ГОВОР ПРИ ПРОМОЦИЈАТА НА МОНОГРАФИЈАТА ЗА ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ Ви зборувам вистина во името на Христа, не лажам - тоа го сведочи мојата совест преку Светиот Дух, дека ми е многу жал и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал јас да бидам одвоен од Христа за браќата свои, моите сродници по плот. (Послание до Римјаните 9, 1-3) Нашиот Спасител Господ Исус Христос во Новиот завет од Светото Писмо одлично ни ја појаснил и ја образложил промислата Божја. Кога апостолите во една прилика го прашале Господа за вистинската причината за болеста на еден човек и дали за ваквата негова неволја се виновни неговите гревови или, пак, гревовите на неговите непосредни предци, Христос веднаш им одговорил дека за неговата болест не се виновни ниту неговите гревови, ниту гревовите на неговите најблиски роднини, туку тој е во таква состојба за да се покажат делата Божји врз него. Еве, токму во тоа и се состои промислата, за Бога нема неважен или спореден човек, туку сите на еден или на друг начин се важни. Смислата на страдање на нас самите и на целиот човечки род е преку трпението и нероптањето во слабоста, преку меѓусебното помагање во маката и со помош на меѓучовечкото разбирање и толеранција, да се вежбаме во доблеста, да изградиме побожен и добар карактер и да станеме боголики личности, угледувајќи се на Оној што, иако целосно невин и без грев, пострада од љубов за целиот човечки род. Едноставно кажано, оној што страда и се наоѓа во некаква неволја, постои за ние да можеме да му ја подадеме несебично својата рака и со тоа да спечалиме награда што ниту молецот ја јаде, ниту 'рѓата ја надгризува. Дури и навидум најобичниот и најбедниот човек постои заради нашето спасение. Бог, безброј пати ни испраќа можност да се утврдиме и да станеме подобни на неговата љубов и величие, тој активно „ја спроведува” својата промисла за нашето безрезервно спасение, но од нас зависи дали во дадениот момент ќе покажеме милост, кротост и добрина и со тоа ќе станеме соучесници на Бога и сотворители на Неговата света промисла, која избавува и наградува со вечен живот. Не постои човек кој живеел на овој свет, а да нема одредени дарови. Ова теза одлично и јасно е потврдена од Господа Исуса Христа во Светото евангелие кога пред апостолите ја искажал параболата за талантите. Во параболата за талантите се вели дека од тројцата работници кај еден господар едниот добил десет, другиот пет, а третиот само еден талант и сите имале единствена задача да ги преумножат и удвојат добиените дарови додека да се врати нивниот господар. Во оваа прабола, искажана на еден обичен и едноставен човечки јазик, може да се види дека тежината и големината на даровите и тежината на остварување на зададеното е пропорционално распоредено според силината и способноста на човечките можности. Светите оци и учители на Православната Црква Христова, честопати во своите поуки, нé учат дека Бог на секого му дава според неговите реални сили и можности, а никако повеќе од тоа колку што тој реално може да издржи. Оттука можеме да заклучиме дека на секој човек посебно му е определена одредена задача - некому потешка, поодговорна и позначајна, а некому полесна, се разбира кажано и судено според субјективните човечки мерила. Ние, православните христијани, во своето сеќавање посебно ги пазиме и славиме личностите кои на одреден начин ја „спровеле” во дело Божјата промисла. Таквите луѓе ги нарекуваме свои учители и нивниот пример се обидуваме постојано да го оствариме и примениме во своите животи. Некои од нив се удостоиле Божјата милост и Неговата света промисла да ги определи да бидат првенци и херои во својата непосредна средина, токму меѓу својот сопствен народ. Таквите луѓе се објект на воодушевување и анализа за целото народно потомство и за сите идни генерации. Понекогаш, врз тие луѓе, односно врз нивните животни дела, се базираат сите битни и значајни настани од одреден историски период на целиот народ, а некои, пак, се директни „виновници” за цивилизациското и културното напредување на цело едно општество. Не постои народ, кој во своите редови нема свои генији, херои и светители за кои гордо