Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Житие и писмо на старец Филотеј Зервакос
Житие и писмо на старец Филотеј Зервакос
30.10.2008.

 

 

Sample Image

 
 

 


Преподобниот Старец од Парос

Филотеј Зервакос

(1884-1980)


 

Преподобниот Старец Филотеј Зервакос се роди во 1884 во селото Пакија, близу до гратчето Молаи Лакониски.

Неговите благочестиви и богобојазливи родители, Панајотис и Екатерина, при светото Крштение на нивниот син му го дадоа името Константин.

Уште од детска возраст Константин ја возљуби Црквата, црковното пеење – имаше убав глас – и читањето на душеполезни книги, и многу рано го посети светата Благодат и претрпе добра промена. Оттогаш се удостои со различни знаци и имаше посебна заштита од Богородица и светителите.

Младиот Константин беше толку вљубен во учењето и толку трудољубив, така што по неговото основно образование, стана учител на возраст од едвај 17 години и беше поставен во селото Финикион, во неговата татковина, каде што се истакна поради љубовта кон неговите ученици.

Во 1905 беше повикан на отслужување на воениот рок, и бидејќи тој беше решил да Му се посвети на Небесниот Цар Христос, одби да замине во Франција на виша воена школа, како што му предлагаше неговиот командир.

Кога во 1907 ја отслужи воената обврска, се обиде да замине на Света Гора, за да Му се посвети на Христа како монах. Но по промисла Божја неговите планови не се остварија, и тогаш по совет на неговиот духовник, светиот Нектариј Пентаполски (+9.11.1920), тогашен ректор на Ризариевата Богословија во Атина, се пресели на островот Парос и се посвети во историскиот свет манастир на Животворниот Источник во Лонговарда, којшто беше познат како добра обител, со типик, слога и подвижништво.

Во декември 1907 стана великосхимен монах, добивајќи го името Филотеј, и беше ракоположен за ѓакон. Во 1912 година беше ракоположен за јеромонах, а во 1913 произведен во архимандрит и духовник.

Оттогаш, особено од 1916, го започна неговото обемно мисионерско дело: редовно обиколуваше многу делови на Грција, каде што проповедаше и исповедаше.

Во 1930, на 46-годишна возраст и не по негова волја, беше поставен за игумен на светиот манастир Лонговарда, но не го прекина неговото многустрано мисионерско дело, додека истовремено се посвети и на обновување на манастирските објекти.

Исто така, на Парос изгради разни храмови, како и женскиот свет манастир на Богородица Миртидиотиса, во Тапсана, каде што ги помина последните десет години од неговиот преподобен живот (1970-1980).

Во манастирот во Тапсана, покрај другото, подигна свет храм во чест на неговиот духовник, светиот Нектариј Егински, во чијашто близина си го подготви својот гроб, каде што и беше погребан на 26.4/9.5.1980, а по тринаесет години, на 11/24.9.1993, се случи и откопувањето на неговите преподобни мошти.

Неговиот начин на размислување, однесување и живеење беше буквално светоотечки и затоа нашиот Господ преку него изврши многу знаци и чудеса, уште додека беше жив, но и по неговото преподобно упокојување (+25.04/08.05.1980).

Во текот на неговиот преподобен живот се запозна со многу свети луѓе како што е свети Никола Планас, свети Нектариј Егински, кој беше и негов духовник, света Ирина Миртидиотиса, која беше негово духовно чедо и др.

Старецот Филотеј од Парос особено се истакна поради неговите човекољубиви активности и стана ангел пазител на островот Парос, особено во текот на германската окупација. Исто така се покажа како надарен свештенопроповедник и боговдахновен духовник, па преку него се спасија безброј души со покајание и исповед.

Се одликуваше со подвижништво, постојана молитва, сила во духовниот живот, бдеење и сериозност, длабоко смирение и кротост, умиление, жед за тајната на светата Причест и за читање на свештени книги, човекољубие, милостивост и сострадание.

Гореше од љубов кон Бога, од пророчка ревност за Неговото свето име и за нашата света православна Вера, поради што не толерираше новотарии и модернизам, против кои се бореше пишувајќи и говорејќи, така покажувајќи се како силен заштитник на Светото Предание.

Преподобниот Старец од Парос е автор на многу полезни дела, од коишто повеќето ги напишал, како што и самиот кажува, „во ноќите со светлина од свеќа“.  

1. Служба, чудеса и спомен на Животворниот Источник (две изданија).

2. Служба, чудеса и спомен на Сите Светии.

3. Житие, служба и чудеса на преподобниот Арсениј Пароски (четири изданија).

4. Житие и служба на светата Теоктиста.

5. Големо и чудесно поклонение во Палестина и Синај (четири изданија).

6. Патникот (шест изданија).

7. Добродетелност (две изданија).

