Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Oд ризницата на светите отци
Oд ризницата на светите отци
5.11.2008.


 

СВЕТИ ТИХОН ЗАДОНСКИ

 

ХРИСТИЈАНИТЕ СЕ ТУЃИНЦИ И ДОЈДЕНЦИ НА ЗЕМЈАТА

 

Бидејќи овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде (Евр. 13, 14).

А нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос (Фил. 3, 20).

 

Животот на христијанинот во овој свет не е ништо друго, освен странствување и постојано патување и брзање кон својата татковина, како што говори апостолот: овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде. Затоа христијаните се нарекуваат и се странци и дојденци во овој свет, како што се вели за Авраам, Исаак и Јаков: признавајќи дека се гости и придојдени (Евр. 11, 13). И Давид говори: зашто сум туѓ во Тебе и придојден (Псал. 38, 12). И на друго место: Придојден сум на земјава (Псал. 118, 19). Значи, ако овдешниов живот е странствување, тогаш, неминовно постои татковина, подготвена за нас од нашиот Бог Творец, во која, по ова наше странствување, ќе треба да се одмориме.

Христијанска татковина е небото, каде што е славата на небесниот Отец, Кому и се молиме: Отче наш, Кој си на небесата..., каде што е и Неговиот преславен дом и каде што: има многу места за живеење (Јован 14, 2). Таму е вселен хорот на придружници со своето праведно потомство; таму ликуваат пророците, апостолите и светителите - проповедниците на вистината; таму се весели пресветлата војска на мачениците; таму се отвора мноштвото на преподобни и подвижници; таму свети Сонцето на правдата кое не заоѓа - Христос, и сите ги просветлува со блесокот на Својата слава, нè грее со најтоплите зраци на Својата љубов, и со благодатта Своја ги влече кон Себе сите, кои во овој свет странствуваат и Неговото свето име Го признаваат и почитуваат; таму престолот на славата го окружуваат илјадници и илјадници бестелесни небесни сили, кои на Господа - Царот на славата, непрестајно Му ја пеат песната: Свет, свет, свет е Господ Саваот! (Иса. 6, 3).

Во онаа татковина не постои страв од туѓинци, нема страв од непријатели, нема опасност од болести, смрт, глад, студенило, сиромаштија, непријателство, омраза, злоба и други зла; таму не се слуша лелекање; оттаму избегале плачењето, тагата и воздишките; таму нема грижа за храната, пиењето, облеката, домот; таму нема бури и неправди, туку секогаш е пријатно; нема утро, вечер, ноќ, туку секогаш е ден; нема есен и зима, туку секогаш е убаво и пријатно; таму се слуша, гледа и чувствува само пријатно, весело и мило. Таму жителите секогаш бдеат, но никогаш не се заморуваат; секогаш живеат, но смртта не ја чекаат: таму животот е без смрт, одморот е без замор, радоста е без тага, здравјето без слабост, богатството без загуба, часовите без опасност и страв, изобилството без недостаток, блаженството без неволји; таму денот е без ноќ, времето без непогоди, сонцето без облаци, светлината без темнина, сјајот без магла; таму нема стар, парализиран, слеп, фатен, унакажен, туку сите се со расцутена младост, со прекрасна добрина, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство (Ефес. 4, 13). Таму никој не навредува, ниту пак некој е навреден; никој не мрази, ниту пак некој е намразен; никој никому не досадува; никој никого не оговара; никој никому не завидува, туку секој е задоволен со она што го има, бидејќи никој не посакува да има повеќе од она што веќе го има, зашто е задоволен со она добро, од кое нема поголемо... Во тоа преславно и најблажено жителство владее најсовршена тишина, мир и жубов меѓу блажените жители... Еден со друг се љубат, како самите себе, и еден на друг се радуваат како за своја радост, зашто еден со друг се гледаат во блаженство... Оваа татковина нашите прародители ја затвориле со својот грев и за себе и за нас, но Христос, Божјиот Син, Кој заради нас благоволил да поживее на земјава, со Својата доброволна послушност ја отворил, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст (Фил. 2, 8). Ние сме туѓинци и дојденци на туѓа земја, пловиме по морето од овој свет и се бориме со животните бранови; од далеку, од долината на плачот со плачливо око го насочуваме погледот кон оној горен Ерусалим, и воздишуваме, копнеејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште (2. Кор. 5, 2).

 

СВЕТИ ИСААК СИРИСКИ

 

ЗА ЗБОРОВИТЕ ОД БОЖЈОТО ПИСМО,

КОИ ПОТТИКНУВААТ НА ПОКАЈАНИЕ

 

Храброста во покајанието, каква што бараат светите отци во своите божествени писма, и таквата негова сила, каква што е изобразена во Апостолските списи и Пророците, не треба да ја употребуваме за да грешиме и да ги поткопуваме непоткопливите Божји одлуки, кои уште од древните дни, од устите на сите светии во сите списи и законодавства, се одредени со Божја сила за истребување на гревот. Зашто, за да имаме надеж во покајанието, тие го подготвиле ова, за да го спречат во нашето чувство стравот од очајание, со што секој човек би бил поттикнат на покајание и не би грешел безобѕирно. Меѓутоа, Бог со различни мерки во Светото Писмо влевал страв и покажувал дека гревот Му е туѓ и гнасен.