не прераскажува и не создава бројни корисни и поучителни слова, посланија и преданија. Таков, се разбира, е и македонскиот народ, кој за време на својата страдалничка и токму заради тоа и свештена историја, има бројни патријарси, кои со својата величина и самопрегорна работа силно влијаеле на културното и цивилизациското издигнување и напредување на Македонецот. За среќа, македонскиот човек е силно втемелен врз Христовата подлога, која во себе ги содржи добрината, правдата и убавината. Националната историја на македонскиот народ во исто време е и свештена и црковна историја на Македонската православна црква, од едноставна причина што токму Црквата на просторите на нашата татковина ги дала личностите кои го описмениле, просветиле и умудриле македонскиот човек. Црквата ги родила личностите кои ја создале самосвојната македонска литература и уметност, македонската технолошка култура и наука, потоа македонското чувство за државност и политичко дејствување итн. Во Библијата се вели дека доброто дрво раѓа добри плодови, а македонското национално дрво силно е насадено и накалемено на големото и спасоносно учење Божјо. Од апостол Павле па до денес, Македонецот има бројни примери за да се угледа, но и да им ја изрази отворено својата благодарност за своето постоење. Во своето многувековно постоење, македонскиот народ, се нашол пред бројни и тешки искушенија. На обичниот човек, низ историјата, силно му се заканувале секакви истребувања, опасни асимилирања, страшни робувања, нечовечки притисоци итн. Но, ниедно не било толку силно и перфидно и толку во себе не ги содржело сите наброени опасности и зла, како што тоа знаел да го стори атеизмот. Да се бориш со атеизмот е далеку поопасно и понеизвесно отколку со некој отворен непријател. Покрај атеизмот овде се разбира е и „мерзоста на запустението” што има амбиција да го надвладее најчистото од сите места на овој свет, а тоа е домот Божји. Ние Македонците, низ вековите, сме се нагледале лицемерие од многу страни, но лицемерие од оние кои себеси се нарекуваат Христови тешко дека некој друг народ видел и искусил на своите плеќи. Да се живее во време испреплетено од атеизам и лицемерие кое директно удира по најсветото, а тоа е народната душа, имајќи желба да ја сотре и уништи е навистина тешко. А, пак, да се има енергија бројни години отворено да се спротивставиш и одлучно да му застанеш на патот на ова актуелно зло, тогаш тоа може единствено да предизвика воодушевување, одобрување, поклон и благодарност. Токму со вакви чувства и емоции е обоена монографијата што е пред нас, која за своја фабула ја има биографијата на големиот македонски великан, на македонскиот самопрегорен делатник, на столбот на македонскиот опстој, на човекот чиј живот е отворена историска читанка, на Митрополитот Полошко - Кумановски г. Кирил. Промислата Божја определила и јас да ја имам таа прекрасна привилегија лично да го познавам овој исклучително талентиран и надарен човек. И уште повеќе, Митрополитот дедо Кирил, беше тој кој секогаш беше присутен при најсвечените и најзначајни моменти од мојот живот. По моето завршување на Богословското училиште, со благослов на блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Доситеј, Митрополитот Кирил ме ракоположи и ме воведе во светата тајна на свештенството, потоа ме воведе и при моето замонашување, а се разбира и при хиротонијата во Епископски чин. Честопати имав исклучителна и ретка можност, за што сум Му бескрајно благодарен на Бога и на Неговата света промисла што можев одблизу да ја гледам дејноста на Митрополитот Кирил. Уште од тогаш се прашував каква е таа Божја сила што овој човек уште од мал го беше определила за големи и значајни дела на полето на општествените и црковните активности. Дедо Кирил е експерт за „македонцките работи”, не верувам дека некој повеќе од него ја познава душата и духовните потреби на македонскиот народ. Токму заради тоа верувам и дека е избран од Бога за да го води македонскиот човек низ бурните и тешки времиња, присилно наметнати од богоборливото и државно промовираното безбожие и од нападите на фарисејски насмеаните соседи. Воспитан уште од малечок, од своите побожни и