8. Света борба против ереста.

9. Белешки за календарот и др.

Има напишано и околу 10.000 писма до неговите духовни чеда низ целиот свет, со кои се обидувал да ја укрепи верата на народот Божји.

Овој свет старец е интересен затоа што бил голем поборник за враќање на стариот календар, но сепак, не преминал од страната на старокалендарците. Бил свесен дека новиот календар е незаконски и неканонски воведен од страна на патријархот Мелетиј Метаксакис заедно со неколку архиереи кои имале неправославен менталитет, и не бил соборно прифатен од сите цркви. Но, од друга страна, пак, го гледал и фанатичниот однос на некои старокалендарци, кои ја заборавиле и погазиле најголемата заповед на љубовта, криејќи ја својата омраза, гнев и нетрпеливост зад ревноста за стариот календар. Тој останал и понатаму под омофорот на својот епископ, но служел по стариот календар и се борел за враќање на стариот календар во црквата, за конечно да се надминат поделбите и меѓусебно да се помират многуте закарани старокалендарски фракции со официјалната новокалендарска црква.

Подолу објавуваме едно индикативно писмо, со кое не сакаме да покажеме дека сите старокалендарци се како наведените во ова писмо (напротив, многумина од нив се луѓе достојни за почит), туку да истакнеме, што сè може да му се случи на секој христијанин од „десните“ предлози на православието и благочестието. Исто така, ова писмо нека им биде поука на оние кои поради ревност, која не е според разумот, хулат на светата Црква Христова, и се дрзнуваат историски и географски да пресметуваат каде има, а каде нема благодат.  

 

Писмо од старец Филотеј Зервакос до господин А.

 

Возљубен и многупочитуван господине А., радувајте се во Господа.

 

Го добив вашето писмо под број 17/30-8-75 и ви пишувам денес, иако сум стар и болен.

Стариот календар за кого ме прашувате, го воспоставија 318 свети и богоносни отци на Црквата на Првиот вселенски собор, и го запечатија и сите други кои го следеа, за време на 16 векови, сè до 1923.

Во 1923 година, оној „кој не влегува низ вратата на овчото трло, а прескокнува од другата страна...“ (Јован 10, 1) незаконски, и преку политичката власт на англиканците, Вселенскиот патријарх Мелетиј Метаксакис, незаконски го замени отечкиот православен календар и го воведе папскиот.  

Ова незаконско воведување на новиот папски календар, го укинува периодично постот што беше одреден од светите апостоли, кој започнува по Неделата на сите светии и завршува на празникот на светите апостоли, и ги сведе деновите на минимален број, па дури и на нула...

Врховниот од светите апостоли, Павле, устата Христова, во посланието до Галатјаните, глава 1, стих 9, пишува дека: „Оној што ви благовествува нешто поинаку од она што го примивте - нека биде анатема!“

Но и сите Собори даваат мноштво анатеми за оние кои ги презираат свештените канони.

Но да видиме сега и за старокалендарците и Вистинските Православни Христијани (ГОХ, како што се нарекуваат себеси).

Вистински православен христијанин е оној христијанин којшто има топла вера во вистинскиот Бог, љубов од сета негова душа и срце кон Бога и кон неговиот ближен, и вистинска кротост и смирение.

Кога ги испрати Христос неговите ученици во светот, им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16, 15).

„Проповедајте го Евангелието“, - им рече. Не им рече, проповедајте го стариот календар!

„Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен“ (Марко 16, 16).

Кој ќе поверува и се крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, а не кој ќе се крсти во стариот календар ќе се спаси!!!

Евангелистот, пак, Јован забележува: „Поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог - во него“ (1. Јов. 4, 16).

Не вели дека стариот календар е Бог, и дека оној што пребива во стариот календар, пребива во Бога...“

Старокалендарците, за среќа не сите, но за жал многумина, фанатици и зилоти, изјавуваат дека, без стариот календар не можеме да се спасиме!!!

 

Една мала случка

 

Мал пример за она што го зборувавме е и подолураскажаното од протопрезвитерот Атанасиос Јусмас.

Пред некое време, раскажува, прочитав една книга од една опрелестена душа, од познатата монахиња Магдалина, игуманија на еден манастир на некои отцепени, дури и од самите старокалендарци, монахињи од Козани, позната по нејзините анатеми и проклетства против еден светител од нашиот век, свети Нектариј...

Помеѓу другото го напиша и ова ужасно нешто:

„Убиец и неморален поп, може да ти го предаде телото и крвта Христови и да те причести, доволно е да е старокалендарец. Но, новокалендарец, не, никогаш!!!“

Нашиот високопреосветен митрополит Јаков еднаш се нашол на аеродром во една метропола. Видел како една монахиња очајно бара во својот паричник, поради некоја сериозна причина, некоја конкретна пара. Нашиот митрополит, сожалувајќи се на нејзината вознемиреност, ì ја дал парата што таа ја барала.

