16.02.2016. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на Светите Три Светители, Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст, се отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, на која присуствуваше и Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Тројцата Свети архиереи 12/02/2016 Светителите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат секој свој посебен ден на празнување во месецот јануари. Но овој заеднички празник е востановен во 11 век за време на царот Алексиј Комнен. Еднаш однекаде настана расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем. Едни го воздигнуваа Св. Василиј заради неговата чистота и храброст, други Св. Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети воздивнуваа по Свети Јован со неговата чудесна благоглаголливост и јасност во изложувањето на верата. И така едни се нарекуваа василијани, други григоријани, а трети јованити. По Божја Промисла овој спор беше решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован (под 14 јуни) имаше едно видение во сон, имено: прво му се јави секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекоа: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, ... ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“. Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи. |
|
1.02.2016. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на Св. Атанасиј Велики и Светиот Кирил Александриски, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Неготино, градот чиј патрон закрилник е Светиот Атанасиј, а храмот кој е посветен на овој светител во моментот целосно се обновува. На Литургијата присуствуваа голем број на верници кои молитвено му се поклонија на светителот, а сослужуваа свештеници од кавадаречкото намесништво на епархијата. Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски На денешен ден се празнува преносот на неговите мошти и чудата произлезени од нив. А животот и подвигот на овој светител се опишани под 18 јануари: Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.
|
|
26.01.2016. |
На 21. 01. 2016 година, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско – гостиварски г. Јосиф, го посетија Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „ПОРАКА НЕГОТИНО“ од Неготино. Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот повардарски г. Агатангел обезбеди гориво за затоплување на Дневниот Центар во Неготино со што лицата со попреченост ќе можат да ги одржуваат работилниците во топли простории. |
|
21.01.2016. |
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Флавијан“, од рускиот протоереј Александар Торик. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе свештеник Игор Пармачки. Книгата „Флавијан“ е роман, односно подолго раскажувачко дело кое литературно опишува измислени ликови, но кои се базираат на вистинити настани. Оваа книга во својот работен поднаслов го содржи и терминот бестселер, затоа што самото дело доживеа огромен интерес кај читателската публика ширум светот, а со самото тоа и многу преводи на различни јазици. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231. Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга. Книгата која ја имате пред себе е синтеза од катихизис и романизирано житие. Во неа имињата се измислени, настаните се литературно обработени, но сепак се базирани врз вистинити настани и личности. Во оваа книга нема измислени настани. Но, пред да се запознаеме со содржината на книгата редно е да кажеме неколку зборови за авторот на оваа книга. Авторот, протоерејот Александар Торик е роден во 1958 година, во близина на Москва; во 1965 со родителите се преселил во Уфа, каде што завршил основно осмогодишно образование и Педагошка школа со специјалност – наставник по ликовно и цртање во средно училиште. Во 1977 година се вратил во Москва, каде што студирал две и пол години. Во таа година поверувал во Бог и почнал да оди во московскиот храм на „Свети Никола“. Од 1982 година почнал да оди заради духовно обучување во Троице-сергиевата лавра. Во 1984 година бил ангажиран како олтарник во црквата Покров на Пресвета Богородица во селото Алексино, во близина на Москва каде што старешина во тоа време бил знаменитиот отец, протоереј Василиј Владишевскиј. Во 1985 година започнал да го води црковниот хор сѐ до октомври 1989 година, кога бил ракоположен во ѓаконски чин и испратен да служи во Ново-голутвинскиот Светотроицки женски манастир. Во 1991 е ракоположен во свештенички чин и испратен да служи во храмот на Свети Сергиј Радоњешки во Новосергиево. Во 1997 година бил