Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна


Соопштение
11.06.2013.

Sample ImageС О О П Ш Т Е Н И Е

Денес, 11 јуни 2013 г., по кратко боледување, во 79-та година од животот, почина Неговото Високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил.

По тој повод, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква ќе одржи вонредна седница, со почеток во 14:00 часот, во Македонската архиепископија. Денот и протоколот за неговото погребение дополнително ќе бидат објавени.

                                                                                        Од канцеларијата на САС на МПЦ

 

Полошко - кумановскиот владика Кирил почина доцна синоќа на 79-годишна возраст. Владиката Кирил е роден во 1934 година во преспанското село Царев Двор. Средно богтословско училиште завршил во Призрен. Во 1964 година се замонашил во манастирот свети Причеста во Кичево. Во 1965 година се запишал на студии на Московската духовна академија на Руската православна црква, каде завршил прв степен на студиите. За викарен епископ на МПЦ со титула Тивериополски е избран на седница на Светиот архиерејски синод во 1967 година. Во наредните години ја организирал прекуоеканската епархија. До 1982 година раководел со австралиско - новозеландската епархија, а потоа до 1987 година со Американско - канадската. За Полошко - кумановски владика е назначен во 1987 година. Автор е на повеќе значајни црковни трудови.

 

 
Божествена Литургија, Демир Капија
9.06.2013.

 

Sample Image

 

На 09. 06. 2013 година, Митрполитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители од кавадаречкото намесништво отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Демир Капија.

 

Sample Image   Sample Image
 
Sample Image   Sample Image
 

 

 

 
Светиот цар Константин и царица Елена
3.06.2013.

 

Sample Image
Sample Image
 
Sample Image
 
Sample Image
 
Sample Image
 

 

Централната прослава на празникот на Светиот цар Константин и Светата царица Елена во Повардарската епархија  се одржа во  храмот посветен на овие светии во селото  Миравци, каде беше отслужена Света Божествена Литургија.

Со Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на голем број на клирици од сите намесништва на епархијата. На Литургијата  присуствуваа  голем број на верници од Миравци и околните места. По завршувањето на Литургијата Митрополитот Агатангел изврши осветување на новата капела и новата црковна трпезарија.

 

Sample Image
 
Sample Image

 

 Светиот цар Константин и царица Елена

Родители на Константин му беа царот Констанциј Флор и царицата Елена. Флор имаше уште деца и други жени, но од Елена го имаше само овој Константин. Три големи борби имаше Константин кога се зацари: една против Максенциј, тиранин во Рим, друга против Скитите на Дунав и трета против Византинците. Пред борбата со Максенциј, кога Константин имаше голема грижа и се сомневаше во својот успех, му се јави сред бел ден блескав крст на небото, сиот закитен со ѕвезди, а на крстот стоеше напишано: „Со ова победувај!“ Восхитен царот нареди да му исковаат голем крст, сличен на тој што му се јави и да го носат пред војската. Со силата на Крстот тој стекна славна победа над бројно надмоќниот непријател. Максенциј се удави во реката Тибар. Веднаш потоа Константин го издаде прочуениот Едикт, во Милано, 313 година, за престанок на гонењата на христијаните. Откако ги победи Византинците, тој изгради прекрасна престолнина на Босфор, којашто оттогаш се нарече Константинопол. Но пред ова Константин западна во тешка проказна болест (лепра). Жреците и лекарите го советуваа да се бања во крв од заклани деца, но тој тоа го одби. Тогаш му се јавија Светите апостоли Петар и Павле и му рекоа да го побара епископот Силвестер, којшто ќе го излечи од страшната болест. Епископот го поучи во христијанската вера и го крсти и проказата исчезна од телото на царот. Кога во Црквата настана раздор заради смутливиот еретик Ариј, царот го свика Првиот Вселенски Собор во Никеја, во 325 година. Овде се осуди ереста, а се утврди Православието. Благочестивата мајка на царот, Света Елена, ревнуваше усрдно за верата Христова. Таа го посети Ерусалим и го пронајде Чесниот Крст Господов и на Голгота ја изгради црквата на Воскресението и уште многу други цркви по Светата Земја. Во својата осумдесетта година оваа света жена се престави кај Господ, во 327 година. А царот Константин ја надживеа мајка му за десет години и се упокои во својата шеесет и петта година, во 337 година, во градот Никомидија. Неговото тело беше погребано во црквата на Светите апостоли во Цариград.

 
Божествена Литургија во Башино село
3.06.2013.

 

Sample Image
 
Sample Image

 

На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на Светиот маченик Талалеј, кој маченички пострада заради Христа во 284 година, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Св. Никола“ во Башино село, крај Велес. 

На Литургијата сослужуваа свештеници од велешкото намесништво на епархијата, а присуствуваа голем број на верници од Башино село, Велес и околните места кои традиционално овој ден соборно и молитвено го прославуваат присуствувајќи на Светата Литургија.     

