|
1.02.2011. |
На денот кога Светата православна црква го празнува споменот на Св. Атанасиј Велики, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој светител во Неготино. На Литургијата сослужуваа повеќе свештенослужители од епархијата, а молитвено голем број верници од градот го чествуваа својот закрилник. Неговото Високопреосвештенство, г. Агатангел по завршувањето на Литургијата изврши водосвет и ги благослови славските колачи. Свети Атанасиј Велики, архиепископ Алесандриски 31/01/2011 Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година. |
|
1.02.2011. |
На денот кога Светата православна црква го празнува споменот на Св. Антониј Велики, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Св. Димитриј“ во Валандово. Преподобен Антониј Велики 30/01/2011 Мисирец, роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го подели наследството со својата малолетна сестра, ја згрижи кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посвети на подвижнички живот, како што тежнееше од детството. Најпрво се подвизуваше во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечи во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник помина дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија. Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собраа многубројни ученици коишто ги поучуваше со пример и со слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отиде во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на Св. Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокои во сто и петтата година од животот, а зад себе остави цела војска следбеници и ученици. Иако на беше наобразуван, им беше советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што беше Св. Атанасиј Велики. Кога некои елински филозофи го искушуваа со книжевна мудрост, Антониј ги засрами со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите се разотидоа, зашто видоа дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го има Антониј. Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразуваше себеси, па само така имаше сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокои во Господ во 335 година. |
|
|
<< Почеток < Претходна 1 2 Следна > Крај >>
|
Резултати 10 - 12 од 12 |