предобри родители, на правилен и корисен патриотизам кон својата земја и духовната мајка - Црквата, дедо Кирил ќе се гради себеси врз преданијата на древните македонски општествени дејци и врз духовните аманети на охридските архиепископи, а посебно на последниот охридски архиепископ Арсениј чиишто последни зборови до стадото прекрасно ги опеал големиот македонски поет Глигор Прличев. Зборовите на Владиката Арсениј сигурно не завршиле закопани во земја со неговото протерување и земно скончание, туку очигледно продолжиле да живеат онаму каде најдиректно биле упатени, а тоа е во македонската душа од сите генерации и до колективното сеќавање и свест на македонскиот човек. Она што посебно го одликува дедо Кирил, уште од млади години, е неверојатната верност и преданост на македонката кауза, која пред сé се состои во зачувување на националната свест на Македонецот, а потоа и во негово издигнување и промовирање на духовен и религиозен план. Ретко може да се сретне таков човек кој ќе држи исто темпо на своите уверувања, но се разбира и во напорот и желбата за практично дејствување и спроведување на зацртаниот план. За него зборовите „мајка - црква” не значат само една обична флоскула, која се користи за обични и секојдневни потреби. Повикот на мајката - Црква за влегување во нејзиниот клир за дедо Кирил значи целосно, беспоговорно и безрезервно служење и предаденост. За владиката Кирил ништо не е побитно од овој повик, ниту своите лични амбиции, ниту личните желби, ниту своето образование. Сето ова со еден збор ќе биде ставено во втор план за да се оствари во некое подобро време, тогаш кога од него било побарано да се врати од туѓина и да се зафати со работа на Божјата нива во љубената Македонија. Дедо Кирил тогаш сериозно ќе ја сфати поставената задача, македонскиот народ треба да се организира и духовно да се раководи, а во исто време да се гради и возобновува Македонската Православна Црква и славната Охридска архиепископија. Ваквата поставеност, однесување и делање на дедо Кирил, изгледа по промисла Божја, а во содејство на целиот тогашен Синод на МПЦ на чело со блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Доситеј, ќе биде точно и правилно насетено и проценето. Митрополитот Кирил ќе се зафати со реално најтешкото. Нему Бог ќе му промисли да ги организира и изгради од корен македонските црковни општини во дијаспората. Македонското иселеништво, повеќе отколку тука во матичната земја, ќе биде со години нагризувано и индоктринирано од лицемерните и себичните политики на соседите. На овој пат ќе треба одлучно да се застане и во име на вистината и правдата со сите сили да се победи опскурноста и мрачното зло кое одблизу се заканувало со асимилација. На време е пратен дедо Кирил за да ја спречи оваа катастрофа и со силна вера и молитва во срцето и усните и со добра порака ќе се појави тогаш младиот и корпулентен Мирополит и со силината на божествената проповед набргу ќе го отера непредвидливиот виор кој како дамоклов меч виси над главата на македонскиот човек. Ваквата негова одлучност и пламена истрајност во проповедта ќе наиде на гнев и безумен отпор кај непријателите на вистината, но сето тоа ќе биде сфатено како ново семе што ќе даде стократен плод на плодната македонска православна нива. Македонската Православна Црква во дијаспората ќе продолжи да се гради и изградува и со текот на времето ќе ги трасира основните постулати на своето дејствување од кои и ден денеска нема отстапување. По успешно остварената и завршена мисија во странство, меѓу нашите иселеници, повторно по човекољубивата промисла Божја, владиката Кирил се враќа во матичната земја и овде му е доверено од Синодот на МПЦ раководењето на Полошко - Кумановската епархија. Оваа епархија се наоѓа долж границата со нашиот северен сосед, а дедо Кирил е поставен за директен браник, во првата линија на фронтот, онаму каде е најсилна заканата и каде е најстрашна опасноста. Се разбира иако ова е симболично кажано сепак си има и тоа своја логика и објаснување. Во битките најдобрите, најснаодливите и најсилните војници се праќаат во првите редови, па така и овој добар војник Христов е испратен на самото чело