Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Духовник и психолог
Духовник и психолог
15.10.2009.

Духовник и психолог – во што е разликата?

 

Протоереј Аркадиј Шатов

 

Вистинскиот духовник, се разбира, е неспоредливо подобар од било кој друг, нека е тоа и најистакнатиот психолог. Нему му е даден благодатниот дар на љубовта, и таа љубов самата наоѓа утешителни зборови, така што било кои од вештачките методи, со кои се ползуваат психолозите, стануваат непотребни.

Најголемиот недостаток на психологијата, според мене, се состои во обидот да се разоткрие тајната на човекот, да се објасни неговото однесување, не спомнувајќи си за Бога небаре го ослободуваме Бога од границите на битието.

А како е можно да го разбереме човекот, ако се апстрахираме од Бога, Кој го создал човекот според својот образ и подобие?

Токму затоа таквиот обид е осуден на пропаст. Обидувајќи се да ги разберат сложените проблеми на внатрешниот живот на човекот, психолозите обично не го гледаат најважниот проблем – проблемот на односот на човекот со Бога. Да се решат проблемите на човекот, без да се реши најглавниот проблем, проблемот на заемниот однос на човекот со Бога - е невозможно.

 

Велат дека психолозите му помагаат на човекот да се спознае самиот себеси. Како човекот може да се види себеси? Тој може да се види себеси во огледало. Такво огледало за душата е Евангелието. Старецот Таврион Батоски еднаш му рекол на еден млад човек: еве ти Евангелие, прочитај го и кога ќе се видиш себеси, тогаш повторно дојди кај мене. Човек може да се осознае себеси пред Бога, во огледалото на заповедите Божји, а ако тој со помош на психологот се научи само да се огледува, трудејќи се да открие нешто во себе, тој ништо нема да разбере, туку уште повеќе ќе залута.

Тој може да види некакви детали, но главното во својата душа нема да го види и ќе се изгуби среде бел ден.

 

Православниот психолог во таа смисла се разликува од неверникот, кој има високо мислење за себе, дека тој со помош на психолошки методи му помага на човекот.

Православниот психолог е свесен дека Оној што вистински помага е само Бог, и задачата на психологот е да му помогне на човекот да дојде во црква. Во тој случај работата на психологот е оправдана. Тој може да стане помошник на свештеникот – мене би ми било мило кога би имал такви помошници. Но јас сум уверен, дека на православниот психолог не му помага толку професионалната подготовка, колку што му помага личносниот дар - дарот на утеха, дарот на расудување. Невозможно е тоа да се научи механички, тука нема да помогнат никакви формални методи, работни искуства, па и самите психолози, колку што знам, тоа го признаваат.

 

Јас имам сосема негативно искуство од соработката со психолози. На пример, по катастрофата во водниот парк јас појдов во Првата градска болница, каде што лежеа настраданите. Пред мене таму веќе бил психолог. И ете една кутра девојка му раскажувала на психологот како во водниот парк загинал нејзиниот другар... а потоа ја замолила мајка си, кај неа веќе да не пуштаат психолог – затоа што нејзе ì станало уште полошо.

Еднаш разговарајќи со една девојка која штотуку дипломираше на Психолошкиот факултет, јас решив да проверам со што таа може да ми помогне. Јас ги споделив со неа своите тешкотии: „Знаете, ме фаќа некоја мачнотија, тешко ми е, некако, ништо не ми успева“ – навистина ми беше тешко. А таа ми вели: „Вие имате ниско мислење за себе“. И потоа, „знаете, треба да го прераспоредите вашиот мебел дома, и со вас сè ќе биде поинаку...

 

Што стои позади еден психолог? Неговиот сопствен разум? Неговото лично искуство, некоја си научна школа? Но ете не постои една општопризната психолошка школа, секоја си има свои термини, свој систем – тоа сите го знаат. Таква школа и не може да има. А зад свештеникот стои Бог. И обраќајќи се кон духовникот, јас се обраќам кон Бога. Подвижничката школа и духовниот живот, за кој пишуваат светите отци, е една за сите векови. Тоа го зачудило во свое време светителот Игнатиј Брјанчанинов, кога тој ги читал светите отци, - единството на нивните размислувања. Иако никој не го изградил посебно тој систем – светите отци оделе по тој опитен пат. Постои класификација на страстите, постојат начини за борба со нив, постојат и скалила на добродетелите, по кои човекот треба да се искачува.

