8.05.2015. |
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Богобарател“. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе свештеник Јани Мулев. И ова најново издание на нашата издавачка дејност е прекрасно богоугодно четиво, кое го опишува патот и начините како да стигнеме до Бога. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231. Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга. Предговор на книгата „Богобарател“ Едно од најомилените четива, на секој почетник во верата, е секако, книгата „Богобарател“. На сите ни е познат примерот на овој поклоник, кој со Светото Писмо, Добротољубието и бројаницата во торба, патувал насекаде и разговарал со многу различни луѓе, па искуствата и знаењата кои ги стекнал од овие патувања и разговори ги преточил во оваа книга, во вид на разговори на поклоникот со својот духовник. Книгата е пишувана на едноставен и разбирлив јазик, за да може секој да ја разбере. Наменета е особено на почетниците, на оние кои Го бараат Бога, кои тукушто зачекоруваат по патот кој води кон Христа во Црквата. Главниот акцент на целата книга е ставен на Исусовата молитва. Наведени се начините, искушенијата и даровите кои го следат практикувањето на оваа молитва. Светиот Симеон Солунски препорачува, сите луѓе, и клирици и монаси и верници да се молат со оваа молитва. Но, сепак, потребно е да бидеме многу внимателни. На почетокот од нашиот духовен живот потребно е најпрво да најдеме духовен отец - свештеник, кај кого ќе се исповедаме и со кого ќе се консултираме за сите прашања од духовниот живот: како да постиме, како да се молиме, кога и како да се причестуваме, кои книги да ги читаме итн. Ако со искреност и отворено срце пристапуваме, Бог ќе нѐ упати на вистинско место, и ако таков однос изградиме и со духовникот, полн со доверба, тогаш ќе поставиме здрав темел на нашиот духовен живот. Не е доволно само да читаме книги, и да постиме, па дури и само да се исповедаме, ако не доаѓаме на Литургија, ако не учествуваме во Литургијата, во животот на Светата Црква. Црквата е Тело Христово, во неа секогаш е присутен Бог, чие присуство го чувствуваме преку Неговата благодат, и не можеме да бидеме христијани, ако не сме присутни во храмот на Литургија. Тука е Бог со сите свои светии, со светите ангели, тука се извршува најголемото чудо - претворањето на лебот и виното во Тело и Крв Христови. Бог ги осветува даровите за да ни бидат нам од полза - откако со претходна подготовка ќе се причестиме, Телото и Крвта Христова да нѐ осветат целосно. Кога благодатта Божја ќе влезе во нас, ќе го почувствуваме тоа и како апостолите ќе Му речеме на Господа: „Господи, добро ни е да бидеме овде“. Во Црквата тоа го нарекуваме духовен опит. Но, патот никогаш не е целосно рамен, и не е без сопки. Затоа е потребно и да читаме, па да учиме од духовниот опит на оние кои се позрели од нас, оние кои напреднале повеќе и повеќе се приближиле до Бога, а кои ги нарекуваме светители. Нивните примери и нивните поуки треба да ги следиме, и според нив да живееме, бидејќи тие во нивните животи го преточиле целото Евангелие. Гледаме дека има многу луѓе кои ги бараат и читаат нашите изданија, но забележуваме дека многумина читаат, а не разбираат. Се соочуваат со непознати термини, потешка содржина, и поради ова тапкаат во место. Затоа, сите оние, кои имаат тешкотии во разбирањето на црковната литература, било да се работи за некој термин, или за содржината на книгата, слободно да им се обратат на нивните парохиски свештеници и од нив да бараат објаснување. Без раководител, секој може да залута во погрешна насока, погрешно да разбере многу значајни нешта. Според примерот на светиот Силуан Атонски, малку да читаме, но многу да практикуваме. Она што ќе го прочитаме, да се потрудиме да го примениме во својот секојдневен живот. Да имаме свест деко во секој миг Господ е пред нас, дека ја знае секоја наша помисла, секој наш збор и секое наше дело, и на овој начин никогаш нема да згрешиме. Господов благослов на сите оние кои започнуваат со духовниот живот и кои се трудат да напредуваат во него. Амин. Митрополит Повардарски + Агатангел
|
|
8.05.2015. |
Нашиот верен народ отсекогаш имал голема почит кон светите маченици, кои ги посрамиле своите мачители и се закитиле со рајски венец. Меѓу неизбројното мноштво маченици во диптихот на светиите, кај нашиот народ особено се истакнува великиот маченик Георгиј, кој е славен и почитуван во многу домови, а и народот му посветил многу цркви и манастири, каде ќе може да ги принесува своите молитви кон него. Овој свет великомаченик се јавува и како заштитник на градот Струга, чиј централен храм и го носи неговото име. Затоа и прославувањето на свети Георгиј во градот Струга е толку свечено и торжествено. Откако го прославивме споменот на свети Георгиј ден претходно, според одамна воспоставената традиција во Струга, празнувањето продолжи и наредниот ден на 07.05.2015 година. Прославата започна во утринските часови, кога во храмот „Св. вмч. Георгиј“, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, свештениците Никола Христоски, Петре Бојчиноски, Васко Голабоски, Љупчо