Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО
15.06.2007.




Сите јавувања Божји на земјата се само подготовка за најголемата појава на Синот Божји во тело. Кога човекот падна, Господ дојде во рајот, за да му ја објави правилната осуда и воедно да му укаже милост и да му даде ветување за победоносното семе на жената. Се симнува Господ во поплавните води, за да го поништи расипаното човечко беззаконие, и да ја зачува Црквата во него. Се симна Господ за да ги измеша јазиците, па да ја оддели Својата Црква од заедницата со горделивите ѕидари на кулата. Се симнува Господ во знаците и откровенијата на праотците, се симнува Он во громовите и молњите на Синај. И сето ова беше за да се подготви патот за Христа. Законот беше воспитувач во Христа (Гал. 3, 24). Сето тоа беше Негово јавување, а не однесување, заедница со луѓето, а сега се објавува однесувањето, заедницата Негова со луѓето, а не е само јавување.

Во кое време благоизволи Отецот небесен да го испрати на земјата својот Син единец? Во последните денови за време на светското владеење на незнабожечкиот цар, кога човештвото падна во најголема длабочина на расипништво и беззаконие, кога се намножи гревот и кога се рашири по целата земја. Реките на беззаконието течеа по земјата, а горделивоста ја воздигнуваше својата глава до небесата. Луѓето му служеа на ѓаволот, а го заборавија својот Создател. Секаде се кадеа идолски кипови и изгледаше како самиот воздух да смрдеше од димот на тие гадни жртви. Поразуваат оние црти, какви што ги изнесува апостол Павле и во какви што го опишува незнабожечкиот свет пред доаѓањето на Господа Исуса Христа (Рим. 1, 21-32). Господ Бог како да чекаше додека се развие целата величина на злото во страдалното човештво.

Во исто време кога незнабошците се валкаа во калта на сите расипности, се уверија дека не можат самите да се дигнат од длабочината на моралниот пад. Тогаш на избраниот божји народ, Бог, овдеонде му даваше ветување и изјавуваше пророштва за Искупителот, кој ќе пристигне. Во овие пророштва беше објавено времето и местото на доаѓањето на Месијата.

Седумдесет седмини се одредени на твојот народ и на твојот свет град да се изврши престап, му вели архангелот на пророкот Даниил, да исчезне гревот, да се исчисти беззакони-ето и да се доведе вечната правда, да се запечати привидението и пророштвата и да се помаза светиот над светите - Месијата, Христос. За тоа знај и разбери: откога излезе зборот-указот царски, Ерусалим повторно да се соѕида, до помазаникот - кнезот Христос, ќе има седум седмини и шеесет и две седмини за пак да се изградат улици и ѕидови и тоа во тешко време. А по тие шеесет и две седмини, ќе биде погубен помазаникот - Христос. Но за една седмина, Он ќе утврди завет со многумина, а во половината на седмината ќе ги укине жртвата и приносот (Дан. 9, 24-26). Овде седмините се сметаат за седмина од годината, и тогаш од царскиот указ до појавата на Месијата треба да поминат 4861/2 години: 7+62 = 69 х 7 = 483+31/2=4861/2- По вавилонското ропство се издадени три царски укази, повторно да се издигне Ерусалим: за владеењето на Кир - персиски цар, во првата година од неговата управа во Вавилон во 217 година од постанокот на Рим, за владеењето на Артаксер Лонгиман - персиски цар, во седмата година од неговата управа, во 295 година од постанокот на Рим и за владеењето на истиот цар, во дваесеттата година од неговата управа, во 308 година од постанокот на Рим (1. Ездр. 1,1; 2. Лет. 36, 23; 1. Ездр. 7, 7; 2. Ездр. 2,1-5). На овој начин, внимателните Израилци можеле приближно да знаат кога ќе дојде Месијата, применувајќи ги овие години на овие седмини.
Светиот пророк Михеј го претскажал и местото каде што ќе се роди Месијата, со овие зборови: И ти Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее со Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста (Мих. 5,2). Овде пророкот изрично спомнува дека господарот израилски ќе се роди во Витлеем, од коленото Јудино. Витлеем порано се викал Ефра или Егрита (1. Мој. 35, 19; 48, 7). Сите, и секогаш разбирале дека ова пророштво се однесува на Месијата (Мат. 2,5-6).

И ова и уште многу други пророштва, очигледно го покажуваа Месијата. Од источните народи, најмногу од овие пророштва се памтело Валамовото пророштво, што го изрече Валам, среде повикот на Моавитскиот цар Валак. Ќе заблеска ѕвезда од Јаков и ќе се појави скиптар од Израилот (Числ. 24, 17). Старинските толкувачи го објаснуваат ова пророштво така, што овде го гледаат Месијата и му го даваат ова значење: ќе се појави кнез од домот израилски. Бидејќи овде, раѓањето на Месијата се претставува под слика на ѕвезда која се појавува, кај источните народи се очекуваше да се јави ѕвездата на Месијата. Уште од најстаро време, доаѓањето на Спасителот се ставаше во таинствена врска со повремените измени во движењето на небесните тела и со основните кругови на времето. Луѓето веруваа дека, Месијата ќе дојде дури тогаш, кога ќе помине некое време, а особено на крајот на голема година, која се составува од многу месечни години, и дека тогаш на небото ќе се појави необична ѕвезда, како небесен знак, кој го објавува раѓањето на Месијата. Од каде се овие источни преданија не можеме да знаеме. Јудејските равини сметаат дека сето тоа потекнало од Бог, дека најпрво Бог им кажал уште на старите патријарси, кои сакале да го набљудуваат величественото небо посеано со ѕвезди, па потоа тие им кажувале на своите потомци, а од нив преданието преминало и кај другите народи. Овие, пак, народи, мислеле дека тие претскажувања за Спасителот се од нивните значајни мудреци. Персијанците и Халдејците го припишуваа ова на Зоротрустра, Конфучие итн. Но, на било кого и да се припишуваат претскажувањата за Спасителот, несрушливо е тоа дека, сите народи, раздвоени со голема далечина, очекуваат да им дојде искупителот.

