3.10.2025. |
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“, го подготви и го издаде своето најново издание, книгата „Воскресна преобразба“. Книгата ја преведе завршениот богослов и студент на Теолошкиот факултет, Бране Николов. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231 или пак да ни пишете на нашата е-пошта:
Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете
Цената на книгата е 150 денари. Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга. Што ја разделува светлината од темнината, радоста од тагата, животот од смртта, доброто од злото? На изглед далечни и спротивни, но сепак ги разделува само една тенка линија, еден збор, еден допир, и еден момент. Еден таков момент се покажал како пресуден во животот на Тома, главниот лик од оваа приказна која се граничи со фантастиката, иако е вистинска. Нормално, ништо не се случило случајно, туку тоа било за времето на Пасха, чиешто значење е премин, патување. Евреите го нарекле Пасха своето излегување од египетското ропство и патот кон ветената земја, слободата и радоста. Такво патување се случило и во душата на овој човек, кој се предал себеси потполно во рацете на духовниот Мојсеј, Исус Христос, и бил воден до местото каде што само Он можел да ја одземе неговата душа. Неговата душа, исчистена со најдрагоценото миро - солзите на вистинското покајание - и просветена со искрени намери, беше одведена на патот до враќањето во духовната Ветена Земја. Донел достојни плодови за покајание и станал налик на градот кој стој на гората. Тома Рисков, поранешен затвореник, некогаш голем убиец и страв и трепет кај населението, како втор Савле, се преобразил во жив проповедник на љубовта Христова, и постанал светител на својата земна татковина! Кој би го очекувал тоа и кој би се надевал на тоа? Што е невозможно за луѓето можно е за Бога. Бидејќи Он рекол: „Ги ставив пред вас животот и смртта... одберете го животот“ Приказната која следува се одликува со јасност и радува со својата едноставност, вистинитост и живост. Дури може да се каже дека потсетува на приказната за пророкот Давид, жената блудница која го помазала Господ, разбојникот на крстот, цариникот, Свети Павле и светата Марија Египетска. А што е по природно од тоа да се знае дека човечката душа е иста, дека Христос е ист и дека покајанието е исто! Читателот е заобиколен со приказната се до последната страница. Многу е тешко да се задржат солзите, особено ако читателот има слично искуство на покајание. А доколку немал, се молиме да го доживее, бидејќи додека има грев во светот на луѓето ќе им биде потребно покајанието. Маран ата; Дојди Господи! |
|
29.09.2025. |
На 28.9.2025 година, во Неделата по Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан – во сослужение со Нивните Високипреосвештенства, Митрополитите: Преспанско-пелагониски г. Петар, Повардарски г. Агатангел, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Григориј и Дебарско-кичевски г. Георгиј; со Неговото Преосвештенство, Епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким, како и со бројно свештенство од Скопската православна епархија – чиноначалствуваше на Осветувањето на велелепниот храм посветен на светите цар Константин и царица Елена, кој се наоѓа во срцето на градот Скопје. Повеќе информации на сајтот на Скопската епархија на МПЦ-ОА. |
|
29.09.2025. |
ФОТОГАЛЕРИЈА На празникот Воздвижение на Чесниот Крст - Крстовден, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот на светото Вознесение Христово во Велес.