Бакрачески и Димитрија Павлески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодно слово, во кое повика на подвиг и исполнување на Божјите заповеди, за да можеме да го поминеме нашиот живот плодотворно, онака како што е случајот и со светите маченици. Во вечерните часови повторно се собравме во Струга за да му оддадеме почит на Маченикот. Откако беа пречекани моштите на свети Георгиј од манастирот во Рајчица, беше отслужена свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, архимандритот Партениј, протоереј-ставрофорите Илија Танаскоски и Сашо Богданоски, протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, еромонахот Макариј, свештениците Никола Христоски и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната, беше отслужена и Панихида за сите порано починати ктитори, свештеници и за сите оние кои дале придонес за развојот на храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга. По ова, Митрополитот Агатанел се обрати кон многубројниот верен народ со пригодно слово, во кое ја истакна важноста, но и неопходноста од Христовото воскресение за светот и човековиот род, притоа повикувајќи на учество во радоста на Воскресението. Потоа сиот верен народ, кој се собрал од сите краишта на нашата држава, предводен од свештенството, а украсен и наоружан со светите мошти на Великомаченикот и неговата чудотворна икона, се упати на свечена литија (еордија) низ градот Струга, насекаде пеејќи пофални песни за светиот Георгиј и објавувајќи го Христовото Воскресение. Литија беше збогатена со звуците на Градскиот оркестар на град Скопје, а најмладите членови на КУД „Илинден“ Струга, облечени во народни македонски носии, ја украсија литијата фрлајќи разнобојни цветови кон моштите на светиот Георгиј. Оваа година, чест да ги носат моштите имаа: г-дин Владимир Кутановски, г-дин Антон Миса, г-дин Доне Прентоски и г-дин Трпе Дејкоски. Веста е преземена од сајтот на Дебарско-кичевската епархија, кадешто можете да ја погледнете фотогалеријата, а исто така за повеќе информации за овој свет чин можете да го посетите и сајтот на Бигорскиот манастир. |
|
7.05.2015. |
На празникот на Светиот великомаченик Георгиј - Ѓурѓовден, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој светител во валандовското село Пирава. На Литургијата сослужуваа повеќе свештеници од гевгелиското намесништво на епархијата. На Литургијата присуствуваа голем број верници од Пирава и околните села кои традиционално го празнуваат Ѓурѓовден и како слава на селата во кои живеат. Присутните верници се причестија со Светите Христови дарови, а по завршувањето на Литургијата беше осветен и празничен колач за здравје и спасение на верниците. Светиот великомаченик Георгиј вој славен и победоносен светител беше роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострада за Христа, а мајка му се пресели во Палестина. Кога порасна, Георгиј отиде во војска и во својата дваесетта година го стекна чинот трибун и како таков служеше при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапи пред него и одважно исповеда дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па нареди нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта. Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави сѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите. |
|
4.05.2015. |
При самиот крај од петгодишното образование и воспитување во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, согласно децениска традиција на нашата просветна установа, и оваа година, со благослов на Поглаварот на нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан а воедно и со архипастирски благослов и на ректорот Митрополитот Повардарски г. Агатангел, ние, учениците од V клас се упативме на поклоничко патување низ светите места во Грција, кое беше полезно за нашата идна научна и, пред сѐ, свештеничка служба. Ова матурско патување се реализира во периодот од 13. 04. до 18. 04. 2015 лето Господово. Патувањето започна околу 07 часот, од Богословијата, а дел од него беа и професорите вработени во МПБ. По поминувањето на граничниот премин Богородица – Евзони, првото место кое го посетивме по влегувањето во Грција беше манастирот Свети Јован Крстител во близина на градот Верија, каде бевме срдечно пречекани од монасите. Во овој манастир се удостоивме да ја целиваме главата на св. Климент Охридски и дел од моштите на свети Јован Крсител, св. Дионисиј Олимписки, а дел од чесниот Христов Крст. По посетата на манастирот се упативме кон градот Верија каде го посетивме местото Павлија, т.е. подиумот каде што пороповедал апостол Павле. По ова следуваше кратка прошетка низ градот каде дел од учениците случајно го видовме и посетивме митрополитскиот соборен храм посветен на св. Антониј Нов и го целивавме неговото чудотворно тело. По посетата на Верија се упативме кон градчето Калампака (Метеори), каде се ноќеваше. Утрото на 14. 04. 