Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Интервју на Митрополитот Агатангел за „Дневник“
Интервју на Митрополитот Агатангел за „Дневник“
5.01.2015.

 

1.Според сознанијата, вие бевте еден од владиците кој се спротивставил на упатување на синодскиот апел за милост кон Јован Вранишкоски во име на „повисоките цели“. Зошто бевте против?

Sample ImageВрз радоста и љубовта е втемелено Христовото учење. Љубовта е најголемата христијанска доблест и од нејзината примена зависи и духовниот напредок на секој христијанин. Милоста и милосрдието се производ токму на љубовта и за мене како Христов следбеник нивното секојдневно покажување и применување воопшто не е, ниту треба да биде, спорно или дискутабилно. Она што мене ме загрижува е големиот наплив на фарисејство и лицемерие со кое со децении наназад сме преплавувани од сите страни, кога станува збор за македонското црковно и национално прашање. Насетував дека исто вакво лицемерие во форма на брза и нездрава храна ни беше подготвено од страна на „дежурните“ балкански фарисеи, кои имаат запоседнато во некои епископски столици и кои лукаво го користат авторитетот на Светата Православна Црква за инспирирање и спроведување на своите налудничави националистички планови. г. Вранишковски, како нивна марионета, сега има некои нови амбиции, изгледа му беше доста од жртвување и сега сака за своето мачеништво да добие аплауз на отворена сцена. Неговите поттикнувачи пак сакаат сето ова да го валоризираат со тоа што ќе го претстават пред светот како политички затвореник, што се разбира е опасна замка во која можеме сите да се фатиме доколку не бидеме внимателни каде газиме. На потврда за моите стравувања не се чекаше долго. Соопштението на СПЦ, подготвено во одделението за лицемерие и омраза некаде во Војводина сé убаво ни опиша и ни објасни. Ние за СПЦ и нејзиниот портпарол не сме ниту македонски, ниту православен народ, туку некакви души, кои обитаваат на некое подрачје помеѓу српската и грчката граница. Лукави и неевангелски се нивните намери и сметав дека како православен Митрополит тоа требаше отворено да го посочам.

2.Што инфорамција добивте како Синод од страна на архиепископот за средбата со рускиот митриполит Иларион Алфеев?

Нашиот блажењејши Архиепископ, по барање на митрополитот Иларион Алфеев, во својата резиденција оствари средба со него, на која бил замолен да посредува во државните институции за да биде ослободен од затвор г. Вранишковски заради неговата здравствена состојба. Поентата на информацијата беше дека по ослободувањето на г. Вранишковски ќе се продолжи со прекинатите преговори со СПЦ и дека преговорите ќе се водат во неколку фази, со претходно подготвена платформа од двете страни. Митрополитот Иларион Алфеев го уверувал нашиот Архиепископ дека преговорите ќе продолжат во позитивна насока.

3.Што очекувате од најавениот дијалог во ситуација кога премиерот Никола Груевски изјави дека рускиот владика не зборувал за автокефален статус на МПЦ-ОА?

Мислам дека е нечесно да толкувам туѓи впечатоци на средби на кои не сум бил присутен. Она што со сигурност го знам е дека МПЦ по втората светска војна де факто опстојува како автокефална Црква. Во текот на сите овие години, градејќи буквално од темел сé, постигна огромни резултати на полето на духовноста и на црковноста. Тоа е факт кој само духовно слеп и озлобен човек не може да го признае. МПЦ нема никаква канонска, еклисиолошка или догматска пречка за да биде автокефална Црква. Единствениот проблем, кој се провлекува со децении, а за кој ние не сме виновни е името на нашата Црква. Што значи проблемот во суштина е од политичка природа. Затоа непријателите на овој народ, кои веднаш се вклопија во улогата на прогонети и на маченици, а кои се одметнаа од својата Црква, веднаш почнаа погрдно да нé нарекуваат Славомакедонци или Фиромци. Тие тоа го прават затоа што се наемници, а не пастири на овој народ. Христос во Евангелието вели дека кога волк ќе го нападне стадото наемникот бега зашто не му е гајле за овците, а добриот пастир ги познава своите, ги изведува, раководи и се грижи за нивната духовна добробит. Токму заради тоа што проблемот допира до нашето вековно име, а тоа се коси со здравиот разум и нема врска со духовноста, мое мислење е дека во неговото решавање би требало да дадат придонес сите оние кои ја љубат вистината и правдата, без разлика на нивниот општествен или професионален статус. Голем грев е и неправда по примерот на Понтиј Пилат да си ги миеме рацете и да бегаме пред налетот на бесрамните користољупци. Лично немам ништо против тоа да има контакти и преговори. Но, се залагам преговорите да бидат поставени врз евангелски и канонски основи и со посредство на Божјата Промисла и Премудрост во спорот да нема поразени, туку само победници.