подложен на онколошка операција, и со милоста Божја и искуството на лекарите преживеал. Во 2001 година бил награден со протоерејски чин, но поради здравствени причини, на негово барање, добил инвалидска пензија. Во 2004 година излегува првото издание на „Флавијан“, кое доживеа многу преводи и изданија на повеќе јазици. Денес тој живее во селото Новосергиево и се занимава со книжевна дејност. На почетокот од своето свештеничко служење се соочил со неукоста и неупатеноста на народот, и морал речиси секој ден да зборува на исти теми. Па како плод на тие разговори, и за да создаде еден вид катихизис, кој ќе биде соодветен за секој човек, тој ќе ја напише првата книга „Воцрковување“, во вид на брошура, па потоа „Флавијан“, без некој план или намера за понатамошни книги. Но откако се покажа дека оваа книга е многу прифатена и омилена кај верниот народ, тој започнува и втора книга со наслов „Животот продолжува“, која е наменета за поупатени луѓе. Бидејќи ќе останат многу теми отворени и необјаснети, ќе напише и нова книга, како продолжение и дополнување на претходните две со наслов „Искачување“. Во нив се опишани интересни и актуелни содржини, низ разговори, разни ситуации, за секој читател лесно да ја разбере поентата. Има прекрасни објаснувања за секој почетник во верата, за секој кој сака да научи нешто за православната вера, за богослуженијата во храмот, за Божествената Литургија, за подвижничкиот живот, за демонските искушенија, за секојдневните борби, за чудата кои се дел од верата, и кои се напишани врз основа на вистински настани. Понатаму читаме за покајанието и промената на човекот, за монаштвото, за духовниот раководител, за светогорското монаштво и за светогорските манастири, за искушенијата од ова време, како проблемот со болните монашки заедници и лошото влијание кое го вршат во народот, како што е проблемот со новите лични карти и пасоши, знаците на антихристот, со секташки ориентираните духовници и секташките заедници кои тие ги формираат и за многу други современи теми од животот на Црквата. Главниот лик, отец Флавијан, иако секој би помислил дека се работи за самиот автор, всушност, не е тој, туку е инспириран најмногу од ликот на протоерејот Василиј Владишевскиј, човек со голема побожност, љубов и комуникативност – особини кои треба да ги поседува секој пастир Христов. Но не само од него, туку во ликот на Флавијан се вклучени особини и од многу други духовници, кои оставиле голем впечаток кај авторот на оваа книга. Кога човек ќе почне да ја чита, едноставно, не може да ја остави без да ја дочита. Никој не останува рамнодушен по прочитувањето и верувам дека многумина ќе се воцрковат токму со нејзина помош, а, пак, црковните луѓе може да научат исто така многу нови нешта од неа. Книгата е полезна за секој човек, за секој љубител на пишаниот збор, им ја посветувам на богољубивите свештенослужители, на преподобните монашки заедници и на сите браќа и сестри кои имаат барем малку вера, барем малку жив интерес за животот во нашата Света Црква. Митрополит Повардарски + Агатангел |
|
20.01.2016. |
На 20.01.2016, на денот кога Светата православна црква го чествува Соборот на Св. Јован Крстител, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на протоереј Ристе Јанушев, свештенил Јованче Илиев и ѓакон Васил Ристовски, отслужи Божествена Архиерејска Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. |
|
19.01.2016. |
Прославата на празникот на Богојавлението во Велес започна со Света Божествена Литургија во храмот „Св. Спас“, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на целото свештенство од Велес. Потоа, од храмот „Св. Спас“ беше формирана литија до мало мовче од каде што се изврши осветувањето на водите на реката Вардар и беше фрлен чесниот и животворен крст во водите. Традиционално секоја година велешани масовно присуствуваат на осветувањето на водите и фрлањето на животворниот крст, а секоја година голем е бројот на оние коишто се фрлаат во студените води на реката Вардар за да го фатат крстот. Оваа година 59 млади луѓе влегоа во водите на реката Вардар за да го фатат крстот за здравје и спасение. Годинава, крстот го фати Андонов Ивица од Велес, кому ова му беше прво фаќање на чесниот и животворен крст. Нему Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел му ја подари Библијата и златен крст, а десетина други спонзори му подарија други пригодни дарови. На осветувањето на водата на реката Вардар оваа година покрај многубројните велешани присуствуваа градоначалникот г-дин Славчо Чадиев и пратениците од Велес. |
|
|