2015, по појадокот и напуштањето на хотелот, се упативме кон Метеорите во посета на манастирите. Најнапред го посетивме женскиот манастир посветен на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, каде се поклонивме и ја целивавме главата на свети Харалампиј. Потоа го посетивме и машкиот манастир Свето Преображение. Исто така, и во овој манастир се поклонивме и ги целивавме моштите на светите Атанасиј и Јоасаф – основоположниците на манастирот. Во овој манастир ги посетивме и двата значајни музеи кои се со голема црковна и национала вредност. Останатите четири манастири: Света Троица, Варлаам, Русано и Свети Никола ги видовме панорамски, затоа што времето не дозволуваше да се задржиме подолго. Од Метеорите се упативме кон пристаништето на градот Игуменица од каде што со траект отпловивме до островот Крф. Пристигнувањето на островот Крф беше во вечерните часови и најнапред ја посетивме црквата Пресвета Богородица Влахернска, а потоа следеше и прошетка низ градот Керкира. Подоцна се упативме во местото Дасија каде што следеше сместување во хотел и ноќевање. Утрото на 15. 04. 2015, односно третиот ден од патувањето, по појадокот и напуштањето на хотелот, ги посетивме најзначајните цркви во стариот дел од градот. Првата црква што ја посетивме е посветена на светите Јасон и Сосиапатар, каде се поколонивме на нивните мошти. Карактеристично за оваа црква е тоа што таа е единствената црква од византсикиот период. По ова следеше посета на митрополитскиот соборен храм Света Теодора и на храмот Свети Спириодон каде се поклонивме и ги целивавме нивните чудотворни тела, кои според преданието се чувари (заштитници) на целиот остров и на градот Керкира. По ова следеше разгледување на градот и запознавање со неговата богата култура и историја која го вбројува во еден од најубавите на Медитеранот. Во попладневните часови со траект го напуштивме островот Крф и стигнавме во градот Игуменица. Оттаму се упативме кон Превеза, преку Амфилохија кон Месолонги, а преноќивме во местото Крионери, во близина на градот Патра. Утрото на 16. 04. 2015, по појадокот и напуштање на хотелот, се упативме кон градот Патра, каде го посетивме велелепниот храм во неовизантиски стил посветен на свети апостол Андреј, каде се поклонивме и ги целивавме неговите мошти, а воедно и крстот на кој бил распнат. Потоа се упативме кон античкиот град Коринт, град во кој апостол Павле престојувал околу осумнаесет месеци и каде имал најплодна апостолска мисија. За време на оваа посета беше посетен архиелошкиот локалитет Коринт, како и архиелошкиот музеј при локалитетот. По оваа посета патувањето продолжи кон островот Евија, преку Атина, а пристигнавме во градот Халкида каде што имавме прошетка низ градот и ја посетивме црквата Света Петка. Потоа се упативме кон манастирот Макрималис – Рождество на Пресвета Богородица каде што бевме гостоприлмливо пречекани од монасите. Во манастирот го разгледавме прекасниот живопис и се поклонивме на моштите на свети Партениј Лампсакиски. По ова, се упативме кон местото Прокопи и манастирот посветен на свети Јован Руски, каде се поклонивме на неговите нераспадливи мошти. Потоа следуваше сместување во манастирскиот конак и ноќевање во истиот. Утрото на 17. 04. 2015 се разбудивме од ѕвоната на манастирот Свети Јован Руски и присуствуваме на Боженствената Литургија. По Литургијата отидовме во манастирот посветен на свети Давид Евијски. Таму браќата срдечно нѐ пречекаа, а Бог нѐ удостои да се поклониме и да ги целиваме моштите на светителот. Во дворот на овој манастир се наоѓа и гробот на современиот старец Јаков Циликис, чија каниназација за светител е во тек, пред чиј гроб и се поклонивме. Од овој манастир тргнавме кон едно од пристаништата на островот и со тракет го напушивме островот Евија. По некое време пристигнавме во градот Лариса и го посетивме митрополитскиот храм посветен на свети Ахил Лариски, каде што се наоѓаат и неговите мошти. На патот за Катерини запревме и посетивме еден храм посветен на света Петка каде се поклонивме пред дел од нејзините моштите, за потоа преку Катерини да стигнеме во Паралија, каде што ноќевавме во еден од хотелите. Последниот ден, на 18. 04. 2015, по појадокот се упативме кон Солун. Најпрвин беше разгледан градот со панорамско возење, а потоа беа посетени најзначајните храмови и манастири во истиот. Го посетивме локалитетот Влатадон и го посетивме манастирот Преображение Христово, кој е тесно поврзан со мисија на свети апосотол Павле во Солун. По оваа посета отидовме во храмот посветен на свети Георгиј – Ротонда, а потооа и во храмот Свети Пантелејмон. Потоа се упативме кон храмот и симбол на градот Солун, Свети Димитриј. Во оваа велелепна црква имавме можност да се поклониме пред моштите на свети Димитриј и моштите на света Анисија. Во продолжение беше посетен и храмот Света Софија, каде се поклонивме и го целивавме телото на светиот Архиепископ Солунски Василиј, а потоа го посетивме и митрополитскиот храм посветен на свети Григориј Палама, каде се поклонивме пред неговите мошти. Потоа следуваше прошетка низ градот Солун и запознавање со неговата богата историја. По сето ова стигнавме до самиот крај на нашето прекрасно патување и следуваше враќање во Македонија. |
|
27.04.2015. |
Информации за овој велелепен настанможете да добиете на сајтот на Бигорскиот манастир/Бигорски.мк .
|
|
|
|