви ја препорачувам на сите, како секојдневно четиво, како најдобар воспитувач во духовниот живот, и раководител кон спасението и вечниот живот. Амин.

 

Митрополит Повардарски г. Агатангел

 
Поклоничко патување на Метеори
30.10.2013.

 

Sample Image

 

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, на 10 ноември (недела) се организира еднодневно  поклоничко патување на Метеори.

Поаѓање на групата од Велес е од пред НА-МА во 02. 30 часот, од Гевгелија во 04 часот од бензиска Макпетрол (под мостот) и упатување кон манастирите на Метеора.

Пристигнувањето е предвидено околу 09 часот.

Ќе се посетат манастирите Свето Преображение (ГОЛЕМА МЕТЕОРА), Свети Стефан, Света Троица, Русану (Света Варвара) и Варлаам.

Враќањето е предвидено во вечерните часови.

- ЦЕНАТА  НА    АРАНЖМАНОТ Е  2.300 ДЕН.

- ВО ЦЕНАТА СЕ ВКЛУЧЕНИ  АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ НА НАВЕДЕНАТА РЕЛАЦИЈА, ПАТНИЧКО ОСИГУРУВАЊЕ, ОРГАНИЗАЦИЈА И ВОДСТВО НА ПАТУВАЊЕТО.

- Последен рок за пријавување е 05 ноември.

- ВО ЦЕНАТА НЕ Е ВКЛУЧЕНО ВЛЕЗНИЦИ ВО МАНАСТИРИТЕ (3-евра).

- ИНФОРМАЦИИ И ПРИЈАВУВАЊЕ НА ТЕЛЕФОН 075-364-994 тец Димче).

 
Ракополагање на ѓакон - Петковден
28.10.2013.

 Sample Image


Sample Image На празникот на преподобната маченичка Параскева Петка се одбележаа пет години од осветувањето на црквата „Света Троица“ во Росоман, па по тој повод Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители од кавадаречкото епархиско намесништво отслужи Света Божествена Литургија во овој храм. На Литургијата молитвено присуствуваа голем број на верници од Росоман и околните места. На оваа Литургија, Неговото Високопреосвештенство г. Агатангел благоволи и го ракополжи најпрво во чин ипоѓакон, а потоа во чин ѓакон завршениот богослов, дипломиран теолог и магистар по теолошки науки Дарко Милев од Кавадарци, кој воедно е и професор во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево. Литургијата беше збогатена со велелепното хорско пеење на младинскиот црковен хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес.

Преподобна Параскева (Петка)     27/10/2013

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

 

 
Осветување на нови црковни простории
21.10.2013.

 

Sample Image

 

Sample Image На 20. 10. 2013 година, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во валандовското село Јосифово. На литургијата сослужуваа повеќе свештеници од гевгелиското намесништво на епархијата. По Литургијата, Митрополитот и свештениците извршија осветување на новите црковни простории и на црковната трпезарија. По чинот на осветување на новите простории Митрополитот Повардарски г. Агатангел на сите добронамерници кои ја помогнале изградбата на помошните црковни објекти им додели благодарници.

 

 
Покров на Пресвета Богородица
15.10.2013.

 

Sample Image

 

Sample Image На празникот Покров на Пресвета Богородица, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес.

Покров на Пресвета Богородица

Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите претстателски молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните. Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати. Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше Св. Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение Св. Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се ужаснувам!“ Заради ова се востанови ова празнување, за да нѐ потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја.

 

 
Осветување на црква во село Раброво
15.10.2013.

 Sample Image

Sample Image На 13. 10. 2013 година се Митрополитот Повардарски г. Агатангел благоволи и изврши осветување на црквата „Св. пророк Илија“ во валандовското село Раброво. На чинот на осветување на црквата сослужуваа повеќе свештенослужители од сите намесништва на Повардарската епархија, а молитвено присуствуваа бројни жители на Раброво, Валандово и околните места. Новата црква во селото Раброво се изгради со средства од жителите на селото и Повардарската епархија.

 
Повеќе...
<< Почеток < Претходна 41 42 43 44 45 46 47 Следна > Крај >>

Резултати 1521 - 1558 од 1774