Кога се приближи тоа време, што го претскажаа пророците, дека ќе се роди Христос, не се возбудија само Јудеите, туку се возбудија и сите источни народи и сите очекуваа некоја необична промена во светот. Светоние вели: По целиот исток ечеше стародамнешното и непрекинато предание што е во пророштвата, дека во тоа време Јудеите ќе завладеат со светот. Исто така, зборува и римскиот историчар Тацит: "Тогаш настана општо уверување, како што велат и стародамнешните свештени книги, дека во тоа време исток ќе се осили и Јудеите ќе завладеат со сите". За местото на кое ќе се појави Спасителот, и Јудеите и сите други народи мислеа на некое подобро, некое поприкладно. Но значајно е дека, ниту еден друг народ, освен Јудеите, не смееше да ја припишува на себе славата за појавата на Месијата, иако некои по својата народна гордост се сметаа дека се род со боговите. Европејците и Американците очекуваа Спасителот да дојде од Исток, а Индијците и Китајците, да дојде од Запад, но сите под ова ја подразбираа земјата Јудејска. Во ова време сите народи беа под власт на Рим, што со посебна намера е дозволено со божјото провидение. Не можеа сите владетели да признаат, како што признаваше Кир, дека земните држави ги дава Господ Бог небесен. Ниту, пак, можеа сите народни владетели да сфатат, дека народот сега се соединува во една држава, за да се подготват и полесно да станат едно стадо во духовното царство на мирот и љубовта, кое нема никогаш да пропадне. Но, сепак добро гледаат дека настаните го водат светот кон единство и дека моќта се дава на Рим според наредбата на премудрите Божји намери. Тоа што Август стана единствен господар, помогна да се срушат идолите на многубоштвото и едно светско царство утврдува едно божествено господарство, вели светата Црква.

Залудно се трудеа ласкачите, преданијата и пророштвата за појавата на Спасителот да ги применат за царевите и големците римски. Сите погледи беа свртени на Јудеја и одовде го чекаа царот, кој ќе завладее со вселената. Во Рим, некој Марат, малку пред раѓањето Христово, говореше дека природата го раѓа царот, на кого Рим и народот римски мора да му се покорат. Тогаш римскиот сенат се исплаши и забрани да се воспитуваат децата што се родиле таа година.


Светите отци и црковните учители, според тогашните настани го одредуваат времето на раѓањето Христово на овој начин. Свети Јустин Философ вели дека Христос се родил за 150 години пред неговото време, за време на Квиринеј, кој бил, како што мисли тој, прв Јудејски старешина. Иринеј вели дека раѓањето Христово било во 41 година од управата на Август. Евсевие смета исто како и Иринеј. Климент Александриски смета 15 години од управата на Август и 15 од управата на Тивериј и наоѓа дека тоа време се поклопува на 30-тата година од Христовиот живот и според тоа ја одредува годината на неговото раѓање, 751 од постанокот на Рим. Тертулијан вели, дека Христос се родил во 41 година од управата на Август. Свети Епифание смета дека раѓањето било блиску до ова време. Свети Иполит во пасхалниот канон вели дека раѓањето Христово било 752 година од постанувањето на Рим, а исто така мисли и блажени Августин.

Времето на Христовото раѓање, најсигурно го одредува евангелистот Лука (Лука 2,1; 3,1). Бидејќи Исус Христос имаше 30 години кога ја започна својата јавна служба, тогаш на годините на владеењето на Тивериј се додаваат уште 15 години од управата на Август и излегува 30 години. Ако овде се појави некоја мала разлика, таа ќе биде од тоа што различно се брои почетокот и крајот на Августовата влада, а исто така и почетокот на управата на Тивериј. Земајќи ги во предвид и другите места на евангелските кажувања, обично се смета дека раѓањето Христово било во 749 година од постанокот на Рим.
Многу малку се разликува броењето на годините што во сегашно време го применуваат и усвојуваат сите христијански народи од ова броење. Тоа броење го изложил и го докажал монахот Дионисиј мали.

Денот и месецот на раѓањето на Господа Исуса Христа се одредува според овие докази. Евангелистот Лука вели дека кога се крстел Спасителот имал 30 години (Лука 3,23). Значи Он започнал да проповеда, три месеци пред Пасха, 780 од постанокот на Рим. Тогаш Пасха била на 11 Април, што го потврдува и преданието кое вели дека Он се крстил на 6 Јануари. Ако Исус Христос на 6 Јануари имал 30 години, тогаш и раѓањето негово не било далеку од тој ден. Уште подобро може да се одреди овој ден, од друго раскажување на евангелистот Лука, а тоа е дека Исус Христос е помлад од Јован Крстител за 6 месеци. Времето на Јовановото раѓање го одредува она време, кога архангелот му се јави на Захарија во храмот. Захарија бил од Авиевата (чреда), а оваа чреда била осма. Сега треба да се одбие бројот на неделите од она време, кога Тит го разруши храмот, а тоа се случи во деветтиот ден на месецот Ава, или на 5 Август 823 година од постанокот на Рим, кога според јудејското броење на годините почнувала чредата на Годолије во храмот, до 748 од постоењето на Рим, кога и се случи тој настан што го опишува евангелистот Лука, со тоа да се одреди времето на служењето во оваа последна година на чредата на Авиј.
Сончевите 75 години имаат 3913 недели - седмици и 3 дена, што докажува дека во тоа време чредата на Годолиј се повторувала 163 пати, и во бараната 748 година, таа била на служба помеѓу 14 и 21 Август. Чредата на Авиј, го презела сужењето по седум недели и според тоа таа помеѓу 2 и 9 Октомври веќе можела да се врати во својата куќа. Ако земеме од тоа време дека Елисавета забременила, тогаш зачнувањето на пресвета дева Марија, што се случи во шестиот месец по горниот настан, мораме да го сметаме по 10 Март, откако забремени Елисавета, а тоа е, како што уверува преданието 25 Март 749 година од постанокот на Рим. Кога од овој ден ќе ги изброиме нанапред деновите и месеците, тогаш 25 декември 749 година од постоењето на Рим, ќе го признаеме за ден на Христовото раѓање.
Слдвд ко иишмихч» ЕогЅ и нл земли мирт^, к% челок^ц^хт» вллговолЕше!