 

Се разбира, за човекот потребна е не само исповедта, туку потребен му е и разговор, совет. Светите отци говорат дека дарот на расудување е најголемиот дар. Но не сите свештеници го имаат тој дар. Потребно е и животно искуство, духовност, отсуство на страстите и љубов. Мене, можеби многу ме послужи среќата: јас познавав и познавам многу добри духовници, кои секогаш многу ми помагале. Штом сè уште не сум настрадал, тоа е само благодарение на нив, на нивното сочувство, снисходење, мудрост, љубов. Такви свештеници треба да се бараат и да се оди токму кај такви. Лошиот психолог може да ì нанесе голема штета на душата. Ако, пак, свештеникот е лош, тогаш преку светите Тајни сепак дејствува Бог. За добриот психолог најважно е знаењето на теории, практични вештини, методи. За добриот духовник најважна е себеодрекувачката љубов. Тој треба да е подготвен да се жртвува себеси заради своите духовни чеда. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците; а наемникот... кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега...(Јован, 10, 11-12). Психологот нема да умира за мене.

За духовништвото и психологијата прекрасно говори атонскиот старец Пајсиј.

Многу луѓе, измачени од проблемите, кои самите си ги создале со своите гревови, не одат кај духовник, кој вистински може да им помогне, туку завршуваат со тоа што се исповедааткај психолог. Тие им раскажуваат на психолозите за историјата на својата болест, советувајќи се со нив за своите проблеми, и тие психолози (со своите совети) буквално како да ги фрлаат своите пациенти во средината на реката, која тие треба да ја преминат. Како последица на ова несреќниците или потонуваат во таа река, или сепак допливуваат до другиот брег, иако текот ги однел многу далеку од тоа место каде што тие сакале да стигнат... А ако дојдат на исповед кај духовник и се исповедаат, таквите луѓе без ризик и страв ќе ја преминат реката преку мостот. Зашто во таинството на исповедта дејствува благодатта Божја и човекот се ослободува од гревот.

 

- Старче, некои луѓе се оправдуваат, велејќи: Не можеме да најдеме добри духовници и затоа не одиме на исповед“.

 

- Сето тоа се изговори. Секој духовник, штом е облечен во епитрахил, поседува божествена власт. Тој го извршува таинството, тој ја има Божествената благодат, и кога ја чита над покајниците разрешителната молитва, Бог ги брише сите гревови, кои тој ги исповедал со искрено покајание. Значи, каква полза ќе имаме од таинството на исповедта, зависи од нас самите. Еден ден кај мене во колибата дојде еден човек, кој имаше психички пореметувања. Тој имаше помисла дека јас имам дар на прозорливост и дека јас можам да му помогнам. „Што можеш да предвидиш за мене?“ – ме праша тој. Најди духовник и исповедај се“, - му одговорив јас. – „Тогаш ти ќе спиеш како бебенце и ќе ги фрлиш таблетите што ги пиеш“. – „Во наше време“, - одговори тој, - „нема добри духовници. Порано имаше, а сега се истрошија“.

Ете така тие луѓе доаѓаат кај мене со добра помисла да добијат полза, меѓутоа не го слушаат она што јас им го зборувам. Но што да се прави: напразно потрошиле пари за билети до Атон“.тарец Пајсиј Светогорец. Поуки. Том III, стр. 274 – 275)

 

 

Превод од руски јазик:

Миле Иваноски

Наслов на изворникот:

Протоиерей Аркадий Шатов,

Духовник и психолог: в чем разница?

„Нескучный сад“,

Всеукраинский журнал „Мгарскій колоколъ“

http://www.mgarsky-monastery.org

 

 

 
< Претходно   Следно >