4.Очигледно е дека рускиот предлог ќе се базира на некаква широка автономија на МПЦ-ОА, но не и на класичен автокефален статус. Дали МПЦ-ОА треба да прифати таков статус и потоа да работи на добивањето на автокефалноста?

Не постои „руски предлог“ како што Вие претпоставувате. Во врска со автокефалниот статус на нашата Црква, Ве уверувам дека нема да има никакво отстапување. Овде би сакал да додадам дека мое мнение е дека и да се согласиме со сето она што го бара СПЦ, сепак нема да го решиме проблемот, зашто камен на сопнување повторно ќе биде името. Добар е примерот со блаженоупокоениот архиепископ Доситеј, кого СПЦ никаде не го претставила како македонски архиепископ, иако имала таква обврска по завршените преговори во 1959 г. Истото се случува денес со г. Вранишковски и неговите приврзаници, кои себе си пред своите Грчки домаќини се претставуваат како апатриди, со лажни идентитети, како Византици или Ромеи. Според тоа МПЦ во ниту еден случај не треба да прифаќа двосмислени, нереални и неефикасни предлози. Да не заборавиме дека афтокефалноста не е желба на неколкумина, туку е факт и духовна потреба на верниот македонски православен народ. Идејата за автокефалност не е од вчера, туку е континуитет на сите генерации православни Македонци од нејзиното укинување во 1767 г. со султаново ираде, па сé до денеска. Впрочем, во досегашните преговори, ниту еден претставник на СПЦ ни нема укажано на некаква духовна аномалија или незрелост на нашето духовно живеење и црковно уредување. 

5.Дали имaте впечаток дека некои владици би прифатиле таков широк автономен статус?

Би сакал да Ве повикам и Вас новинарите, но и македонскиот православен народ да имате доверба во своите архиереи и да Ве уверам дека македонските владици со сето срце ќе настојуваат да не биде понижен и повреден македонскиот православен народ. Црквата во Македонија опстоила и во потешки времиња, надминала и победила и потешки искушенија. Сигурен сум дека благодарение на Бога имаме доволно мудри, прекалени и искусни архиереи кои ќе смогнат сили и ова искушение да го победат и ќе умеат да го заштитат и нема да го изневерат од Бога доверениот им македонски православен народ.

6.Како гледате на иднината на македонското црковно прашање?

Искрено, би сакал недоразбирањата и црковните спорови да бидат минато. Од длабочината на душата посакувам оваа отворена рана на Светата Црква час поскоро да биде излечена. Ќе работам предадено, со целото свое битие, за уште поголем духовен развој и потемелна обнова на нашата духовна мајка Македонската православна црква. Го молам Бога да нé вразуми сите, конечно во љубов и почит да живееме како браќа, зашто само така ќе нé познаат дека сме Христови ученици. Стиховите, кои ги пееме на празникот на Рождеството Христово за мир на земјата и добра волја меѓу луѓето да станат наше секојдневие и реалност во претстојното ново лето Господово.

 

Митрополит Повардарски

†Агатангел (Станковски)

 

 
< Претходно   Следно >