Евангелистот Лука вели дека пред раѓањето Христово, излезе царска заповед, да се попише целиот свет, и ова беше прв попис за време на управата со Сирија на Кир. Нема сомнение дека римскиот господар Август имаше државничка намера, штом ја издаде оваа заповед од политички побуди, финансиски сметки итн. Но, зарем не е чудно што овие побуди помагаат да се изврши старото пророштво за раѓањето на Спасителот во Витлеем? Ова потполно се извршува, а воопшто не се руши човековата слобода! Скромно се поклонуваме на неискажаните начини на божјото провидение. Но, колку е голема скромноста на Спасителот, какво е понизувањето на кое Он се изложува сред овој народен попис! Исусовото име, најмило и најпочитувано, пред чие име се поклонуваат колената на се што е небесно, земно и подземно, според апостолското кажување (Филип. 2, 10-11), од самиот почеток мораше да се запише во бројот на поданиците на незнабожечкиот господар, како последен од синовите израилски. Горделивиот цар и без волја помага да се изврши од Бога даденото пророштво. Тој и не сонува дека ова име, што сега го запишуваат во бројот на неговите поданици, има таква власт, сите верни да ги запише во книгата на вечниот живот. А тој цар не сакаше да удостои ниту да погледне во имињата на списокот, шти ги испратија од Јудеја. Оние, на кои им е заповедано да ги разгледаат списоците на пописот на народот, повеќепати, меѓу имињата на потомците Давидови го читаа и најславното име на Исуса. Тоа е првиот назив слуга, што по раѓањето сакаше да го прими на себе Синот Божји, за нас, слугите на гревовите да не направи слободни.

Кај Евреите беше вообичаено, народот да се запишува според колената, племињата и според семејствата. И секое колено, племе или семејство си имаше свој одреден град и прататкови места. Со тоа, царската заповед ја раздвижи целата Јудејска земја. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град, вели евангелистот Лука (Лука 2, 3). Витлеем беше во Јудиното колено, и за разлика од Завулоновото, се викаше Јудино, во него се роди Давид и според тоа се сметаше за семеен град на неговите потомци. Овде мораше да дојде да се запише Јосиф, како потомок на Давид. Марија, како женско, не потпаѓаше во народниот попис, па можеше да остане дома, што и наложуваше тогашната нејзина положба и состојба. Но, таа, како што сведочи преданието, беше една во семејството, немаше ниту браќа, ниту сестри, а таквите девојки, како наследнички на името и на целиот семеен имот, потпаѓаа под пописот напоредно со машките (Числ. 27, 8; 36, 6-7). Заради тоа, благодатната дева од семејството Давидово, иако веќе и беа последните денови од нејзината бременост, мораше да го остави својот мирен, домашен кров, да оди во својот семеен Витлеем, и своето име да го запише во списокот на царските поданици. Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и од племето Давидово, за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна. Со овие зборови, евангелистот како да вели, дека иако Марија е бремена, подобро би и било да останеше дома, затоа што ова патување од неколку дена, за неа е и опасно и тешко, но таа се покорува на заповедта на римскиот господар, зашто власта е од Бога. Светиот Јосиф се тешеше со помислата дека во Витлеем нема долго да останат, туку штом на царот ќе го дадат царевото, веднаш ќе се вратат во својот дом да го дадат на Бога Божјото. Но, зарем можеше бргу да дојде редот на сиромавиот дрводелец Назаретски, кој, како и Марија е од семејството на царот Давид од права линија, но кој сега нема ништо друго, освен побелената глава и внатрешна чест на душата, која познава само еден Бог?
За обично патување од Назарет во Витлеем е потребно три дена, а при овие околности, овие праведници многу полесно мораше да патуваат. Не е чудо, што ова тешко патување по стрмниот пат, ја измори пресвета дева и кога веќе беа блиску до Витлеем, таа почувствува голема потреба да се одмори. Преданието вели дека пресвета дева, блиску до Витлеем изморена, се симна од магарето на кое јаваше дури тогаш кога капна од одење и овде блиску здогледа камен, легна на него и се одмори, а по одморот, пак тргна и дојде во Витлеем.

Кога беа таму, дојде време таа да роди. Само што дојдоа во Витлеем, на Марија и дојде време да роди. Јосиф грижливо, насекаде по градот бараше место, каде ќе отседнат, но не можеше никаде да најде преноќиште. Градот е мал, а многу народ дојде да се попише, па сите куќи беа полни и за светите патници не се најде никаде место, каде би се сместиле. Сите јавни гостилници се преполни и залудно светиот старецот веќе капна барајќи, макар и најмала просторија за преноќиште. При вакви прилики жителите на градот не ги примија под својот кров сиромавиот старец со дева. За нив немаше место, ниту во куќите, ниту во гостилниците. Тогаш старецот беше принуден да побара преноќиште во градската околина. Блиску до Витлеемската капија, источно од градот, до Давидовиот извор, имаше пештера во камена гора. Во оваа пештера, кога е лошо времето, овчарите ја донесувале својата стока, а и овчарите се засолнувале овде од голема жештина и од дожд. Од таа пештера почнуваше поле. Внатре, во пештерата, во каменот беа направени јасли, во кои на стоката и ставале слама. Пресвета дева и Јосиф беа принудени во оваа пештера да побараат засолниште од студот и кров за себе и за детенцето што се очекува.

Но, провидението на небесниот Отец, внимавало над судбината на прељубезниот Свој Син. И ако би се нашло место во градот, колку неповолности тогаш би имало при раѓањето на Исуса Христа од силната врева и од љубопитноста на безработниците? А овде, во оваа пештера, надвор од градот, света дева и Јосиф беа сами, во потполна тишина и слобода, далеку од друштво и само со Бог и со ангелите. На овој начин, завесата на таинственоста, ја скри лулката на Синот Божји од светските очи, и таа остана потполно недопрена од извалкани раце.


