Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Беседа во Неделата на Св. Јован Лествичник
Беседа во Неделата на Св. Јован Лествичник
11.04.2016.

ЧЕТВРТА  НЕДЕЛА ОД  ВЕЛИКИОТ ПОСТ

 Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, драги браќа и сестри во Христа!

Sample ImageЧовекот е создаден како слободно психофизичко битие. Тој има можност да го организира својот живот во овој свет, според нормите и прописите коишто важат во општеството. Но, покрај овие законски права и ограничувања, кај човекот постои и еден непишан, таканаречен морален закон. Овој морален закон постои кај секој еден од нас. Постои независно од човековата наобразба, култура, просветеност и други карактеристики, или, пак, привилегии што постојат во овој свет и век. Тој закон се нарекува совест. Истиот е врежан во душата на секој човек, и тој е еден главен кормилар што го раководи човекот во неговиот живот. Според тоа, секое неморално дело е неправедно дело. Но, над овој закон, постои Бог. Оној Кој е над сè, и пред Kого сите луѓе даваат отчет за своите постапки, мисли, дела и недела.

 Човекот е создаден да работи, да твори, да придонесува во создавањето услови за подобар живот во овој свет. Како психофизичко битие, човекот потребно е да се грижи и за материјалните потреби. Да се грижи за одржување на своето тело, на семејството итн. Тоа ќе го остварува преку дозволени и недозволени дејствија. Дејствија кои треба да бидат во согласност со прописите и законите кои ги дава секое уредување. Ова најдобро ни го опишува една латинска поговорка: Ubi societas, ibi ius, односно, онаму каде што има заедница, таму е и правото (законот). Доколку истите се престапуваат, тогаш човекот одговара за криминал, бидејќи ги крши прописите на државните закони. Подобро лош закон отколку никаков. Но, кога човекот одмара, бидејќи не може да работи постојано, тој размислува. Но, тогаш доаѓаат и разни мисли и искушенија. Мисли кои го предизвикуваат човекот да го крши моралниот закон, односно да прави грев. Затоа, св. Бенедикт Нурсијски, како основно мото за своите приврзаници го избрал мотото: Ora et labora, односно молитва и работа.

Се поставува прашањето, што е тоа грев? Гревот е дејствие со кое се нарушува Божјиот закон. Под Божји закон, се подразбираат сите учења и правила, што светата Православна црква бара од своите верни да ги почитуваат и да ги исполнуваат. Тука, пред сè, се десетте Божји заповеди, кои на сите верници ни се добро познати, како и двете најголеми заповеди, да се сака Бог и ближниот. Сè она што правиме, постапуваме, работиме и мислиме, треба да биде во согласност со нашата совест, односно со внатрешниот морален закон. Па така, би можеле, како верници и христијани да се искачуваме кон повозвишена цел. Таа цел е спасението на нашата душа. Цел којашто се достигнува преку одбегнување на правење грев, и не само да одбегнуваме да правиме грев, туку, да правиме добри дела.

Наоѓајќи се во време на светата Четириесетница, како најпогоден временски период, период кога треба повеќе да се посветиме на нашата душа, светата Црква, во оваа недела, ни го изнесува, и примерот на еден голем Божји угодник, светиот Јован Лествичник. Св. Јован живеел на крајот на V и првата половина на VI век. Како шеснаесет годишно момче отишол на Синај, подвизувајќи се, а потоа постанал игумен на прочуениот Синајски манастир, каде што доживеал длабока старост, и покрај тоа што живеел строг, испоснички и затворнички живот. Овој Божји угодник оставил многу полезни и душеспасителни книги. Книги кои користеле како раководно начело, пред сè, на монаштвото во Синајскиот манастир, но, и за други љубители на Христовата вистина и Боготражители и желатели на спасението. Негово најпознато дело, без сомнеж, е Лествица. Во оваа книга, на многу јасен, гласен и практичен начин учи, како секој човек, а не само монах, може и потребно е да се бори со гревот, со страстите, со мислите и со постапките кои го оддалечуваат од патот и од скалилото коешто ги возвишува духот и душата кон Бога. Тој поучува дека во духовниот живот, потребно е да се почне од наједноставни молитви, за да може човекот да се искачи на првото скалило. Зголемувајќи ги своите подвизи и борби против гревот, и против сите нешта што го оддалечуваат и попречуваат тоа искачување кон совршенството, човекот ќе може да се искачува кон повисоките духовни скалила. Кон духовните скалила каде што се наоѓа совршенството, за коешто човекот е создаден и на кого таа цел му е зададена.

За да бидеме совршени како што е совршен нашиот Отец Небесен. Господ Исус Христос доаѓа да нè ослободи. Се поставува прашањето од што ќе нè ослободи? Се разбира, од гревот. Бидејќи вистина е, дека човекот е роб само на гревот. Секој христијанин е должен и мора да знае што вели Христос „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот. И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни" (Јован 8, 34 – 36). Значи слободен е оној кој не прави ниту грев ниту зло. Тоа е таа вистина што ни ја дава Црквата, за да не бидеме секогаш под влијание на пропагандата на гревот. Како луѓе постојано грешиме, но, затоа како христијани и како верници, да се каеме и да се поправаме додека имаме време. Велигденскиот пост, пак, е најблагопријатен период за тоа. Да не чекаме во последен момент, лажејќи се, и себеси и другите, дека имаме време за покајание, бидејќи гревот и покајанието го опфаќаат целокупниот човечки живот. Па додека имаме време во нашиот живот, да го отфрлиме гревот и поправајќи се да правиме добри дела. А како подготовка за нашето сопствено покајание, во овие денови на постот, да му речеме на нашето срце со зборовите на Поетот: „Не ги повторувај гревовите срце мое, бидејќи тие, толку пати ќе те врзат за столбот на празнината, и ќе те враќаат назад онолку пати колку што ги повторуваш. И ќе бидеш роб на гревот и на времето срце мое, и ќе остариш пред смрт и ќе умреш пред смрт". Тоа да си го кажеме себеси и на нашето срце. А срцето, пак, на Господа Бога да Му ги упати зборовите што Црквата ни ги нуди преку св. Ефрем Сирин: „Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на леност, безволност, властољубие и празнословие. Дарувај ми, пак, како на Твој раб, Дух на целомудреност, смиреност, трпение и љубов. Да, Господи, Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија за да не го осудувам мојот брат, зашто Си благословен во вечни векови". Амин!

Свештеник Тане Величковски

 
< Претходно   Следно >