со задача да се бори против лагата и лицемерието, а да ја промовира и брани вистината и добрината. Неговото оружје се разбира не е калашниковот и сабјата, туку штитот на верата со кои се гаснат сите вжештени стрели на лукавиот. Облеката негова е оклопот на правдата, појасот му е самата вистина, шлемот му е спасението, а духовниот меч е сепобедливото слово Божјо. Со ваква молитва, прозба и состојба на духот е наоружан овој миленик и пратеник Божји, за да проповеда смело, како и што му прилега. Во Македонија владиката Кирил уште еднаш ќе ги покаже своите исклучителни квалитети и надарености во организирањето и духовното раководење на довереното македонско Божјо стадо. Во меѓувреме ќе претрпи многу, ќе проголта доста, но затоа и наградата ќе му биде голема, а радоста бескрајна и нераспадлива. Ниту еден човек не е толку напаѓан и клеветен како Митрополитот Кирил. За жал, нападите понекогаш доаѓаа не само однадвор, туку и одвнатре, од она место каде најмалку се очекуваше да се појави опасноста. Логиката на овие напади е повеќе од јасна, нејзината девиза е „ќе ги поразам првенците, а останатите од страв ќе се разбегаат и покорат”. Но, во тие моменти, по директна интервенција Божја, се случуваат чуда, и од пред навидум безизлезните ситуации се отвора широкиот пат на излезот и спасението, а поразот се претвора во тивка и слатка победа. Бројни битки водеше овој величествен и надарен човек. Божјата промисла го определи да ñ се најде на својата татковина тогаш кога е најтешко, кога опасностите и лукавите искушенија се најголеми. Мораме да признаеме дека за да се води и брани еден народ повеќе од 40 години не е воопшто лесна и едноставна работа. За да се биде одлучен во најтешките времиња, кога се заканува страшното ропство со сите негови пропратни демонски замки, единствено е сведоштво за големата желба за слобода, која е основниот човечки порив и основната човечка потреба. Во ситуација кога од сите страни демне опасноста и во исто време да се гради и да се сведочи вистината, навистина е потребна состојба на духот како на свет маченик и цврстина на волјата како на апостол - мисионер. А, да се укрепува, утврдува и просветува со Христовата наука народот Божји потребно е изострено око и широко срце кое сé може да опфати и истрпи како и срцето на искусен старец - подвижник и духовник. Дедо Кирил е нашиот учител и неговата личност е урнекот по кој ќе треба и ние помладите да се подучуваме и угледуваме. Затоа мислам дека оваа бесценета монографија излегува во вистинско време, токму тогаш кога ќе треба повторно да се потсетиме на вечните македонски аманети, оставени од нашите најголеми водачи и патријарси, а кои низ вековите достојно и со многу насоченост и љубов се чувале во срцата на великите македонски дејци. Митрополитот Кирил е сигурно еден од нив, неговата личност и неговиот живот се една цела историја во која е раскажана една цела историска епоха на македонскиот народ. Македонецот, низ вековите, имал бројни и значајни свои синови и ќерки кои, некои од нив, со своето дејствување, успеале да го преобразат светот и силно да влијаат на неговото културно и цивилизациско обликување. Во монографијата посветена на ликот и делото на Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил на еден илустративен, пластичен, наративен и уметнички начин ќе ја видиме раскажана промислата Божја не само за еден човек, туку и за еден цел народ во одредено историско време. Овде, во ова прекрасно илустрирано житие за македонскиот владика Кирил, за оној што има „очи да гледа и уши да слуша” ќе биде видлива целата Божја убавина и мудрост во раководењето на цел еден народ на патот на спасението во Божјото свето царство. Дедо Кириле, дозволете ми од името на Повардарската епархија на МПЦ да ви ја поклонам оваа прекрасна панагија, која за навек ќе сведочи, но и ќе ве потсетува на нашата љубов, благодарност и почит кон вас, нашиот пастир, учител и просветител. На многаја лета високопреосветени владико Кириле, ние твоите духовни чеда ти изразуваме поклонение и благодарност и во исто време те молиме да се застапуваш молитвено пред Бога за спасение на нашите души. Митрополит Повардарски г. Агатангел |