Во оваа пештера, благодатната приснодева на 25 Декември, сама биз ничија помош, без страдање и без болка го роди воплотениот Син Божји, нашиот Господ Исус Христос. За ова, свети Андреј Критски вели вака: "Мајката не ја почувствува болката на раѓањето, а вообичаено е да патат сите што раѓаат... Дева го роди бессемено зачнатиот и остана неизвалкана дева и ги зачува неповредени клучевите на девството". А свети Дамаскин вели: "Христос се раѓа на време, кога се навршија девет месеци, во почетокот на десеттиот, според обичниот закон на природната бременост, но се раѓа без болка, што е поголемо од законот за раѓање... и по раѓањето не дојдоа, не настапија страдања, болки". По раѓањето на Спасите-лот, како и до Неговото раѓање, пресветата дева Богомајка остана секогаш дева, па затоа светата Црква ја признава за приснодева.

Оваа мајка, која Го роди Господа Исуса Христа, зачна по слегувањето на Светиот Дух врз неа и затоа таа не роди така, како што раѓаат другите човечки мајки. Ова раѓање се изврши без тешкотии, без болка и страдања, па и не беше потребна никаква помош што мора да ја имаат обичните мајки. Пресвета дева Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, вели евангелистот. Ова значи дека, пресвета дева сама го прими на своите пречисти раце божественото детенце, сама го пови во пелени и го стави во јасли, па без сомнение и самата прва клекна пред Оној, Кој ја удостои да Му биде мајка. Еден свет отец, размислувајќи за споменатите евангелски зборови, вели: "Погледни како тајно раѓа дева, сама раѓа, сама и повива. Обичните жени сосема поинаку постапуваат: тие раѓаат со помош на друг и нивните дечиња ги повиваат други жени. Кај пресвета дева се случува поинаку - таа е мајка без тешкотии и без маки. Таа самата на себеси е бабица, која никој не ја поучува. Таа не дозволи никому да се допре со нечистите раце до роденото од неа пречисто детенце, туку самата Му служи на Оној, Кој го роди и Кој е поголем од неа. Таа сама го повива и сама го става во јасли".

Една црковна песна, потсетувајќи не на настанот во пештерата, чувствата на Богомајката ги искажува вака: Го држи на рацете воплотениот и облечениот во човечка слика Господ, и го бакнува како мајка, па му вели: најслатко чедо, како јас те држам на своите раце, Тебе Кој со својата рака држиш се што е создадено! Со страв и најголема почит, старецот Јосиф, клекна пред пречистата мајка и нејзиниот Божествен Син и во радосно восхитување го набљудуваше натприродното чудо и несомнено се увери, дека роденото дете е навистина од Светиот Дух. Ја гледам чудната и најславна тајна. Небото - вертеп, херувимскиот престол - дева, јаслите - лулка, во која легна Христос Бог, Кој е над секое место... Вакви мисли ја обземаат побожната душа, кога ќе се сети на витлеемскиот настан. Јосиф се уште не ја познаваше добро пресвета дева, додека таа не го роди Синот, својот Првенец, дотогаш од него беше скриено на каква тајна служи таа. Кога роди, тогаш Јосиф дозна што е таа и на каква висина е удостоена. Дозна, кога виде дека го дои детенцето, а во исто време го зачува цветот на своето девство неизвалкан. Дозна кога виде дека дева роди, но не чувствува никакви тешкотии, ниту болки. Тогаш тој сфати дека пророк Исаија за оваа девојка пророкуваше и напиша: ете, девојка ќе зачне.

Светата Црква пее, ангелите ги обиколиле јаслите, како да е херувимски престол, а гледајќи на Оној, Кој лежи во јаслите - господарот, во вертепот го видоа небото. Толкувајќи ги мислите на светата Црква, свети Григорие Неокесариски вели: "Оној Кој ја изврши најточно скриената одредба, Кој стои на небото, легна во вертепот, во утробата мајчина и во јаслите - Него го обиколија безбројни ангели... Он седи на небото од десната страна на Отецот, а во исто време лежи во јаслите како над херувими. Но, навистина, и овде, во јаслите тогаш беше херувимскиот престол, царскиот престол, Светијата на светиите, престол единствен славен на земјата, престол најсветол, затоа што на него е Христос, нашиот Бог".

Што правеше тогаш земјата, која ја осветли славата Божја? Што правеше тогаш Ерусалим и другите ерусалимски деца? Што правеа тогаш незнабошците? Сите тие тогаш беа во длабок сон - спиеја и физички и морално. Никој не знаеше дека најголемиот и најрадосен настан се случи тогаш, никој не иде да Му се поклони на родениот Спасител на светот. Јудеите со своите книжници и фарисеи спиеја на законот и очекуваа да им се јави Месијата во најголема слава и во земен блесок и сјај, а незнабошците се давеа во гадните расипништва кај нозете на своите лажни богови.
Во Витлеем, во неговата околина, исто така спиеја, но не спиеја сите. Во витлеемската долина, обиколена од сите страни со ритчиња и далеку од пештерата половина час патување, имаше столб, кој го нарекуваа Едером, и овде застанаа овчари со своите стада, да преноќат. Во тоа време, овчарите ноќе, чувале стража околу својата стока. Овде, блиску до ова место, некаде го пасеше своето стадо најголемиот израилски цар, најдобрата слава на својот народ, милиот спомен на своите потомци, царот Давид. Овде Давид испеал некои од своите најубави песни. Овде му дојдоа пратеници од пророкот Самуил, да му помагаат на царскиот престол. Овде, тој и потоа, во најголемата слава свратуваше. Но, поминаа тие среќни времиња - времето на израилската слава. Грозниот цар од далечниот Рим, сега во ветената земја праќа своја заповед, на народот божји - потомците Давидови, сите да се запишат како слуги на незнабошците. Дивјачки Идумеец, низок роб и додворувач кај римскиот двор, а неподнослив тиранин меѓу Јудеите, види, сега седи на престолот Давидов.

