31.03.2014. |
Во четвртата недела од Великиот Пост, посветена на светиот Јован Лествичник, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Св. вмч. Димитриј“ во Валандово. На Литургијата сослужуваа, протоереј-ставрофор Марјан Радински, протоереј Миле Штрбевски, свештеник Љупче Миланов и свештеник Русе Жекоски. На Литургијата, молитвено присуствуваа многумина верни, а дел од нив се причестија со светите Христови Дарови. |
|
31.03.2014. |
Во четвртиот петок од Великиот Пост, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, беше остслужено мало повечерие со последната, четврта статија од Богородичниот Акатист. На вечерната богослужба сослужуваа протоереј–ставрофор Славе Јованов, свештеник Борислав Бобевски и свештеник Јованче Илиев, а присуствуваше и Митрополитот Повардарски г. Агатангел. По читањето на последната статија од Акатистот, свештениците ги осветија петолебијата за здравје и спасение на верниците. |
|
|
26.03.2014. |
 На 24. 03. 2014 година, во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес се одржа прв Великопосен концерт на црковниот младински хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес. На овој прекрасен црковен настан присуствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, речиси целото свештенство на Повардарската епархија, како и голем број присутни кои ги проследија велелепните звуци на нашиот младински хор. Во рамките на Великопосниот концерт беа изведени девет композиции, во кои покрај хорот, како солисти настапија Вариса Хајдарпашиќ, Ана Михајлова, свештеникот Мики Миовски, како и диригентката на хорот Веселинска Маџарова - Андова. Крајот на овој прв Великопосен концерт, кој ќе се одржува секоја наредна година во понеделникот од Крстопоклоната недела, беше резервиран за уште едeн значаен настан во црковното битисување на нашата Света Црква. Имено, за прв пат во поновата историја на Македонската православна црква, беше испечатена Литургијата за мешан хор на Атанас Бадев, основоположникот на црковното хорско пеење во Македонија. Автор на новиот електронски запис на нотниот текст на Литургијата е диригентката на младинскиот хор, Веселинка Маџарова - Андова. Таа се обрати пред присутната публика, објаснувајќи ги мотивите и текот на 5-месечниот труд, со кои, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се испечати ова значајно богоугодно дело. На крајот на овој настан пред присутните слово изрече и Митрополитот Агатангел , кој благословувајќи го овој настан, истакна дека ова дело е од непроценливо значење за нас македонските православни верници, но и за македонската духовна музика воопшто и дека благодарение на овој труд, од сега па натаму, сите македонски хорови ќе имаат пред себе прекрасно отпечатена книга со Литургијата на Бадев.
Известување за концертот: Дума.мк Тирековмирече.мк
|
|
24.03.2014. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светите 40 маченици од Севастија, како и споменот на светите славни 40 битолски преподобномаченици, се отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. На Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство од Велес.
Сите овие беа војници во римската војска, но тврдо веруваа во Господ Исус. Кога настана гонење во времето на Ликиниј, ги изведоа на суд пред војводата, а тој им се закани дека ќе им ја одземе војничката чест. На ова еден од нив, Свети Кандид, одговори: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“. По ова војводата им нареди на слугите да ги каменуваат овие светии. Но кога слугите фрлаа по нив камења, камењата се враќаа сами и паѓаа врз тие што ги фрлаа, па луто ги изудираа. Еден камен му падна на војводата в лице и му ги скрши забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзаа светиите и ги фрлија во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од водата. Имаше силен мраз, езерото мрзнеше околу телата на мачениците. За да бидат маките посилни, мачителите загрејаа и осветлија бања покрај езерото близу до страдалците, за тие гледајќи ја некако да се подлажат и да се одречат од Христа, а да ги признаат римските идоли. И навистина, еден се опрелести, излезе од водата и влезе во топлата бања. Но ноќта падна една необична светлина од небото, па ја загреа водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштија триесет и девет венци врз нивните глави. Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблече, го исповеда името на Господ Исус Христос и влезе во езерото за самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот. Врз него навистина слезе тој последен венец. Утредента сиот град се изненади кога ги виде мачениците живи. Тогаш злобните судии наредија и ги претепаа, а телата им ги фрлија во водата за да не ги земат христијаните. На третиот ден Светите маченици му се јавија на тамошниот епископ Петар и го повикаа да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти. Епископот излезе ноќе по темнина заедно со својот клир и по водата видоа како светат моштите на мачениците. И секоја коска што беше одвоена од нивните тела исплива на површината и светеше како свеќа. Ги погребаа чесно. Нивните души отидоа кај Господ Исус, намачен за сите нас и воскреснат со слава. Чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година.
|
|
24.03.2014. |
На 21. 03. 2014 година, во петок од третата седмица од Великиот Пост, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес се отслужи третата статија од Богородичниот Акатист. На вечерната богослужба сослужуваа свештениците Горан Панзов, Борислав Бобевски и Драги Гаштарски, а во присуство на Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
На крајот на вечерната богослужба беа благословени и прекршени празничните лебови. |
|
|