Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Реакција на вчерашниот настан
12.05.2011.

Реакција на Митрополитот Повардарски Агатангел, во врска со случувањата на православните гробишта во Кавадарци

 Во врска со случувањата на 11.05.2011 год. на градските гробишта во Кавадарци, со обидот за извршување на опело од страна на некои самонаречени епископи и свештеници, а и во врска со подоцнежните обвинувања од нивна страна, упатени директно против нас, како Митрополит на Повардарската епархија, сакам да го соопштам следново:

На 10 мај 2011 година бев известен од старешината на храмот „Свети Димитриј“ во Кавадарци, дека некоја жена облечена во црна облека, бара преку него да дадам одобрение за извршување на опело, кое ќе го изврши некој таканаречен клирик од некоја си т.н. црква ПОА. Се разбира, знаејќи ги каноните на Светата Православна Црква, а впрочем, јас како епископ треба да се грижам за нивно чување и спроведување, не дозволивме да биде извршено такво опело од некои самозванци. Притоа се обидовме да ѝ  ги објасниме на жената не само каноните на Црквата, туку и законите на Република Македонија, во однос на извршување верски обред на нејзината територија. Од страна на жената во црно бевме вербално нападнати и ние и свештеникот со најпогрдни зборови. Имено, за да ѝ биде појасно на македонската јавност, дури и кога т.н. ПОА би била вистинска Црква, а не секта од артемиевски тип, сакам да посочам што велат каноните во врска со ваков канонски престап, т.е. мешање во туѓа епархија:

Во 33 Апостолски канон пишува дека, „не смее да се прима никoј туѓ епискoп, презвитер или ѓакoн без препoрачнo писмo“ а камоли самоволно да служи; во 35 Апостолски канон се вели, дека туѓ епископ не смее да ракополага (ни да богослужи) во туѓа епархија; 15 канон на Првиот вселенски собор забранува мешање во друга епархија; 2 канон на Вториот Вселенски собор, 8 канон на Третиот вселенски,  13, 21, 22 канон Антиохиски, 2, 3, 11, 15 Сардикиски, 11, 48, Картагински и многу други им забрануваат на епископите и клириците да ги погазуваат границите на својата епархија, да се мешаат во туѓи епархии, да богослужат без дозвола на надлежниот епископ, и да создаваат расколи и немири во народот.

Исто така покрај каноните според Законот за правната положба на Црква, верска заедница и религиозна група, во членот 18, став 3 пишува дека, верски обред може да организира и да извршува, само припадник на регистрирана верска заедница во Р. Македонија, а ако е некој од страна, тоа може да го стори само со дозвола на некоја од регистрираните верски заедници. Во истиот член 18, став 5 се наведува дека не е дозволено лажно претставување, злоупотреба на верски униформи и обележја на регистрирана верска заедница во ниту еден облик. Од она што можеме да го забележиме, за тоа како нè подучуваат каноните и законот за верски заедници, ако бев дозволил да се изврши опелото, со тоа ќе ги прекршев и каноните и законите на оваа држава. Бидејќи сега е сосема јасно што навистина се случуваше, сакам лично да изјавам како епископ, дека ние, Митрополитот Повардарски Агатангел, и покрај сите провокации, омаловажувања и клевети, должни сме да ги чуваме каноните на Светата соборна православна црква, Уставот на МПЦ и законските уредби на мојата сакана држава, Р. Македонија. Искрено и длабоко жалиме за покојниот наш брат од Кавадарци, чија смрт беше злоупотребена од припадниците на т.н. ПОА за себепромовирање и провокација на целиот македонски православен народ. Како христијанин и како православен владика се молам за спасение на неговата душа, та Господ Исус Христос, нашиот Спасител и Бог, да ѝ  подари Царство небесно.

Во врска со обвинувањата и провокациите од групацијата на Вранишковски, дека наводно ние сме го донеле обезбедувањето на гробиштата, сакаме да изјавиме дека ние, како Митрополит Повардарски Агатангел нема од кого да се плашиме, бидејќи живееме и дејствуваме за МПЦ, македонскиот народ и за мојата сакана држава – Р. Македонија. Обезбедување им треба единствено на предавниците, одродниците, платениците за туѓи интереси, кодошите и волците преоблечени во јагнешки кожи, кои се претставуваат како наводни „спасители“ на македонскиот народ. Тие постојано, во секоја прилика ја клеветат сопствената држава и својот народ, глумејќи дека се некакви жртви и маченици, а всушност станува збор за обични провокатори, кариеристи и платеници.

Неговата (на Вранишковски) „очајна група во распаѓање со артемиевско-секташки менталитет“ беше препознаена веќе одамна помеѓу нашиот клир, монаштво и верен народ, така што никој од МПЦ не преминува кај нив, а и оние кои ги имаа ги изгубија (клирици, монаси и верници), па во најскоро време очекуваме тоа да го увидат и браќата архиереи на СПЦ, и ќе ги препознаат како тумор на Телото Христово.

Го молиме Бога да го зачува единството и мирот на верниот народ во Македонија, а на отпадниците нека им даде освестување, покајание и вразумување.

 

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ

†Агатангел (Станковски)

 

 
< Претходно   Следно >