Но, види, ангел Господов застана меѓу нив, и славата Господова ги осветли. Појавата на ангел, светол како сонце, сред ноќната темнина што ја покрива целата витлеемска околина, мора да претставуваше највеличествена глетка. Здогледувајќи ја оваа несфатлива глетка, овчарите многу се исплашија. Овчарите се навикнаа на природни стравови, тие гледаа страшни бури, слушаа опасни громови, но ова што сега го гледаат е необично, тоа не го виделе, тоа не е земно, тоа е нешто неприродно. Простата овчарска душа беше блиску до небесните појави, но слабото тело трепереше. Тие не знаеја што да мислат за чудната појава. Тие можеа само да се сетат на старата изрека: не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив (2. Мој. 32, 20). Затоа, најпрво требаше да се уништи нивниот страв. Затоа ангелот им рече: Не плашете се! Зашто ви јавувам голема радост, која ќе биде за целиот народ. Не плашете се, јас не ви носам жал и страдања, туку ви носам глас на радост и веселба, таква радост, што само вам сега ви се објавува, а подоцна ќе мора да ги израдува сите и секого. Зашто денес ви се роди Спас, Кој е Христос Бог, во градот Давидов. Оној ветен Месија, Кого сите го исчекуваат и чие едно име е способно да го смири и развесели секој вистински Израилец. Тој ветен Месија веќе се роди во Витлеем, кој толку е прославен со спомените за Давид. Но, како ќе Го најдеме Оној Кој е роден и онаа која го родила, во градот преполн со народ, се запрашуваа себеси зачудените и зарадувани овчари. Ангелот им рече: еве ви знак: ќе најдете повиено дете, кое лежи во јасли. Само што небесниот гласник го објави ова, одеднаш со ангелот настанаа многу небесни војници, кои го фалеа Бога велејќи: слава на Бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето милост Божја.

Прекрасна глетка, благодатна песна, но зошто сето ова е пред овчарите? Зошто се потребни многу небесни војници, кога било доволно и еден мирен гласник? Небесните жители се појавија овде, бидејќи нивното врсхитување за тоа што се случи не можеше да го воздржи и целото небо. Тие го видоа началникот на мирот како слезе на земјата за во неа да го утврди мирот. До неговото доаѓање немаше мир на земјата - ниту во човекот, ниту надвор од него во светот, немаше мир на земјата, ниту во нејзините односи кон небото - секаде имаше борба, кавга и човештвото беше оддалечено од Бога. Громовите на Божјиот гнев висеа над него (Рим. 1,18; Ефес. 2, 3). Па, што се случи? Бог, Кого луѓето толку го навредуваа, ете, одеднаш сам доаѓа кај луѓето, им носи мир и излева на нив поток на љубов и милосрдие (Ефес. 2,4, 8). Сето ова го гледаат ангелите, - го гледаат, се восхитуваат, се радуваат и со најголема стравопочит воскликнуваат: слава на Бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето милост Божја.

И еве, пак, Господ не ја открива својата спасоносна тајна на законоучителите, мудреците ипоседниците, зашто тие спиеја, а ја открива на простите овчари, кои беа на стража, беа будни. Те фалам, Отче, Господе на небото и на земјата, што си го скрил ова од премудрите и разумните, а си го кажал на простите! Овчарите со прости срца, станаа први проповедници дека се роди Спасителот. И овие чисти души не проповедаа во Ерусалимскиот храм. Раѓањето Христово не се прославува во Синагогите. Тоа се кажува под отворено небо, со кое јавување им дава на сите до знаење, дека не стана радост само за едната Јудеја, туку светнала радост за целата вселена.

Кога заминаа ангелите, овчарите појдоа во Витлеем. Дојдоа бргу и ги најдоа Марија и Јосиф и детето, како лежи во јасли. Кога им се јавија ангелите се беше величествено, а овде овчарите најдоа се просто и сиромашно. Но, по она што го слушнаа од ангелите, божественото детенце во овој сиромашен стан, им изгледаше уште посвето и подраго.

Овчарите се поклонија на својот Спас и на благословената мајка, а со тоа го дополнија она, што надворешно му недостасуваше на новородениот цар израилски, па поитаа и им објавија на сите што видоа и што слушнаа од ангелите. Овие зборувања ја утешија мајката Христова и старецот Јосиф, кои, во овие многу важни мигови за нив, како од сите да беа заборавени и - сите ги оставија на волјата на случајот. Како што вели Евангелието, Марија ги чуваше сите овие зборови и ги редеше во своето срце. Таа поверува на се што слушна од ангелите уште од благовеста, со она што сега се случува, па виде дека настаните ги потврдуваат сите ангелски зборови, а тоа ја радуваше. Но, и при оваа радост, не ја менуваше својата скромност и кога ги слушаше овчарските зборувања, нејзиното најчисто восхитување го обземаше длабока верност на волјата Божја. Нејзиниот бистар ум, од она што се случило создаваше упатство, како да постапи однапред, кога само што се случуваат нови и вонредни настани во судбината на нејзиното Божествено дете.

Преданието вели дека пресвета дева со Богомладенецот и со Јосиф, помина 40 дена во витлеемската пештера. Овде, во осмиот ден по раѓањето, над детето е извршено обрезание, според законот што некогаш беше склучен помеѓу Бог и Аврам, и тогаш му е дадено името Исус. Ова име уште архангелот и го објави на пресвета дева на благовеста, а и на Јосиф, тогаш кога го смири за да нема никаков сомнеж.


Овој свештен обред се состои во тоа што со остар камен или со нож од камен се обрезува крајното тело на детето. Со тоа се утврдуваше, тоа беше знак на вечниот Божји завет со Аврамовото потомство, тоа во Стариот завет беше исто што во Новиот завет е крштението. Заради ваквото големо значење, мораше да се обрезува секој што стапува во друштво на Божјиот народ, тоа мораа да го извршуваат сите, и слуги и сите машки во семејството. Секој Евреин можеше да го извршува овој обред, но важно беше тоа да го направи старешината на семејството, а по потреба можеше обрезанието да го извршуваат и жени. Ако некој го пропуштеше ова, го погубуваа. Обрезанието е главна црта со што се одликува народот божји и со што се дели од сите други народи и Евреите многу го почитуваа, како висок знак на народно првенство и предност. Заедно со тоа надворешно одликување, овој обред има и друго морално значење, упатувајќи да се чува внатрешната духовна чистота, која го разликува овој народ божји од сите други народи. Обрезанието е озаконето уште во времето на Аврам, а на Синај е потврдено како задолжителен закон за сите и за секого во тој народ. И самиот Мојсеј морал најточно да го извршува, зашто строго му се заканиле што не го обрезал својот син (2. Мој. 4,24).