 

Sample Image
 
Sample Image

 

Светиот маченик Талалеј

Родум од Ливан, од татко Верукиј и мајка Ромилија; осумнаесетгодишно момче со прекрасен изглед, со коса црвеножолта. Лекар по занимање. Пострада за Христа за време на царувањето на Нумеријан. Кога храбро ја исповеда својата вера во Господ Христос пред мачителот, овој им нареди на двајцата џелати Александар и Астериј со сврдел да му ги дупчат колената, да му провлечат јаже низ издупчените коски и да го обесат за едно дрво. Но на џелатите како една невидлива сила да им го зеде видот и наместо Талалеј тие издупчија една штица и ја обесија на дрвото. Кога дозна за ова мачителот помисли дека тоа го направиле намерно и нареди да ги бијат. Тогаш Александар и Астериј повикаа: „Жив Господ, отсега и ние сме христијани, веруваме во Христа и страдаме за Него!“ Кога го чу ова, мачителот нареди и ги убија со меч. Тогаш самиот мачител зеде сврдел за да му ги дупчи колената на Талалеј, но рацете му премалеа, па мораше да го моли Талалеј да го спаси, а овој тоа и го стори со молитва. Потоа го фрлија во вода, но тој жив му се јави на мачителот. (Зашто Талалеј во себе Го молеше Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките.) Кога го фрлија на ѕверовите, тие се умилкуваа околу него и му ги лижеа нозете. Најпосле беше убиен со меч и се пресели во Царството Небесно, во 284 година.
 
Осветување на камен-темелник за нова црква
3.06.2013.

 

Sample Image

 

Sample ImageНа 30. 05. 2013 година, Митрополитот Повардарски г. Агатангел освети камен-темелници за изградба на нова црква и конак во близина на гевгелиското село Серменин. Црквата ќе биде посветена на светиот пророк Илија, а манастирскиот комплекс ќе биде дом на монашко братство. Црквата и новиот конак ќе се градат од средства на Повардарската епархија, како и од донации од верниците.

 

 
Поддршка за Македонскиот манифест
30.05.2013.

Почитувани,

Ние, Митрополитот Повардарски Агатангел, заедно со свештенството, монаштвото и богољубивиот македонски православен народ од богомдаруваната ми Повардарска православна епархија, би сакале јавно да дадеме поддршка и да се приклучиме кон прогласот именуван како „Македонски манифест до домашната и до меѓународната јавност, по повод засилениот притисок врз Република Македонија да го промени уставното име”.  И ние, како и иницијаторите на овој проглас, го делиме истото мислење дека преговорите во ОН, кои де факто носат кон промена на нашето древно и единствено име Македонија, треба да се прекинат веднаш. Ваквото свое мислење го темелиме на фактот дека при овие преговори очигледно се фаворизираат и се води грижа само за грчките националистички и радикални ставови. Преговорите, во суштина, имаат за цел единствено промена на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик, што се разбира дека ќе доведе и до промена на името на Македонската православна црква. Од Македонија се бара апсурдното и невозможното. Промената на името не треба и не смее да биде третирано како дневно политичко прашање. За нас Македонците секоја додавка или придавка кон нашето име ќе има суштински поместувања во нашиот национален идентитет.

 

Sample Image

 

Повеќе од 20 години се врши притисок врз македонското национално битие дека нема друга алтернатива за нас освен самите да се укинеме како македонски народ. Напротив, наша единствена алтернатива како македонско општество и како македонски народ е да напредуваме во добрината, работливоста, мирољубивоста и хуманоста. Овие доблести никој нема да ни ги подари, туку треба самите да ги усвоиме и да ги живееме. Европа е лулка на културата, слободата, цивилизацијата и науката - овие Европски вредности треба да се стремиме да ги усвоиме. Но, во исто време треба да знаеме дека Европа е и дом на корумпирана бирократија, политичко лицемерие, уникатен неморал, еврејски гетоа и концентрациони логори. Политичкото слепило и лицемерие е особено јасно видливо од последната изјава на г. Аиво Орав, кој во својство на грчки амбасадор и адвокат ни покажа дека не прави разлика помеѓу тоа што претставува вето, а што консензус. За разлика од него, хашките судии и голем број светски интелектуалци, го немаат овој дислексичен проблем. Крајно време е некој на овој господин да му укаже дека тој не е амбасадор во „Вашата земја”, туку во Р. Македонија и дека неговото инсистирање на вакво ословување на државата - домаќин е налудничав нацизам, преоблечен во наводна дипломатска смиреност и студенило, својствен за Гебелс и неговите нови следбеници. Македонија и македонскиот народ поминале низ многу тешки периоди во својот историски развој, а сигурни сме дека ќе ги преброди и современите предизвици и искушенија. Така ќе биде зашто правдата и вистината се на наша страна, а каде е правдата и вистината, таму е и силата Божја.

 

Со почит и Божји благослов,

                                                                                                                                    

Митрополит Повардарски

†Агатангел (Станковски)

 
Повеќе...
<< Почеток < Претходна 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 Следна > Крај >>

Резултати 1445 - 1482 од 1648