Монахињата ја зела, заблагодарила, но не му ја целивала раката, бидејќи, како што потоа му рекла: „Ако ви ја целивам раката, не ќе можам да се причестам цели шест месеци!“

Мислам дека доволни се овие два примера, за да ја покажат големината на прелеста и површноста на некои старокалендарски зилоти денес...

 

Една трагична смрт...

 

Слушнете сега за еден вистински и страшен настан што се случи во мое време, на Сирос.

Имаше таму еден јеромонах старокалендарец, кој, сакајќи да ја покаже неговата вера, не во православието, туку во календарот, ги советуваше христијаните да не одат во црквите и да не се причестуваат, зашто сето тоа е осквернето, откако поповите се полатинија (станаа римокатолици)...

Подобро, им велеше, да седите дома и да наполните една чаша со вино и натопувајќи во неа едно парче леб да јадете и да пиете, отколку да земате причест од новокалендарците, од која јас се гнасам, ја фрлам долу и ја газам...

И велејќи го ова, кажуваше уште еден срамен збор, што не доликува да се напише...

О, колку големо нечестие и лудост на овие луѓе, коишто Бог ги толерира, а тие не го сфаќаат тоа...

На погореопишаниот нечестив јеромонах, кој хулеше и го пцуеше светото Тело и Крв на Спасителот Христос, еднаш му дојде денот и тој ја прими Божествената Правда.

Напуштен од силата и заштитата Христова падна во безнадежност, и како Јуда еден ден се обиде да се обеси, во пронаосот на храмот, што самиот тој го изгради (другите храмови ги нарекуваше валкани...)

Но и во тој миг милостивиот Бог посака да му помогне, за да не ја загуби засекогаш неговата душа. Му испрати човек, букално Богоиспратен, кој кога го виде како се обидува да се обеси и откако ги повика соседите, го исекоа јажето и го избавија. Но само привремено...

Но бидејќи и тогаш не се покаја искрено, на крајот се збудале.

Го затворија во еден карантин, живееше некое време таму, и кога му се приближи времето за умирање, побожната управничка на институцијата повика свештеник, за да не умре како неверниците, без причест.

Кога влезе свештеникот во собата за да го причести виде една страшна и ужасна глетка, како што подоцна самиот ми раскажа: го видел неблагочестивиот јеромонах, кој ја пцуеше Светата Причест, како си го јаде изметот! И нормално, не го причести...

Самиот тој подоцна го погреба, и кога по три години дојде време за ексхумирање на неговото тело, го најде неразрешено, целото црно и со ужасен мирис, со устата отворена и јазикот нераспаднат, како виси надвор!!!

Христос, возљубен мој, не може да биде исмеан и поруган. И страшно е само да паднеш така во Неговите раце...

И оној, што претходно се чукаше во гради како Вистински Православен, следејќи го стариот календар, судејќи, анатемисувајќи и сметајќи ги за осудени на пекол уште овде новокалендарците, и самиот тој умре со таква несреќна смрт, јадејќи го својот измет!

 

Од две зла, помалото

 

Новиот календар е зло, – продолжува отец Филотеј – затоа што незаконски го воведе тогашниот матријарх Мелетиј Метаксакис. Но, иако периодично го укинува петровденскиот пост, сепак не ја укина ниту верата, ниту догматите, ниту празниците на светителите, и покрај тоа што се направи разлика од 13 денови. Зло е и затоа што ја предизвика оваа поделба меѓу браќата.

Од друга страна, сега, старокалендарците за да го сочуваат стариот календар, паднаа во многу и полоши прелести отколку новокалендарците. Ја отфрлија пред сè големата заповед на љубовта.

И самите тие се поделија на многу фракции, стигнувајќи до тоа да се крштеваат повторно, пцуејќи ја дури и светата Причест Христова зашто не е вистинска, зашто новиот календар, велат, е еретички и клириците немаат свештеничка благодат!!!

За сето ова, неопходно е да одиме според поговорката „од две зла, помалото“.

Завршувајќи го ова писмо родителски се молам Себлагиот Бог да те сочува од разните замки на сатаната, кои доаѓаат и од десно и од лево...

Моли се непрестајно, та Господ да ги просветли и да се вратат сите на стариот календар, но со љубов, мир и смирение, да станеме вистински едно Стадо и еден Пастир, според зборовите од Евангелието.

 

Со отечка љубов и срдечни молитви

Архимандрит Филотеј Зервакос

 

 

Подготвил и превел од новогрчки јазик:

ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Όσιος Φιλόθεος  Πάρου“, τεύχος 13,

Ορθ. Κυψέλη, Θεσ/κη, 2005

 

 

 
< Претходно   Следно >