Името што го прими божественото дете за време на обрезанието, објави дека тоа е спас и искупител на човештвото, како што протолкува ангелот. Каква моќ имало ова благодатно име, се гледа од ветувањето на Спасителот, од делата апостолски - тоа име правеше чуда, тоа им даваше сила на апостолите секаде да ја проповедаат христијанската наука (Мат. 18, 20; Марко 16,17; Јован 14,14). И не се посрами преблагословениот Бог, да се обреза со телесно обрезание, пее светата Црква, туку самиот, лично им се покажа на сите за углед заради спасение, зашто Создателот на законот го исполнува она што наредува законот и Господарот на се трпи обрезание, па и човечките прегрешенија, како добар ги обрезува.

Ангелите им го објавија раѓањето Христово на витлеемските овчари, па тоа уште почудно е објавено и на далечниот Истокна незнабожечките мудреци. Овие мудреци се удостоија да се поклонат на родениот Господ, пред многу Јудеи, да Му послужат со своите дарови и да станат проповедници на доаѓањето Христово во Ерусалим и тоа од нив да го слушнат и самите јудејски првосвештеници. Синовите на далечниот Исток веќе го поздравуваат денот на радост и мир за луѓето, а Јудеите кои постојано го читаа законот и пророчките книги, се уште тврдо спијат. И престолнината - стожерот на просветата го слушна првиот глас дека дојде Месијата од туѓите мудреци!
Кога се роди Исус во Витлеем јудејски, за време на царот Ирод, дојдоа мудреци од Исток во Ерусалим. Од Бога е наредено овие мудреци да дојдат од далеку токму тогаш кога се роди Спасителот. Мудреците мораа да појдат од својата земја порано, пред Христовото раѓање. Кои се овие први повикани да излезат од мракот и да дојдат во чудната светлина на благодатта? Светиот евангелист Матеј вели дека се тоа - вол-сви мудреци. Пророкот Даниил ова име им го дава на оние луѓе што ја изучуваат природата и што ги изучуваат ѕвездите - астрономите. По својата прилика и овие мудреци се од бројот на оние што ја изучуваат природата, и главно се занимаваат со небото накитено со ѕвезди. Тие беа со чисти и чесни души и можеа да ги усвојат и да ги сфатат божествените напомени и да им се покоруваат. Самиот Бог им дава настава (Мат. 2,12). Тие се нарекуваат волсви, но не се занимаваат со волшепства, туку ова име им се дава ним затоа што Персијците, Етиопјаните и другите источни народи, со такво име ги нарекуваат мудрите луѓе и астрономите, вели свети Димитрие Ростовски.

Светиот евангелист Матеј не ја спомнува по име онаа земја од каде што дојдоа овие мудреци во Ерусалим, туку воопшто вели дека мудреците дошле од Исток, што даде повод да ги доведуваат од Халдеја, Персија, Аравија, па дури и од Индија. Но, постои старо предание во Црквата, што го потврдуваат Василие Велики, Златоуст, Климент, Кирил Александриски, Теодорит и Лав Велики, кое тврди дека овие мудреци се од Персија. Ова предание ја осветлува мудроста нивна, оддалечена од празноверците, како и тоа, како можат луѓето кои живеат во мракот на незнабоштвото, да дознаат дека се роди царот јудејски. Се знае дека пророкот Даниил живееше долго во Персија и таму беше старешина на мудреците (Дан. 2,48; 5,11). Сигурно тој им го предаде на своите ученици и сопатници, тој мил глас дека ќе дојде Месијата, Кого го очекуваа и сите други народи, а и книгата на овој пророк им беше позната на халдејските и на персиските мудреци. И седмините Даниилови беа особено изучувани. А се знаеше и за Валаамовото пророштво за ѕвездата, која ќе се појави од Јаков. И еве, кога веќе се свршуваат седмините и се јавува и необичната ѕвезда, ги увери дека Спасителот, Кого со нетрпение сите го очекуваа, се појави на земјата. Тие ги свртеа своите очи кон Јудеја и Ерусалим. Од дружината на мудреците се одбираат пратеници и се испраќаат во Ерусалим за да Му се поклонат на новородениот цар. Оваа необична небесна појава им го свртуваше вниманието кон себе на светите отци и на црковните учители. Свети Јован Златоуст вели дека тоа беше некаква ангелска невидлива сила, која се јавуваше во вид на ѕвезда. И во Светото писмо се спомнува како ѕвезда во таа смисла како што ангелот, кој ги водеше Израилците во пустината, се нарекуваше облачен столб или огнен столб. Ова мислење, со почитување го прима и свети Димитрие Ростовски. Други, пак, уверуваат дека оваа ѕвезда што ги доведе мудреците кај Спасителот е небесно тело, ѕвезда во вистинска смисла. Често гледаме дека големите настани во моралниот свет или им претходат, или ги спроведуваат знаци од физичка природа. Двата света стојат во врска и заемност, а човекот не го сфаќа тоа. Ете, во часот на Христовата смрт, сонцето се помрачува и земјата се затресува. Кога Спасителот ќе дојде вториот пат на земјата, тогаш ќе се покажат знаци во сонцето, во месечината и на ѕвездите. Значи не е несфатливо дека и источните мудреци, кога видоа дека се завршуваат Данииловите седмини и дека се појави необична ѕвезда, го разбраа ова така, дека оваа ѕвезда го објавува раѓањето на Спасителот на светот, Кој одамна се очекува.
Кога дојдоа во Ерусалим, овие мудреци почнаа да се распрашуваат: каде се родил царот јудејски, чија ѕвезда тие ја виделе на исток? Свети Димитрие Ростовски за ова вака мисли: "Ако светнеше патеводната ѕвезда во Ерусалим, тогаш народот, штом ќе ја здогледаше, ќе тргнеше по неа и следејќи ги мудреците ќе дојдеше до Христа. Тогаш Ирод со завидливите старешини на синагогите ќе дознаше за раѓањето и за местото, каде е божественото детенце и распалени со омраза ќе го убиеја пред време. Се чинеше дека кажувањето на мудреците дека се роди Месијата, Кого веќе одамна желно го очекуваат, ќе предизвика општа радост во Ерусалим, но испадна сосема друго. Кога го слушна тоа царот Ирод, се исплаши, а и целиот Ерусалим заедно со него. Ирод многу се исплаши кога слушна за таинствената ѕвезда, затоа што фарисеите скоро му претскажаа дека ќе го соборат од престолот Ирод, како цар се исплашил за себе и за своите деца, вели свети Златоуст. А жителите на Ерусалим се исплашија, затоа што не знаеја како и на кого ќе ја фрли вината и ќе се освети царот за својата узбуна. Но, овој итар тиранин не сакаше веднаш да го покаже своето мислење за Јудејскиот цар што сега се роди. Тој најпрво, од првосвештениците и од книжевниците дозна, каде според нивното мислење треба да се роди Христос, па тогаш тајно ги повика кај себе источните мудреци, го дозна од нив времето кога се појави ѕвездата и веќе реши во својата душа да го убие, ги испрати мудреците во Витлеем и ги замоли сигурно да го известат: одете и распрашајте се добро за детето, па кога ќе го најдете, јавете ми, и јас да одам да му се поклонам.