Зошто во потопот изгинаа поколенијата, кои беа современици на Ное? Зарем не заради нивната похотливост, кога луѓето бесно ги посакуваа убавините на ќерките Каинови? Во тоа време немало среброљубие, идолопоклонство, гатање и војни. Зошто и содомските градови без запалени со оган? Зарем не поради тоа што своите телесни органи ги предаваа на страсти и нечистотии, кои, според нивната желба, владееја со нив во сите гадости и непристојни дела? Поради прељубата на еден човек во еден момент, зарем не ги снајде смрт дваесет и пет илјади синови-првенци на Божјиот Израил? Зошто од Бога бил отфрлен горостасниот Самсон, кој уште од мајчината утроба бил одвоен и посветен на Бога, за кого, исто како и за Јован, синот на Захариј, до раѓањето благовестеше ангел, а кој се удостои и со голема сила и големи чуда? Зарем не поради тоа што своите телесни органи ги осквернави од соживотот со блудницата? Поради сето тоа Бог го остави и го предаде на неговите непријатели. А Давид, човекот по Божја волја, кој поради своите добродетели се удостои од неговото потомство да произлезе ветувањето на татковците, и од него да засветли Христос за спасение на целиот свет, зарем не е казнет поради прељубата со една жена, кога со своите очи ја виде нејзината убавина и кога падна стрелата во неговата душа? Поради тоа Бог подигна војна против него во неговиот дом и го протера оној, кој излезе од неговата утроба, иако Давид со многу солзи принесуваше покајание, па дури и својата постела со солзи ја натопи, и Бог преку пророкот му рече: И Господ го симна од тебе гревот твој (2. Цар. 12, 13).

Сакам да потсетам и на некои пред него. Зошто Божјиот гнев и смртта дојдоа врз домот на свештеникот Илија, праведниот старец, кој четириесет години се украсуваше со свештенство? Зарем не поради беззаконијата на неговите деца Офниј и Финес? Бидејќи, тој лично не згреши, туку грешеа тие, и тоа без негова согласност. Но, поради тоа што кај него не постоеше ревност да ги казни за нивните престапи пред Господа, бидејќи тој повеќе ги сакаше од Господовите заповеди, та некој да не помисли дека Господ е само против оние, кои сите дни од својот живот ги поминале во беззаконие, па само кон нив го пројавува својот гнев. За таквиот непромислен грев, Својата ревност ја покажува врз оние, кои Му се ближни: врз свештениците, судиите, кнезовите, луѓето кои Нему Му се посветени и на кои им поверил да вршат чуда. Ним им се дава на знаење дека Бог никогаш не остава, а да не се покажат набргу престапниците на Неговите заповеди, како што е напишано кај Језекиил: Одете по него во градот и убивајте; вашето око да не жали, и не штедете: старец, момче и девојка, младенец и жена (Језек. 9, 5-6). Исто така, покажува дека Нему Му се ближни и мили оние, кои во страв и побожност одат пред Него и ја исполнуваат Неговата волја, зашто пред Бога се свети храбрите дела и чистата совест. Оние, кои го презираат Господовиот пат, и Господ нив ги презира и ги отфрла од Своето лице. Од нив ја одзема Својата благодат. Бидејќи, зошто дојде осудата врз Валтазар? Зарем не поради тоа што посегна по Неговите неприкосковени дарови, кои ги украде во Ерусалим, и од нив пиеше лично тој и неговата наложница? Така и оние, кои своите телесни органи најпрво ги посветиле на Бога, а потоа се премислуваат и почнуваат да ги употребуваат за светски дела, ќе погинат од невидлив удар.

Затоа, во очекување на покајание со храброст, која ни е дадена според Божјото Писмо, да не ги презираме зборовите и Божјите закани. Да не Го гневиме Бога со своите непристојни дела, осквернувајќи ги телесните органи, кои еднаш-засекогаш сме ги посветиле во служба на Бога. Зашто, еве, и ние сме посветени на Бога, како Илија и Елисеј, како синови пророчки, и други свети девственици, кои вршеле многу чуда. Тие лице в лице разговарале со Бога. И сите оние, кои биле по нив, како што се свети Јован девственик, свети Петар, и друго мноштво на благовесници и проповедници на Новиот завет, кои себе се посветиле на Господа и од Него примиле тајни - едни од Неговата уста, други преку откровенија, па така постанале посредници меѓу Бога и луѓето и проповедници на Царството во светот.

 

Избор и превод од руски јазик:

протоереј Златко Ангелески

 
< Претходно   Следно >