|
|
26.09.2025. |
Излезе од печат 75-то издание на списанието „Православна Светлина“. И во овој обработивме многу нови душеполезни теми, од кои се надеваме дека читателската публика ќе пронајде поука. Се надеваме дека и овој празничен број на Православна Светлина ќе биде радосна вест за сите верници во Повардарската епархија, па и пошироко. Вашиот примерок од новиот број ќе можете да го земете во сите храмови низ Повардарската епархија. Линк до „Православна светлина“ бр. 75 |
|
24.09.2025. |
Повик на Митрополитот Повардарски г. Агатангел кон македонскиот православен народ На 05. 10. 2025 година, на денот кога Светата Македонска православна црква - Охридска архиепископија го чествува празникот на Сите Македонски Светители, во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес ќе се одржи традиционалниот Семакедонски православен христијански собор.  Семакедонскиот црковно-народен собор, почнувајќи од 1998 година, веќе дваесет и седум години по ред се одржува во првата недела од месец октомври, кога нашата Света Македонска православна црква го има востановено овој македонски црковен празник на кој се одбележува споменот на Сите Македонски Светители од сите епохи и векови. На овој благочестив ден за нашиот македонски народ, на едно место, во огромен број, масовно се собираат православните христијани од сите македонски градови од цела етничка Македонија, како и од сета поблиска или подалечна дијаспора. Првата недела од месец октомври не е случајно избрана. Во далечната 1958 година, од 4 до 6 октомври, во катедралниот храм на Охридските Архиепископи „Света Софија“ во Охрид се има одржано Вториот Црковно-народен Собор, на кој е донесена Одлуката за возобновување на Славната Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Токму во чест и спомен на овој исклучителен историски настан Светиот Архиерејски Синод на нашата Света Македонска Црква го има востановено чествувањето на овој Семакедонски празник. Македонските христијани, на овој величествен национален празник, со огромна радост во своите срца се сеќаваат на нашето славно и свето минато. На овој ден ги славиме големите духовни дела и достигнувања на македонските небесни застапници. На празникот на Сите Македонски Светители, македонскиот народ се потсетува и угледува на своите од Бога и од Црквата прославени и просветени предци. Тогаш Македонската Црква им благодари и им се поклонува на нашите славни сонародници кои за време на нивните животи, преку подвизи и разни себеодрекувања Христа Бога достојно Го прославиле во своите срца. Од Апостол Павле, па наваму, преку првата европска христијанка Света Лидија Македонка, преку Светите Седмочисленици, преку Светите отци наши од преродбенскиот период, па сè до Светиот Гаврил Епископот Велички од поново време, на земјата македонска се раѓале и живееле духовни великани кои надалеку го прославиле македонското име. Тие нам ни имаат оставено во наследство огромни спасоносни примери, кои ние во ова тешко и неизвесно време со силна вера и надеж во Господа имаме можност да ги примениме и надоградиме во нашите животи. На овој ден македонскиот народ го изразува и зацврснува своето единство и единомислие во православната вера. На овој начин сплотени, ние истовремено ја покажуваме и својата посветеност кон традиционалните христијански и евангелски вредности, кои во текот на илјадници години го чувале, го граделе и умудрувале овој народ. Христијанските вредности се основна нитка од нашиот македонски национален идентитет, тие се неизоставен дел од она што сме биле, што сме сега и што во иднина ќе бидеме. Затоа е важно да му го дадеме и да го истакнеме вистинското значење на овој Семакедонски Собор кој со својата накана и со својата содржина има за цел да го обедини македонскиот народ, кој со смирена молитва и преку правилен и доблесен живот вечно ќе го сведочи и ќе го чува Бога во нашите македонски срца. Се повикува целиот македонски православен народ масовно да земе учество и да го збогати со своето присуство Семакедонскиот православен христијански собор, кој на 05. 10. 2025 година ќе се одржи во Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Велес; - Пречек на Архиереите и почеток на Светата Архиерејска литургија - 08. 45 часот; - Чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, во сослужение на Архиереите на Македонската православна црква - Охридска архиепископија и на бројно македонско православно свештенство;
|
|
22.09.2025. |
ФОТОГАЛЕРИЈА На празникот на раѓањето на мајката над сите мајки, мајката од чија утроба се роди Спасителот на светот, која што прва го слушна гласот на ангелот како и довикува: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“, многуброен народ доаѓа да ги посети Божјите храмови низ целиот свет и со молитвено поклонение и молитви кон Божјата Мајка да го побара нејзиното застапништво пред престолот на Господ Бог, Исус Христос. Митрополитот Повардарски г. Агатангел на овој ден чиноначалствуваше со Архиерејската Божествена Литургија во Согленскиот манастир. |
|
|