Откако мудреците го ислушаа царот, појдоа од Ерусалим во Витлеем. И види, онаа иста ѕвезда, што ја видоа на исток, пак засветли и појде пред нив и ги водеше дотаму, а на местото каде што е детето застана. Мудреците штом забележаа дека ѕвездата застана, разбраа дека е овде детето што го бараат, па многу се израдуваа, зашто со раѓањето на ова детенце се завршува времето на очекувања и двоумења, се завршува времето на забуни и стравувања, на лаги, на гревови и проклетства - завршува незнабоштвото! Дојдоа и влегоа мудреците на местото каде што беше детето, па паднаа и му се поклонија, ги отворија даровите и го даруваа: со злато, ливна и смирна. Тие не му се поклонија само надворешно, туку согласно со божјата заповед: никој да не дојде празен пред Господа, му принесоа дарови, кои се сметаа за најскапи и кои му доликуваа на Оној, на Кого му се поклонуваат. Ливна или темјан, знак на свештенство, Му принесоа како на Бог, зашто секогаш се палеше темјан и се кадеше на богомолењето кое се извршуваше на Бога. Злато му принесоа како цар на сите векови, бидејќи поданиците му плаќаат данок на царот. Му принесоа и смирна, која е знак и на животот и на смртта, бидејќи Он е откупна жртва што се принесе на крстот и го избави целиот свет од гревот. Овие дарови на мудреците, пророчки одговараат на онаа служба на Месијата, која е тројна - првосвештеничка, царска и пророчка.
Со чудење и со радост гледаа светата мајка и нејзиниот свет свршеник на ваквото поклонување и на даровите, па со големо внимание го слушаа раскажувањето на мудреците за чудната ѕвезда, за верувањето полно со благодат и за нивното далечно патување. Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина (Иса. 9, 2). Заплескајте со рацете, сите народи (Псал. 46, 1). Зашто Младенец ни се роди - Син ни се даде (Иса.9,6).
Кога го постигнаа она што сакаа и за што презедоа толкав пат, мудреците се подготвија да се вратат. Во сон добија Божја заповед преку ангел да не му јавуваат на Ирод каде се наоѓа детето, па по друг пат се вратија секој во својот крај и секој таму кажува дека на земјата дојде Христос, Синот Божји.

Намерата на Ирод бѕше лукава и ѓаволска, на лесен начин да стави пречка за да не се изврши божјата намера. Но оваа итрина беше лудост во божјите очи. Ирод можеше многу вешто да ги направи своите замки за да ги постигне своите земни намери. За него ништо не беше свето, тој ја газеше и се смееше на секоја доблест, само ако имаше корист. Тој се претвораше и се покажуваше како морален, само за да излаже и да успее во своите себични намери. Во Рим се поклонуваше на незнабожечките кипови како на богови, во Ерусалим ги држи обичаите на своите предци и се моли на вистинскиот Бог. Нему му беа потребни Јудеите, тој ги подмитуваше и не штедеше ништо и големо богатство потроши за да им го разубави храмот. Сакаше да му угоди и на Август, па одеше и во оние храмови, кои се подигнати во негова чест. Вака постапуваше тој, ги извршуваше своите планови и ги отстрануваше сите пречки на кои наидуваше. Иако во римското царство се случуваа чести промени, тој долго остана на власт и управуваше. Но, колку е ништожна лукавштината која е против Бог! Колку е слаба итрината, кога ќе се измери со Божјата премудрост!

Кога мудреците, упатени од ангелот, не се вратија да го известат Ирод, како што тој им заповеда, туку од Витлеем отидоа по друг пат, Ирод, можеби за прв пат во животот почувствува дека, итрата лукавштина го прелагала единствено само него. Но, во неговата пакосна душа, во исмеаната душа на тиранинот, веднаш се појави друга, уште пострашна намера, со која тој сакаше да постигне нешто што не може да се постигне, па ги зачуди сите со своето грозно дивјаштво и со ужасното варварство.
Патниците го опишуваат и патот од Ерусалим во Витлеем и светото место каде што се роди Христос.

Кога патникот поаѓајќи од Ерусалим, ќе се искачи на ридот, пред себе ја гледа Ретаимската рамнина, а на крајот од оваа рамнина, пред себе гледа височинка на која е манастирот "Свети пророк Илија", покрај кој е патот за Витлеем. Во време на библиските настани, Ретаимската рамнина, била целата обрасната со теревинтови дрвја, па поради тоа често се нарекува и теревинтова долина, но сега оваа долина е сосема празна. Овде-онде по патот се гледаат стари урнатини од огради, кули и столбови, кои биле по лозјата - за таква една урнатина спомнуваат дека припаѓала на Симеон Богоприемец, каде што му била куќата. Блиску до патот, покажуваат еден трупец од теревинтово дрво, под кој пресвета дева се одморала, секогаш кога од Витлеем одела во Ерусалим. Ова дрво многу го почитуваат Арапите - зборуваат дека го виделе во пламен, но не изгорело.
Спроти манастирот, под ридот на свети пророк Илија, на десната страна од патот има чешма и крај неа корито за поење на стока. Оваа чешма се вика чешма на трите мудреци. Се зборува дека, патеводителната ѕвезда што ги доведе во Ерусалим источните мудреци, овде пак им се јавила кога од Ерусалим тргнале во Витлеем. Според оние вешто изрезбани плочи и фигури на нив, кои се наоѓаат сега околу чешмата, се смета дека оваа чешма била многу добро и вешто изработена, а се зборува и дека одозгора, над чешмата имало црква. Арапите, секогаш кога поминуваат одовде, застануваат да се напијат света водичка.

