Влијанието на технологијата и социјалните мрежи врз младите свештеник Љупче Миланов (Говор одржан на трибината одржана на 16.06.2011 год. во Пионерскиот дом во Гевгелија) Живееме во епохата на технологијата, во време кога човекот сериозно започнува да се запрашува: Каде е крајот? Каде е границата на човеките достигнувања? Гледајќи ги околу нас сите технолошки врвни достигнувања кои нè опкружуваат, човекот, а посебно младите денес се чувствуваат толку супериорни, така што сметаат дека можат да владеат со светот, не затоа што се способни или неспособни за такво нешто, туку затоа што во нивната свест тие не гледаат кој би можел да ги сопре во остварувањето на таа цел. Таков е животот без Бога. Горд исполнет со самобендисаност и затвореност во себе. Навистина, во првата книга од Библијата кога се опишува создавањето на човекот се вели дека Бог го поставил човекот за господар на овој свет. Но, зборот господар во никој случај не треба да се поистоветува со тиранин. Господар, значи дар од Бога, од Бога даруван. А такво битие е човекот од Бога дарувано да се грижи и да го негува овој свет. Навраќајќи се назад низ историјата и гледајќи ги сите тие технолошки достигнувања, со која цел се започнати да се создаваат и кои се нивните првобитни намени, ќе видиме дека сите тие, и компјутерите и телевизијата, радиото, телефонот, превозните средства итн. се направени со цел за да му служат на човекот и да му обезбедат што поспокоен живот исполнет со љубов и благосостојба, но тука се појавува и најголемиот парадокс. Имено, колку луѓето повеќе зборуваат за љубовта, за мирот и благосостојбата, толку тие се пооскудни во нашите животи. Колку луѓето се трудат да измислуваат машини што ќе им го поедностават животот, толку повеќе животот на човекот станува сè посложен и посложен. Зошто е тоа така? Затоа што денес луѓето сакаат да ги пронајдат мирот, љубовта и благосотојбата во еден свет надвор од Бога, а такво нешто е невозможно, затоа што само Бог е вистинското мерило за љубовта, за мирот и за благосостојбата. Бог е љубов и затоа ОН Е единственото мерило за љубовта. Денес луѓето копнеат да бидат сакани и очајуваат затоа што не можат да најдат некој што ќе им пружи онаква љубов, каква што тие сакаат, но човекот којшто во своето срце Го има Бога, тој не чека некој друг да му искаже љубов, туку тој ги љуби другите и тоа без некоја посебна причина, туку само затоа што се дело на рацете Божји и не очекува таа љубов да му биде возвратена, бидејќи љубовта од корист и престанува да биде љубов. И токму затоа младите денес се затвораат во еден свој виртуелен свет. Затоа што растеле во свет во кој не се знаело за Божјата љубов, во свет каде што љубовта воопшто била поистоветувана со користољубивоста и морала да биде возвратена. Бегајќи од овој суров свет младите започнале да трагаат по еден свет кој ќе им ги пружи сите тие задоволства кои произлегуваат од горделивото срце. Така се случи телевизорите да ги заменат семејните огништа за кои денес слушаме како за некои измислени бајки каде децата се воспитувале во секое добро, не според финансиската моќ на родителите, туку според животното искуство на постарите. Така се случи и интернетот да ги замени сите средби и другарувања, каде се напредуваше и духовно и физички. И сега, нормално, секој човек веќе би си го поставил прашањето: Кој е ставот на Црквата кон ова прашење? Дали Црквата ги осудува интернетот, телевизијата и другите технолошки изуми? Дали ги смета за зло на современиот човек? Одговорот е: Не, никако. И не само што не ги смета за зло научните достигнувања, напротив Црквата секогаш се радува на новите изуми и на технолошките достигнувања. Духовните чеда на старецот Порфириј исто така биле лично засегнати од овие прашања и затоа кога го прашале дали смеат или не смеат да се ползуваат со компјутерите тој им одговорил: Секако дека смеете, штом Бог допуштил да се измислат, тогаш тие ни се потребни и секако дека не се грев. Затоа вие, чедата Божји, ползувајте се со нив за добри работи, за да не ве испреварат чедата на лукавиот во нечестивите работи. Овој одговор на старецот Порфириј би можел да се земе како најдобар православен став кон овие прашања. Ништо што Бог допуштил луѓето да измислат не е грев и не може да се осуди, напротив, таквите нешта можат да ни користат и за спасение доколку правилно се ползуваме со нив, значи важен е нашиот однос кон нештата. Затоа секогаш треба да имаме на ум дека компјутерите и целата технологија ни е дарувана за корисно да се ползуваме со неа, ние да бидеме тие кои ќе раководат со машините и токму тука да го искористиме нашето право како господари, како од Господа дарувани битија. Кога велам дека ние треба да бидеме господари на машините, а не тие над нас, на ум имам дека современите изуми и тоа како можат да бидат духовни тирани над човекот доколку тоа им се допушти, се разбира од наша страна. Еве еден пример како тоа е можно: Компјутерот е создаден како помошно средство кое ќе му биде од полза на човекот, една од многуте работи со кои може да се ползува човекот од него е и збогатувањето на речникот, во книжевноста компјутерите се претставени како помошни средства кои ги надминале сите проблеми во составувањето на новите ремек дела и потребни ни се само уште брилијантни продуховени умови кои ќе ги состават тие класици. А младината читајќи ги овие дела се разбира дека духовно ќе се збогатува и ќе го знае како правилно да се изразува. Но наместо тоа, наместо оваа блескава замисла што имаме денес? Зборот ја губи силата во динамиката во денешниот свет. Кратенките и лозинките станаа дел од нашето секојдневно изразување. Сликите и визуелните пораки станаа основа на нашето изразување и тогаш кога сакаме да се идентификуваме себеси. Современиот човек ќе рече дека тука нема ништо лошо, дека сето тоа е дел од денешната култура на економичност која започна да се применува и во говорот. Но, дали е тоа така? Говорот, таа света работа што Бог ни ја дарувал, доколку вака ја сквернавиме, колку може да ни помогне во надминувањето на осаменоста? Дали правилно можеме да ја положиме исповедта на нашата душа и дали можеме да го слушнеме гласот на нашите ближни кога ни се исповедаат доколку се користиме со овие кратенки и лозинки? Наместо позбогатени и уметнички побогати, средствата за изразување и општење на современиот човек се сè пооскудни и поредуцирани, така што наместо да напредува кон висините, човекот како да се спушта во бездните на својата цивилизација. Мудроста на комуникацијата повеќе не е дел од нас. Затоа користејќи се со овие научни достигнувања, посебно со компјутерите и телевизиите, луѓето никогаш не смеат да заборават на основните христијански заповеди: Љубовта кон Бога и љубовта кон ближните. Во никој случај не смееме да дозволиме, како што вели старец Порфириј, чедата на лукавиот да нè прелажат преку овие работи, туку секогаш мудро користејќи се со нив да ги ползуваме за поголеми добра и за спасение на нашите души. |