Штом ќе се излезе на рамницата, веќе се гледа и манастирот на свети пророк Илија, а од манастирот се гледа и Витлеем, кој се простира на една височинка, што оди кон југ во долината. Една голема зграда, која е поголема од сите други ја покрива онаа свештена точка на земјината топка, каде што застанала онаа патеводителна ѕвезда што го објави нашето избавување. Зад Витлеем, на хоризонтот се гледа една гора, едно ритче што изгледа како засечен конус - тоа ритче го викаат ритче на Французите, заради тоа што овде крстоносците, на местото на стариот иродиум, подигнале град, за да се бранат од муслиманските напади. Од левата страна, зад длабоката долина се гледаат височинки над Мртвото Море, од десната страна пак, се врзува витлеемската височинка со ланецот на јудејските гори. Слегувајќи во долината, го гледате муслиманското место за богомолење, кое е над гробницата на Рахила и овде блиску покажуваат ѕидини каде што бил домот на патријархот Јаков, а понатаму, зад ровот се гледаат урнатини од старата Рама, во која се родил и каде што е закопан пророк Самуил. Така изгледа однадвор Витлеем.


Витлеемската црква е над вертепот во кој се родил Христос, и таа е уште од времето на Јустинијан. Од почетокот христијаните имаа овде мала црквичка. Први овде подигнаа споменик источните мудреци, кои дојдоа, водени од ѕвездата да Му се поклонат на Христа. Римскиот цар Адријан овде подигна идолско место за богомолење и им забрани на Јудеите да не смеат да живеат ниту во Ерусалим, ниту во Витлеем. Но, светата царица Елена, ги сруши идолите и подигна црква, овде на местото каде што се роди Христос.


Оваа црква што е подигната над вертепот на Христовото раѓање, е посветена на пресвета Богородица и изгледа како крст. Фасадата има тесна вратичка, прекроена од голема, што е многу вешто изработена, но веќе изрешетана од времето. Оваа мала вратичка е направена за полесно да се бранат од нападите на дивите Арапи и да направат да не може да се внесува стока во црквата, што порано, за жал го правеле. Штом ќе влезете во црквата, веднаш сте во голема препрат, која е сврзана со долга галерија, а од едната и од другата страна има два реда на мермерни столбови од коринтскиот орден. Овие столбови подоцна биле варосани и на некои и сега се гледаат икони од светци. Подот е од големи кедрови трупци и од кипарски дрвја од Ливанската висина. Ѕидовите, сите биле од мермер и во мозаик, што и сега овде-онде се гледа, но мермерот го тргнале и го однеле за дворците на калифот во Каиро и за Омаровата џамија во Ерусалим. Главниот олтар е посветен на Христовото раѓање и им припаѓа на православните. Изгледа како горен дел на крст и е подигнат на неколку скали. Од двете страни, наспроти слегувањето во вертепот стојат два престола, едниот посветен на обрезанието на Спасителот, а другиот на тројцата мудреци. Мозаикот на ѕидовите на овој олтар на многу места доста добро се зачувал и повеќето го претставува Новиот завет и историјата на црковните собори. Според натписот, кој се уште се зачувал, се дознава дека оваа работа е изработена за владата на Емануел првиот Комнен и според тоа стои веќе околу 700 години.

Надвор од црквата постои една долга зграда при влезот од десната страна со сводови, што ги држат четири столба - тоа било училиштето на Блажени Јероним, во кое доаѓале и пустиници и научници за да ги слушаат поуките на овој светец.

Од двете страни од главната црква и од олтарот се симнува по 15 мермерни скали во подземната црква. На мермерната плоча има сребрена ѕвезда, што ја осветлуваат кандилца, па тоа место на коешто е ѕвездата го покажува самото место каде што се роди нашиот Спасител. Околу оваа ѕвезда има натпис: Мс с1е У1г§ше Мапа СЉпѕШѕ паШѕ еѕ1 - овде се роди Христос од дева Марија. Ова место е во полукруг на издлабената камена карпа. Сводот на вертепот на раѓањето, е пак во полукруг, на кого висат шеснаесет скапоцени кандила. Над нив има мермерна плоча, која служи како престол на кој се служи светата служба. Над престолот стои иконата на Христовото раѓање, а порано, целата карпа на вертепот била украсена со мозаик.

Кога ќе се свртите од вертепот каде што се роди Христос, за неколку чекори на десно, има друга пештера каде што се јаслите во кои лежеше Христос и каде што најпрво му се поклонија овчарите и источните мудреци - овде се симнува низ три скали. Јаслите се исечени во природна камена карпа и изгледаат како долго ковчеже, а се опшиени со бел мермер. Ова свето место е осветлено како и вертепот, со многу скапоцени кандила. Овде се наоѓа прекрасната икона што ја изработи Јаков Палма, која го претставува поклонението на источните мудреци. Спроти јаслите, престолот стои на она место, каде што Богомајката држејќи го на раце Исус, ги прими источните мудреци. Сите карпи и овде како и во вертепот се опшиени со материјал. Многу златни и сребрени кандила висат на сводот и од страните. Порано, целата пештера била изработена со прекрасен мозаик.

Од овие пештери, каде што се случи раѓањето, и каде што се јаслите, се оди во многу други пештери. Од пештерата каде што се јаслите, се симнува во пештера каде што живеел Јосиф и престолот таму е посветен на неговото име. Зад ова Јосифова пештера има друга во која се погребани оние деца, кои по заповедта на Ирод ги погубија - нивните коски се зад железната ограда. Мирната лулашка на небесното детенце го прими нивниот прав под своја заштита. Зад оваа пештера се оди во онаа што добива светлина одозгора и во која страдал Блажени Јероним и го преведувал Светото писмо на латински јазик. Овде има многу убава икона што го претставува во оваа работа.










Ѓаконија - Главен и одговорен уредник:
Митрополит Повардарски г.  Агатангел

 
< Претходно   Следно >